Основното училиште „Круме Кепески“ – Кисела Вода, достојно го одбележа 13 Ноември – еден од најзначајните датуми во колективната меморија на нашиот град. По тој повод, учениците под менторство на наставничката по музичко образование, Гордана Арсовска, наставничките по македонски јазик, Татјана Пеливанова, Валентина Т. Стаматовска, Анета Јумбрукова-Алексова, наставничката по англиски јазик, Марија Дамчевска-Ристовска, и наставникот по историја, Дончо Лозановски, подготвија приредба за непокорноста, храброста и копнежот за слобода на оние чии имиња времето не ги заборава, туку ги врежува длабоко во секој здив на мирот што денес го уживаме. По интонирањето на химната на Република Македонија, директорката на училиштето, Павлина Трипуновска, заедно со продолжувачите на традициите на борците од НОБ, положи свежо цвеќе пред споменикот.
На приредбата учениците читаа рецитал, лични творби на македонски и на англиски јазик, а хорот и оркестарот настапија со музички композиции за градот Скопје.

Татјана Пеливанова, наставничка по македонски јазик

Вие ни пишувате

Тринаесетти ноември

Не паднаа тие за злато и богатство,
не тргнаа во борба за слава и царство,
туку за детски насмевки, за слободни зори,
за народ што на својот јазик ќе говори.

Нивните имиња времето не ги брише,
во секое срце нивниот подвиг дише.
По калдрма чекорел стравот безгласен,
а секој борец бил храбар и спасоносен.

И Вардар тој ден со солзи течеше,
а Водно со тага над градот ечеше,
и небото немо ги броеше раните,
додека земјата ги прегрнуваше паднатите.

О, мајко, кажи, како срцето не ти се сруши,
кога синот замина, судбината те задуши,
со последен бакнеж му ја испрати младоста,
а дома те чекаше болката наместо радоста.

А ти Скопје мое, граде со лузна и слава,
со историја тешка, но со исправена глава,
ти не ја доби слободата на дар,
ја плати со живот, со солзи и херојски жар.

13 Ноември, ден што вечно гори,
ден кога Скопје од пепелта проговори,
ден кога тишината со слобода се слеа,
а Македонија со гордост во солзи запеа.

И затоа денес, со наведната глава,
пред хероите стоиме со вечна слава.
Нека одекне гласот низ цела Македонија,
слободата е света, таа е наша историја!

Напишал: Лука Миновски 9-2 одд. ООУ „Круме Кепески“ – Кисела Вода
Менторка: Татјана Пеливанова