Фото: Пиксабеј

Повод: Што значи воведувањето на можноста за формирање негативни берзански цени на струјата на организираниот пазар на електрична енергија во Македонија?

  • Воведувањето негативни цени на електричната енергија отвора нови можности за граѓаните и компаниите. А во комбинација со исклучително значајните тековни проекти на надлежните, веќе се зачекори по патот каде што се препознава реалниот потенцијал за поевтина струја со зголемувањето на домашното производство, стабилноста на системот, развојот на обновливите извори, вмрежувањето и конекциите, како и намалувањето на увозната зависност

Од вчера, 19 ноември 2026 година, на организираниот пазар на електрична енергија во Македонија се воведува можноста за формирање негативни берзански цени. Станува збор за нов пазарен механизам што веќе функционира на европските енергетски берзи, а со кој се овозможува во одредени часови електричната енергија да се продава и по цена под нулата. Иако на прв поглед звучи парадоксално, негативната цена на струјата е показател за промените што се случуваат на современите енергетски пазари. Таа најчесто се појавува кога производството е поголемо од потрошувачката, а можностите за складирање, извоз или намалување на производството се ограничени. За Македонија, оваа промена е повеќе од техничко приспособување на правилата на берзанското тргување. Таа отвора прашања за идниот развој на домашното производство, инвестициите во енергетиката, конкурентноста на индустријата и, можеби најважно за граѓаните, можноста во иднина електричната енергија да стане подостапна и поевтина.

Кога струјата може да има негативна цена?

Негативните цени се појава што станува сè почеста на европските пазари, особено со забрзаниот раст на производството од сончеви и ветерни централи. Најчесто се појавуваат во сончеви денови, кога фотоволтаичните централи произведуваат големи количества електрична енергија, а потрошувачката не е доволно висока за да ја апсорбира целата понуда. Слични ситуации се можни за време на викендите и празниците, кога индустриската активност е намалена. Во такви околности, производителите може да бидат подготвени да платат за пласирање на електричната енергија наместо да го запрат производството, особено ако тоа би им предизвикало дополнителни трошоци или технички проблеми. На пример, ако берзанската цена падне на минус 10 евра за мегават-час, продавачот, според условите на конкретната трансакција, плаќа 10 евра за секој продаден мегават-час. За купувачот, пак, тоа може да претставува можност да набави електрична енергија по исклучително поволни услови. Сепак, негативната цена не значи дека производителите секогаш ќе плаќаат за произведената струја, ниту дека потрошувачите автоматски ќе добиваат бесплатна електрична енергија. Економскиот ефект зависи од договорите, пазарниот модел, трошоците и начинот на кој се организира продажбата.

Домашното производство е клучот за поевтина енергија

Негативните берзански цени се важна новина, за долгорочната стабилност и достапност на електричната енергија. Но исто така за издвојување е и способноста за тоа колкави количества струја може да произведе државата од сопствени извори. Колку повеќе домашно производство има толку помала може да биде потребата од увоз на електрична енергија, особено во периодите кога регионалните пазари бележат високи цени. Поголемата понуда на домашниот пазар, во услови на соодветна побарувачка и функционална инфраструктура, може да создаде притисок за намалување на набавните и берзанските цени. Податоците од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека во 2024 година во земјава биле произведени 6.129 гигават-часа електрична енергија, а домашното производство покривало 88,97 проценти од бруто-потрошувачката. Увозот учествувал со 11,03 проценти. Особено е значајно зголемувањето на производството од фотоволтаичните централи. Во 2024 година тие произвеле 853 гигават-часа електрична енергија, што претставува раст од дури 186 проценти во споредба со претходната година. Овие податоци покажуваат дека домашниот енергетски сектор веќе минува низ структурни промени. Сè поголемото учество на обновливите извори создава нов производствен потенцијал, но истовремено ја зголемува потребата од систем што ќе може ефикасно да ја прифати, складира и распореди произведената енергија. Дополнителна потврда за значењето на домашното производство се и податоците на МЕМО за август 2026 година. Во тој месец трансакциите од домашно производство изнесувале 519 гигават-часа, наспроти 484 гигават-часа нето-потрошувачка. Домашното производство, според податоците на операторот, целосно ја покрило нето-потрошувачката во тој месец. Тоа не значи дека земјата во текот на целата година е енергетски независна, но покажува дека постојат периоди во кои домашните производствени капацитети можат целосно да ги задоволат потребите на потрошувачите. Токму тука се наоѓа и најголемиот простор за оптимизам: со нови инвестиции, модернизација на постојните централи и подобро управување со производството, Македонија може постепено да ја зајакнува сопствената енергетска позиција.

Повеќе производство значи помала изложеност на скапиот увоз

Зависноста од увоз е еден од факторите што ја прават домашната економија чувствителна на ценовните движења на регионалните и европските енергетски пазари. Кога домашното производство не е доволно да ги покрие потребите, недостигот мора да се надомести со набавка од странство. Доколку во истиот период цените на регионалните берзи се високи, тоа може да создаде дополнителен притисок врз трошоците на снабдувачите, компаниите и, посредно, врз крајните потрошувачи. Обратно, поголемото домашно производство може да ја намали потребата од такви набавки и да ја ограничи изложеноста на ценовните шокови од надворешните пазари. Секако, не е доволно само да се инсталираат нови производствени капацитети. Важно е струјата да се произведува во часовите кога е потребна, да постојат доволни преносни и дистрибутивни капацитети, како и можности за складирање и балансирање на системот. Во таа смисла, развојот на домашното производство треба да оди паралелно со инвестициите во батериски системи, хидроенергетски капацитети, мрежна инфраструктура и технологии за управување со потрошувачката.

Нови можности за индустријата и стопанството

За домашните компании, воведувањето негативни цени и поголемата динамика на берзанските цени може да донесат нови деловни можности. Индустриските потрошувачи што имаат флексибилни производствени процеси ќе можат подобро да го приспособуваат своето работење на часовите кога електричната енергија е поевтина. Компаниите што имаат можност дел од потрошувачката да префрлат во периодите со пониски цени би можеле да остварат значајни заштеди. Ова е особено важно за енергетски интензивните индустрии, каде што електричната енергија претставува значајна ставка во вкупните производствени трошоци. Новите пазарни услови отвораат простор и за развој на нови деловни модели. Батериските системи овозможуваат електричната енергија да се складира во часовите кога е евтина, а да се користи или продава кога побарувачката и цените се повисоки. За производителите на обновлива енергија, пак, ова значи дека покрај самото производство, сè поважно ќе биде и управувањето со времето на продажба, прогнозирањето на производството и комбинирањето на фотоволтаичните централи со системи за складирање. На тој начин енергетиката може да стане уште позначаен инвестициски и развоен сектор, а поевтината и посигурна електрична енергија да биде дополнителен фактор за конкурентноста на македонското стопанство.

Дали граѓаните ќе плаќаат пониски сметки?

Ова е прашањето што најмногу ги интересира домаќинствата. Одговорот е дека новиот механизам може да создаде услови за пониски цени во иднина, но не значи автоматско и непосредно намалување на сметките. Граѓаните што се снабдуваат преку универзалниот снабдувач „ЕВН Хоме“ плаќаат според регулиран тарифен модел, кој вклучува блокови за високата тарифа и посебна ниска тарифа. Овие цени не се менуваат секој час според движењата на организираниот пазар. Затоа, дури и ако на берзата се појави негативна цена, тоа не значи дека домаќинствата во истиот час ќе добијат бесплатна струја или дека нивната месечна сметка автоматски ќе биде пониска. Сепак, постои важна индиректна врска. Доколку ниските и негативните берзански цени, заедно со зголеменото домашно производство, придонесат за пониска просечна набавна цена на електричната енергија, тоа може да биде еден од факторите што ќе влијаат врз идните регулирани цени. Конечната сметка, сепак, не зависи само од цената на самата електрична енергија. Во неа се вклучени и трошоците за пренос и дистрибуција, мрежните услуги, пропишаните надоместоци и даноците. Поради тоа, евентуалното поевтинување на енергијата на берзата не мора во ист процент да се одрази врз крајната сметка. Но ако домашното производство расте, увозната потреба се намалува, а набавните цени стануваат поповолни, се создаваат реални економски предуслови и за поповолни цени за граѓаните.

Од нов пазарен механизам до долгорочна енергетска предност

МЕМО, како национален оператор на организираниот пазар на електрична енергија, воведувањето на негативните цени го образложува како дел од процесот на модернизација и усогласување на македонскиот пазар со европските стандарди. Пред почетокот на примената, операторот на 9 ноември организираше работилница за учесниците на пазарот, на која беа разгледани техничките, регулаторните и оперативните аспекти на новиот механизам. На 12 ноември беше објавено и дополнително стручно објаснување за неговото функционирање и влијанието врз пазарните учесници. Воведувањето на негативните цени е важен чекор, но вистинската придобивка ќе зависи од тоа колку успешно државата ќе ги искористи новите пазарни можности. Потребни се континуирани инвестиции во домашни производствени капацитети, модернизација на постојните електроцентрали, забрзан развој на обновливите извори, батериски системи и подобра поврзаност со регионалните пазари. Особено е важно да се создадат услови за поголема флексибилност на електроенергетскиот систем, бидејќи евтината струја произведена во одреден час има вистинска економска вредност само доколку може ефикасно да се искористи, складира или пласира.

Повеќе домашна струја, повеќе економска сигурност

Негативните цени не се гаранција за поевтина електрична енергија, но се сигнал дека енергетскиот пазар се менува и дека се отвораат нови можности за производителите, трговците, индустријата и потрошувачите. За Македонија, најважната долгорочна цел треба да биде зголемување на домашното производство, подобро искористување на сопствените енергетски ресурси и намалување на зависноста од увозот. Тоа е патот што може да донесе повеќе стабилност во снабдувањето, поголема предвидливост на трошоците за компаниите и подобри услови за идно намалување на цената на електричната енергија. Затоа, зад новите правила на берзата треба да се препознаат и пошироката економска порака и залагање на кое инсистира Министерството за енергетика. Имено, нивниот ангажман се идентификува со насоката дека Македонија сега ја зема шансата од земја што во одредени периоди зависи од увозот да се движи кон систем со поголемо домашно производство, пофлексибилна енергетика и поконкурентно стопанство. Таа можност се препознава, динамично се користи со проекти, инвестиции, добро планирање и ефикасно управување со енергетските капацитети. Во секој случај, очигледно е дека поевтината домашна струја за граѓаните и компаниите нема да биде само оптимистичко очекување, туку достижна цел кон која може да се гради реална нагорно-динамична економска стратегија. Е.Р.