Вечерва, со почеток во 20 часот, свечено се отвора „Кино ОК“ во Кавадарци со проекцијата на македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Публиката ќе има можност да го гледа овој филм в петок и сабота (20 и 21 ноември), со почеток во 19:30 часот.
Редовните кинопроекции во градот се враќаат како резултат на соработката помеѓу Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ и Институтот за филм и кинокултура „Синемак“. Во рамките на ова партнерство, „Синемак“ ќе придонесе со своите технички капацитети и долгогодишно искуство во градењето и развојот на кинопубликата. Дополнително, преку специјализирана обука, тимот на „Синемак“ ќе му пренесе на локалниот кадар практични знаења за сите аспекти на современото киноприкажување и менаџирање со киносала.
Следен чекор во оваа соработка е подготовката на салата во Домот на културата за целосна дигитализација според светските стандарди. Со поддршка на Општина Кавадарци, овој проект ќе се заокружи со инсталација на најсовремена киноопрема, што ќе овозможи кавадаречката публика да ги следи светските филмски хитови истовремено со нивните светски премиери.
































