Министерот за здравство Сашо Клековски најави три приоритетни области за унапредување на јавното здравје, по отворањето на националната работилница посветена на прелиминарните наоди од анализата на есенцијалните јавно-здравствени функции.
На работилницата, Клековски учествувал заедно со претставникот на Светската здравствена организација, д-р Аким Али, и директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска.
Според прелиминарните наоди од анализата, земјава располага со основни предуслови за функционирање на системот за јавно здравје, вклучително институции, законска рамка, национални програми и стручни кадри. Сепак, главниот предизвик е нивното меѓусебно поврзување и координација.
Клековски посочува дека е неопходно да се работи на три клучни приоритети. Првиот е воспоставување интегриран здравствен информациски систем, кој ќе ги поврзе податоците од матичните лекари, болниците, лабораториите и Институтот за јавно здравје, со цел навремено откривање на здравствените ризици и поефикасно донесување одлуки.
Вториот приоритет е зајакнување на превентивната улога на Институтот и центрите за јавно здравје, со воспоставување континуитет од скринингот до дијагнозата и лекувањето.
Третиот се однесува на модернизација на законската рамка и воспоставување јасна координација меѓу институциите при справување со јавно-здравствени ризици.
– Не ни се потребни нови стратегии и документи, туку подобро организиран систем со јасни одговорности – порача Клековски.
Тој истакна дека од работилницата се очекува да произлезат конкретни и остварливи мерки, со прецизно утврдени надлежни институции, рокови за реализација и начини за мерење на постигнатите резултати.
Министерот упати благодарност до Светската здравствена организација за поддршката, како и до претставниците на институциите, академската заедница и граѓанските организации кои учествуваат во процесот.

































