Фото: Александар Николоски/Фејсбук

Економската соработка меѓу земјите од регионот е повеќе од потребна за тие заеднички да настапуваат и да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на 23. Виенски економски форум.

Во објава на Фејсбук, Николоски посочи дека предизвик за земјите од регионот е да најдат начин за заеднички настап на европскиот пазар и да постигнат повисоко ниво на развој.

– Економската соработка на регионот е повеќе од потребна заради заеднички пристап и посилна конкуренција на глобалниот пазар. Предизвикот за земјите од нашиот регион е како заеднички да настапуваме на европскиот пазар, како да се натпреваруваме со конкуренцијата и како да постигнеме повисоко ниво на развој – наведе Николоски.

На форумот тој информирал и за развојните проекти што се реализираат во Македонија.

– Зборував за развојните проекти што ги реализираме во Македонија на коридорите 8 и 10, во висина меѓу 5 и 6 милијарди евра. Активно ја градиме пругата на источниот дел од Коридорот 8, додека во напредна фаза сме за почеток на градба на брзата железница на Коридорот 10 – наведе вицепремиерот.

Во делот на патната инфраструктура, тој посочил дека се работи на доизградба и модернизација на патниот Коридор 8, со автопати и експресни патишта.

– Наша цел е Македонија да стане вистинска крстосница на Балканот, каде што ќе се спојуваат бизнисот и економијата, и ќе придонесеме за зајакнување на безбедноста – наведе Николоски.

Тој оцени дека Виенскиот економски форум е можност за промоција на развојните политики на земјава, воспоставување нови контакти и привлекување потенцијални инвеститори.

– Виенскиот економски форум е одлична можност за промоција на нашите развојни политики, можност за нови контакти и потенцијални инвеститори. На Македонија ѝ требаат меѓународни пријатели, а токму преку овие форуми креираме нови форми на институционална соработка со нашите европски партнери – наведе Николоски.