Нашата борба не смее да се сведе само на зборови

Една од најмалку омилените теми за пишување меѓу новинарите сигурно се однесува на самото новинарство како професија, што е логично бидејќи постојано разговараме за него кога ќе се сретнеме со колеги, без разлика дали е на медиумски настан, во маркет, кафеана или каде било. Не е ни чудно, бидејќи постојано сме преокупирани со професијата во која не постои точно одредено работно време. Она од „девет до пет“ не значи ништо кога се останува во редакција додека не се затвори весникот. Се работи и на празници, слободните викенди се реткост, па и одморите се цепкаат и планираат внимателно за да може работата да функционира непречено и во ваше отсуство. Слободното време е колатерална штета на новинарството.
Често останувате будни доцна во ноќта за да подготвите содржина за следниот ден, може да ви се јави идеја и инспирација во секое време, па како запоседнати од некоја сила да станете од кревет среде ноќ, да го вклучите компјутерот и трескавично да напишете текст. Притоа, на сиот вложен труд, новинарот во печатен медиум ретко е во потполност задоволен од сработеното, ако е доследен на високите стандарди за квалитет на сопствената содржина што самиот си ги наметнува. А за беља, текстовите за кои сметате дека се најквалитетни, понекогаш воопшто не се читани… Сигурен сум дека многумина колеги ќе се препознаат во овие исповеднички редови.
Се вели дека во новинарството е најлошо кога самите ќе станете вест. И затоа сме принудени да размислуваме сѐ погласно за опстанокот и иднината на новинарството. За сегашната ситуација уште пред некоја година предупреди и ценетиот американски политиколог Ијан Бремер, кога истакна: „Исчезнуваат големите дневни весници каде што луѓето би читале и за она што не ги интересира, за да можат на работа да разговараат со луѓе што немаат исти интереси. И добиваме неинформирано население. Никогаш пообразовано, никогаш помалку информирано“.

И на овонеделниот 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа (СЕЕМФ), одржан во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во воведното обраќање, меѓу другото, ја истакна важноста на човечкиот лик и димензија на новинарската професија, укажувајќи дека медиумската слобода не подразбира само слобода на изразување туку и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност на новинарите. Сето ова со големо внимание го проследија и студенти по новинарство од регионот што учествуваа на форумот, чие само присуство и ентузијазам претставуваат охрабрување за иднината на новинарската професија.
Генералното искуство покажува дека ваквите платформи за дискусија на состојбите во новинарството се неопходни, но не се доволни сами по себе за унапредување на медиумската средина. Нивната вредност не треба да се оценува според усвоените декларации, туку според способноста да иницираат конкретни институционални, професионални и законски промени.

Клучната слабост на голем дел од овие иницијативи е отсуството на континуитет, механизми за следење и отчетност за спроведување на донесените заклучоци. Нивната иднина затоа треба да се темели врз принципот дека секоја ваква дискусија мора да произведе конкретна обврска со назначен носител и рок за спроведување, а секој следен собир треба да почне со оценка на постигнатото од претходниот. Добро е да се слушнат охрабрувачки пораки, но нашата борба не смее да сведе само на зборови.
Ние во нашата редакција затоа постојано го нагласуваме значењето на нашата сеопфатна општествена улога, да информираме, да едуцираме и да ја запознаваме јавноста со актуелни настани и случувања, да поттикнуваме критичко размислување и да ја контролираме работата на институциите. И, секако, да ги браниме националните интереси преку афирмација на македонскиот јазик, култура, традиција и да ја поттикнуваме националната свест.