Фото: „Нова Македонија“

Лансиран планот за достапно домување

  • Трошоците за домување зафаќаат повеќе од 40 проценти од расположливиот доход кај милиони Европејци, додека цените на станбените објекти во ЕУ се зголемиле за 69 отсто во период од десет години
  • За да се справи со кризата со домувањето, Европската Унија го лансира првиот Европски план за достапно домување, проследен со предлог за закон за достапно домување

Проблемот со домувањето и високите трошоци за домување е присутен и во високоразвиените земји, а многу од нив се соочуваат и со неможност за купување сопствен дом. Европскиот статистички центар „Евростат“ неодамна објави дека во текот на минатата година односот меѓу цените на станбените објекти и приходите во ЕУ бил за 6,8 проценти повисок отколку во 2015 година. Тоа значи дека во текот на овие десет години цените на домовите пораснале во однос на приходите на домаќинствата. Сепак, зад просекот на ниво на ЕУ, состојбите во поединечните земји значително се разликувале: овој однос се зголемил во 17 земји членки на ЕУ, додека во преостанатите десет се намалил.
Статистичарите откриваат дека во периодот од 2015 до 2025 година, Португалија забележала најголем пораст на односот меѓу цените на станбените објекти и приходите, и тоа од високи 60,8 проценти. Зад неа е Холандија со раст на цените од дури 34,3 проценти, па следуваат Унгарија со 26,5 отсто, Чешка со 25,8 проценти и Шпанија 24,5 отсто.
Спротивно на нив, во Романија е забележан најголем пад на односот меѓу цените на домовите и приходите на домаќинствата, и тоа од 42,8 проценти, по што следуваат Финска со -25,2 отсто и Бугарија со -16,2 отсто.

Голем раст на цените на становите

Трошоците за домување зафаќаат повеќе од 40 проценти од расположливиот доход кај милиони Европејци. Според податоците на „Евростат“, цените на станбените објекти во ЕУ, во просек, се зголемиле за 69 отсто во периодот помеѓу 2015 година и вториот квартал од 2026 година. Во некои земји членки цените се зголемиле повеќе од двојно, а продолжиле да растат и кириите, како и трошоците за енергија.
Во 2024 година 8,2 отсто од населението во ЕУ трошеле 40 проценти или повеќе од расположливиот приход на своето домаќинство за домување, при што највисоки стапки се забележани во Грција со 28,9 отсто и Данска со 14,6 отсто, додека најниски биле во Кипар со 2,4 отсто и Хрватска 3,7 отсто.
– Главни причини за прекумерното оптоварување со трошоци за домување се зголемените трошоци за домување, без разлика дали станува збор за кирии или за цени на станбените објекти, кои нагло растат во многу градови, во однос на скромниот раст на приходите, особено кај групите со пониски примања – објаснува д-р Хана Видмер од ЕТХ Цирих.
Досегашните анализи на „Евростат“ покажуваат дека висок процент граѓани живеат во изнајмени станови или во пренатрупани домаќинства.
– Во 2024 година 68,4 отсто од луѓето во ЕУ живееле во домови во сопственост на домаќинството, додека 31,6 проценти живееле во изнајмени станови. Исто така 16,9 отсто од луѓето во ЕУ живееле во пренатрупани домаќинства. Највисоки стапки се забележани во Романија, каде што 40,7 проценти од населението живеат во пренатрупани домаќинства. Следува Летонија со 39,3 отсто, додека најниски стапки се забележани во Кипар со 2,4 проценти и Малта со 4,4 отсто – покажуваат анализите на „Евростат“.

Народната банка со мерки за „зауздување“ на цените во Македонија

И жителите на Македонија се соочуваат со слични проблеми, при што цените на станбениот простор вртоглаво пораснаа, а ценовниот притисок и понатаму се чувствува. Недвижностите во третиот квартал според индексот на Народната банка пораснаа за 10,3 проценти, што е побавно во споредба со првите два квартала, но цените се далеку над можностите на граѓаните. Ова ја поттикна Народната банка да воведе ограничување на станбените кредити, да ги намали годините на отплата на кредитите за оние што купуваат втор или трет стан, не и за лицата што првпат купуваат свој дом.
Низ Европа, пак, изминатиов период беа организирани протести низ повеќе земји поради вртоглавиот раст на цените на кириите, но и на станбениот квадрат. За да се справи со кризата со домувањето, Европската Унија го лансира првиот Европски план за достапно домување (European Affordable Housing Plan), проследен со предлог за закон за достапно домување (Affordable Housing Act). Овие иницијативи комбинираат законодавни реформи, зголемување на инвестициите и заштита на најранливите групи, притоа почитувајќи ги надлежностите на националните и локалните власти.
– Достапното домување е еден од најитните предизвици со кои денес се соочуваат Европејците. Нашите дискусии на оваа специјална конференција потврдуваат дека не постои единствено решение за оваа криза. ЕУ, земјите членки и граѓанското општество мора да соработуваат за да го зголемат бројот на достапни станови, да ги поттикнат инвестициите и да ги заштитат оние што се најзагрозени. Домувањето значи многу повеќе од само покрив над главата. Станува збор за достоинство, сигурност и доверба во нашите општества – посочи Шејмус Боланд, претседател на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) при презентирањето на планот за домување.

Европа со построги правила за еднократните изнајмувања

Еден од плановите за надминување на состојбите е зголемување на понудата и побрза градба. Преку Европската стратегија за изградба на станови, ЕУ работи на поедноставување и дигитализација на административните процедури за издавање градежни дозволи. Воедно се планира поттикнување модерни методи на градба, реновирање и пренамена на постојните објекти, а за 2027 година е најавен и посебен пакет за поедноставување во домувањето.
Воедно е најавена паневропска инвестициска платформа, која ги здружува јавните и приватните инвеститори за финансирање одржливи и достапни станови. Дополнително, изменети се правилата за државна помош за да им се олесни на земјите членки директното субвенционирање на социјалното и достапното домување.
Меѓу мерките што се планираат е и регулација на краткорочното изнајмување и пазарот. Се предлага закон за достапно домување, кој ќе воведе рамка за дефинирање „области под станбен притисок“. Тоа им овозможува на градовите и државите полесно да воведат ограничувања за краткорочното туристичко изнајмување, како платформи од типот на „Букинг“ и „Ер-би-ен-би“, и да ги спречат пазарните шпекулации.
Планот предвидува и поддршка за ранливите групи и младите, со наменски инвестиции за изградба на студентски домови и поддршка за студенти од посиромашни семејства преку програмата „Еразмус+“. Истовремено, Комисијата предложи препорака за борба против станбената исклученост и бездомништвото кај децата, младите и семејствата.
Покрај европската рамка, поединечните земји членки и големите градови применуваат и сопствени интервенции. Неколку држави како Шпанија, Германија и Холандија имаат законски „плафони“ за висината на закупнините во зоните со најголем недостиг од станови. Одредени земји воведуваат повисоки даноци за недвижностите што стојат празни подолг период, со цел сопствениците да ги пуштат на пазарот за изнајмување или продажба. Дополнително многу влади нудат државни гаранции или директни субвенции за млади брачни парови и семејства при купување прв стан. Е.Р.