Триесет и пет години по донесувањето на Уставот, предизвикот пред нас е да го зачуваме и да го унапредиме постигнатото и да обезбедиме уставните принципи да заживеат во секојдневната институционална практика. Владеењето на правото не се мери само според бројот на донесени закони, туку пред сè според нивната примена, што е особено важно за земја со евроинтеграциски аспирации, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши.
Тој говореше на отворањето на научната конференција со повеќе панел-дискусии по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија. Конференцијата е во организација на Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државниот архив.
Гаши во обраќањето посочи дека за земја што се стреми кон членство во Европската Унија, интеграцијата не е само прашање на односите со институциите на ЕУ, туку пред сè процес на градење функционални институции, зајакнување на правдата, заштита на слободите и гарантирање на достоинството на граѓаните.
– Затоа Уставот треба да биде темел на стабилноста, инструмент за развој и ризница во која се чуваат основните вредности на државата – рече Гаши.
Според претседателот на законодавниот дом, годишнината е повод за сеќавање, но уште повеќе за преиспитување на работата на институциите.
– Имајќи предвид дека сме држава што се одликува со разни облици на разноликост, од нас се очекува континуирано да вршиме процена и преиспитување на односот меѓу државната и општествената реалност, од една страна, и уставноправното уредување на земјата, од друга страна. Не смееме да престанеме да си го поставуваме прашањето дали овој Устав и овие закони успеале да изградат кохезивна држава, општество кое има доверба во државните институции и граѓани кои се чувствуваат подеднакво застапени во државните институции. Иако имаме бројни примери кои покажуваат дека овие заложби биле мошне успешни, сметам дека никогаш не треба да ни недостига подготвеност за натамошно унапредување и подобрување – рече тој во обраќањето.
Гаши повика 35-годишнината да биде повод за обновување на заложбите за посилна демократија, поодговорни институции, поголема доверба во правосудството и постабилен соживот. Како што рече, државата не е само наследство што сме го добиле од претходните генерации, туку и наследство што им го оставаме на идните генерации.
Според претседателот на Собранието, централната тема на симпозиумот го надминува самото одбележување на 35-годишнината од државноста.
– Таа претставува повик не само до академската јавност, туку и до политичката елита, за одговорноста што ја имаме за да се потсетиме и да го евидентираме тоа што се случило во минатото, но и да размислиме за тоа што сме го направиле досега и да ја искористиме оваа можност за заедничка и отворена дискусија за вредностите што го одржуваат нашето општество обединето, како и за одговорноста што ја имаме кон идните генерации – истакна Гаши.
Тој посочи дека референдумот од 8 септември 1991 година и донесувањето на Уставот на 17 ноември истата година се два неразделни настана во современата историја на државата. На референдумот била изразена политичката волја на граѓаните, а со донесувањето на Уставот таа добила институционален израз.
– Со тој Устав, покрај политичкото прогласување на државноста, Македонија го дефинираше и својот државен идентитет и го зазеде своето место меѓу суверените, независни, демократски и социјални држави, станувајќи правна држава заснована на владеењето на правото, човековите слободи и права, политичкиот плурализам и евроатлантската определба. И кога ги разгледуваме овие два историски момента од перспектива на оваа 35-годишнина, секогаш имаме можност да размислиме дали и во колкава мера се остварени стремежите на генерацијата што ја создаде независна Македонија – рече Гаши.
Тој потсети дека во 1991 година, кога поранешна Југославија се распаѓаше низ воени конфликти, Македонија преку референдумот и Уставот успеа на мирен начин да ги постави темелите на својата независност.
– И кога беше потребно да се зајакне меѓуетничката кохезија и да се зачува мирот, како во 2001 година, таа исто така најде храброст и одлучност да го дополни Уставот, а тоа го направи и во 2018 година, кога беше неопходно да се направи големиот пресврт кон членството во НАТО. Во таа насока, мислам дека оваа храброст не треба да изостане ниту во иднина. Политичката и интелектуалната елита треба, без какви било надворешни поттикнувања и притисоци, да има храброст да го разгледува ова прашање како отворен систем, кој напредува, се развива и се приспособува на општествените промени, на европската перспектива и на зајакнувањето на општествената кохезија. Секако, овој процес треба да се разбере како дел од континуираниот развој и заложбите за изградба на држава во чиј центар е граѓанинот и неговото право на функционална држава – потенцираше Гаши.
Во овој контекст, додаде тој, Собранието има посебна одговорност.
– Како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, тоа е местото каде што политичките и општествените разлики треба да се изразуваат преку демократска дебата, компромис и институционално одлучување. Парламентот не треба да биде само арена на судири меѓу власта и опозицијата, туку тој треба да прерасне во простор за дијалог, одговорност и градење консензус за прашањата од стратешко значење за земјата – рече Гаши.
Поздравни обраќања на настанот имаат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорот на Државниот архив Димитар Богески и директорот на ЈНУ Институт за национална историја, проф. д-р Митко Панов.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан документарниот филм „35 години од донесувањето на првиот Устав на Република Македонија“, а ќе биде поставена и изложба на архивски документи.
На панел-дискусијата ќе говорат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која била членка на експертската група именувана од Владата за подготовка на нацрт-текстот на Уставот на Република Македонија, и Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието на Република Македонија и член на Комисијата за уставни прашања во 1991 година. Ќе говорат и Насер Зибери, поранешен потпретседател на Владата на Република Македонија и член на Комисијата за уставни прашања во 1991 година, проф. д-р Владо Поповски, почесен член на МАНУ и член на експертската група за подготовка на нацрт-текстот на Уставот, и Ламбе Арнаудов, пратеник во првиот состав на Собранието на Република Македонија, пренесува МИА.










































