Десеткратно зголемување на казните, кои би можеле да достигнат и до 200.000 евра, предвидуваат измените на Законот за забрана на нефер трговски практики. Новите законски решенија се очекува да бидат донесени во текот на следната година.
Министерот за економија Бесар Дурмиши денеска изјави дека Законот се применува веќе десет месеци и дава одредени резултати, но неговиот ефект не е на очекуваното ниво.
Измените се подготвуваат во координација со надлежните институции и претставниците на бизнис-секторот, при што сè уште постојат различни ставови за предложените решенија.
– Измените се работат со сите надлежни институции и бизнис-секторот. Имаме различни мислења, но ќе излеземе со конкретен став – истакна Дурмиши на денешниот брифинг со новинарите.
Со новите законски измени, покрај досегашниот опфат, ќе бидат опфатени и маркетите, односно трговските синџири, како и дистрибутерите.
Дурмиши најави и подготовка на нов Закон за угостителска дејност, со кој треба да се уреди работењето во овој сектор.
































