Американската воена кампања против Иран чинела околу 48,3 милијарди долари од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, изјави претставник на Пентагон пред американските сенатори во четвртокот, објави агенцијата „Анадолија“.
Артур Милер, номиниран за помошник-секретар на американската морнарица за финансиско управување и буџетски надзор, ја соопшти сумата на сослушувањето за неговата номинација пред сенатската Комисија за вооружени сили.
– Во таа сума се вклучени муницијата, трошоците за замена на опремата и оперативните трошоци – им рече Милер на сенаторите.
Во процената не се вклучени трошоците за поправка на американските воени објекти на Блискиот Исток што беа оштетени во иранските напади.
Одговарајќи на прашањата на сенаторот Ричард Блументал, Милер потврди дека тие дополнителни трошоци не се вклучени во процената и рече дека не располага со податок за тоа колку би чинеле поправките.
Војната почна на 28 февруари со американски и израелски напади врз Иран, а во април страните постигнаа договор за прекин на огнот.
Борбите меѓу САД и Иран подоцна продолжија откако преговорите западнаа во застој, и покрај тоа што двете страни во јуни потпишаа меморандум за разбирање.
































