- Да го оправдам насловот на колумната – денес е јасно дека Европа не може да излезе и да се ослободи од својата геополитичка инфериорност и сака да се наметне како цврст воен играч. Но што се случува со нејзиниот сојузник Америка, која трага по мировни решенија колку и да се тие во овој момент болни на изглед. Мирот треба да е големата човечка и хумана мотивација, инаку зарем ќе се уништиме заради суетноста?! Тоа е таа состојба што ја гледаме денес – Европа е накострешена кон Америка, како што е накострешена и настрвена кон Русија, па и кон Кина. Затоа ние
повикуваме – сакаме мир! Не за војна!
Колку и да звучи апсурдно прашањево, сепак, заслужува да размислиме дали такво сценарио е можно, значи Европа да влезе во војна со Америка. Не мора да биде буквално, но… и тоа е можно.
Што се случува деновиве во високата политика? Според еден угледен американски аналитичар, кој ексклузивно изнесе свој поглед за Фокс ТВ за самитот во Шенжен на претседателите на Кина, Русија и Америка, „светот го гледа новиот светски поредок“. Веќе е тука. Еееј, вака ли ќе изгледа новиот свет, зарем овие апсолутисти ќе бидат одговорни за светските прашања, е ехото на пораките од Кина што се слуша низ Европа. Можно е европскиот систем да не е во можност да ги декодира пораките испратени од новосоздадениот светски поредок, иако мораме да бидеме сигурни дека тој не е изграден во лего-фабрика. Тој што смета дека е тоа конструкција што може лесно да се урне не го разбрал новото време. Дали ние во Европа со нашиот евроцентризам сме осудени да живееме со наденати розови очила и да гледаме како новиот свет не нѐ рецка? Ај ние овде мали, Македонче, еј Македонче, постојано удирани по глава, ќе си речеме судбина, ама пак Франција, Велика Британија и Германија се сметаат за големи. Што ги снајде нив?
Ќе ги чекаме пораките од самитот на „тројцата кралеви“, но и без да го имаме крајот од состанокот, кој треба да заврши вечера, јасно е дека историјата е пред нас. Големите сили имаат големи народи, а големите народи мора да ги водат и големи лидери. Ако оваа равенка не се научила во европските училишни клупи, не е само жално туку е и трагично. Одамна се поставува прашањето – има ли во поновата историја Европа лидер? Сите вредни мисли, ставови, идеи, политики се од дамнина, од друго време. Што ќе му понуди и даде Европа денес на светот?
Еве што. ЕУ/Европа е во хаотична состојба, нападната и од улица, таа го чувствува гневот на народот, а го чувствува и товарот на огромната нелегална имиграција. Но катализаторот на сите овие проблеми е војната во Украина, која, сакала ние или не, допре до сите, допре и до нашите џебови, затоа што логично е дека некој треба да ја финансира таа веќе долготрајна војна. Војна стана клучниот збор во Европа, а војна значи смрт, масовна смрт, уништување, страдање, фрлена во оган цела генерација млади. Зарем Европа мора да уништи во војна уште една генерација млади?! Кој ќе ја крева утре славната Европа?
Постои Коалиција на подготвените од некои триесетина земји, меѓу нив е и Македонија, која е во некаков лабав воен сојуз кога станува збор за Украина. Таа коалиција повторно разгледува што и како со Украина, а главно прашање е да се финансира и понатаму украинската одбрана. Ветени се 45 милијарди евра заем за Украина и режимот на Зеленски. Тоа не се подарени пари, не, тоа се пари што утре Украинците ќе ги враќаат. Но тука сега се појавува еден историски момент што треба да се забележи – некои веќе велат дека е добро за овие пари и за украинското прашање да се разговара и со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, за таа да даде свој благослов. Па, плус да се работи на средба со Зеленски. Дали со ова се најавува големата француска транзиција во 2027 година. И што ако Ле Пен остане на сегашните ставови дека е доста војна и воена поддршка за Украина? Сарт имал одговор – „Без излез“, Европа во „non exitus“.
Од друга страна, Европа се мобилизира и на еден чуден начин, преку дијалог меѓу Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Енди Барнам, се бараат начини за поцврста соработка. Можно ли е враќање на Велика Британија во ЕУ? И за тоа се разговара, но таа одлука се чини е само пуста желба, лутање низ коридорите на новиот свет, барање некакво светло во тунелот и под Ла Манш.
Така изгледа новиот свет денес – Европа се подготвува за војна против Русија, додека Трамп, Путин и Си во Кина разговараат за глобалниот мир, за светските предизвици, за контрола на нуклеарното оружје, за отворање на коридорите, за човечка контрола на вештачката интелигенција, за Украина и за Тајван… Главното прашање што се поставува денес во Европа е како е можно западен лидер, значи Трамп, да разговара со апсолутисти како Путин и Си. Читајте внимателно – тоа се лидери, цврсти лидери, кои носат одлуки! Јас велам – бегај од култура што е склона кон ставање етикети, налепници, пикање се во еден кош, кој во суштина е полн со предрасуди. Само мала дигресија – ние прашувавме која генерација си, на пример матурант во некоја гимназија, а сега „лебелот“ е дали си некоја алфа или зед генерација. Што значи зед генерација, сите ли ги ставаме во една торба? Тоа е така направено со намера. Како што сите јазици ги напикаа во една „словенска торба“ за да им било полесно на западњаците да ги кројат политиките кон СССР.
Проверете го ова за јазиците, односно кога и како македонскиот јазик станал словенски, има доста податоци, може да пребарате и на речникот Вебстер, каде што стои класификацијата на јазиците.
Да го оправдам насловот на колумната – денес е јасно дека Европа не може да излезе и да се ослободи од својата геополитичка инфериорност и сака да се наметне како цврст воен играч. Но што се случува со нејзиниот сојузник Америка, која трага по мировни решенија, колку и да се тие во овој момент болни на изглед. Мирот треба да е големата човечка и хумана мотивација, инаку зарем ќе се уништиме заради суетноста?! Тоа е таа состојба што ја гледаме денес – Европа е накострешена кон Америка, како што е накострешена и настрвена кон Русија, па и кон Кина.
Да резимирам – самитот на АПЕК (организација на Азиско-пацифичкиот регион) беше важен, но историски стана со тројниот самит на најмоќните светски лидери. Сите имаа билатерални средби, си кажаа што имаат да кажат во четири очи, но седнаа и тројцата заедно. Една од главните пораки е „сакаме мир во Украина, сакаме да заврши војната“. Ало Брисел, слушате ли? Сакаме мир! Мир! Траен мир во Европа.
































