Стартап-компанијата „Урса мејџор“ го претстави новиот систем за хиперсонични ракети наречен „хавок“ (HAVOC). Компанијата планира најголемиот дел од производството да го врши самостојно, изјави новоименуваниот извршен директор Крис Спањолети во неодамнешно ексклузивно интервју за „Брејкинг дифенс“. Според Спањолети, Соединетите Американски Држави располагаат со „многу различни варијанти на навистина софистицирано хиперсонично оружје“, вклучително и посебна категорија на помала муниција.
– Веруваме дека „хавок“ може да послужи како дополнување на двата краја од тој спектар: помеѓу високоспецијализираната, исклучително прецизна муниција и онаа што е многу евтина и се произведува во големи количества – вели Спањолети.
Системот „хавок“ во голема мера се заснова на ракетниот мотор „дрејпер“ на компанијата, кој има потисок од 2.000 килограми (околу 17,8 килоњутни) и моментно е во фаза на развој со финансирање од воздухопловните сили на САД. Како мотор на течно гориво, „дрејпер“ овозможува регулирање на потисокот – за разлика од моторите на цврсто гориво, кај кои горивото и оксидаторот се однапред измешани и не можат да се контролираат откако ќе бидат активирани. Покрај тоа, дизајниран е за побезбедно складирање во споредба со другите мотори на течно гориво, нудејќи можности за тактичко чување слични на оние кај моторите на цврсто гориво.
Како модуларен ракетен систем, „хавок“ може да се лансира од најразлични платформи, вели Спањолети. Како едностепена ракета од борбен авион или со дополнителни степени за намени како што е вертикалното полетување. Опишувајќи го како систем со „среден дострел“ (без да навлегува во детали), Спањолети додаде дека целта на компанијата е цената на комплетната подготвена ракета да биде под три милиони долари по единица. Оваа целна цена претходно ја наведе Бил Лаплант, поранешен шеф за набавки во Пентагон, имајќи ги предвид високите трошоци за новото хиперсонично оружје.

– Навистина е возбудливо, бидејќи флексибилноста овозможува извршување различни мисии во сите домени, вклучително и примени во вселената – рече тој.
Спањолети објасни дека погонскиот систем на „Дрејпер“ нуди одредена предност во споредба со другите хиперсонични системи, кои најчесто се јавуваат во форма на крстосувачки ракети или хиперсонични летала едрилици (glide vehicles), а сето тоа се заснова на едноставни физички принципи. Хиперсоничните крстосувачки ракети, како што е системот ХАЦМ на Воздухопловните сили, на пример, користат мотори што го користат атмосферскиот кислород (т.н. скремџет-мотори), што значи дека мораат да летаат во пониските слоеви на атмосферата. Погустата атмосфера, пак, создава големо количество топлина, што наметнува потреба од напредна и поскапа термичка заштита.
„Хавок“ нема таков проблем, според Спањолети, бидејќи може да оперира во горните слоеви на атмосферата, каде што не е изложен на толку високи температури – што овозможува заштеда на трошоците за термичка заштита. Што се однесува до системите од типот „лансирање и едрење“ (boost-glide), каде што леталото (како што е системот АРРВ на воздухопловните сили) мора да се транспортира со голем авион, на пример бомбардер, релативно компактните димензии на „хавок“ овозможуваат тој да се лансира од многу поширок спектар на платформи, објаснува Спањолети.
Хиперсоничното оружје – дефинирано како оружје што може да лета со брзини поголеми од пет маха – обично се одликува и со способност за маневрирање во завршните фази од летот, што го отежнува неговото пресретнување. Според Спањолети, „хавок“ нуди одреден вид маневрирање преку можноста за приспособување на потисокот: тој може да забрзува или да забавува, со што ги попречува обидите за негово соборување.

– Клучната разлика, според нас, е тоа што „хавок“ претставува приспособлив систем за лансирање. Не само што можеме да летаме брзо туку можеме и значително да го намалиме потисокот, искористувајќи ја можноста да не мораме постојано да бидеме во режим на полна моќност. Исто така, не мораме да се држиме до иста висина. Сето ова значително ја зголемува веројатноста за преживување, бидејќи го доведува непријателот во заблуда – вели Спањолети.
„Хавок“ би можел да има различни намени, смета Спањолети – од извршување напади, па сè до служење како цел при вежби на системите за одбрана за справување со други хиперсонични закани.
„Урса мејџор“ го промовираше моторот „дрејпер“ и како потенцијален погонски систем за вселенски пресретнувачи, во согласност со проектот „Златна купола (Golden Dome) на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, но Спањолети појасни дека „Хавок“ конкретно не се нуди за таа намена.
„Урса мејџор“ се надеваше дека ќе изврши лет со моторот „дрејпер“ до крајот на 2025 година, но одредени пречки – прекин на работата на владата, технички проблем пред лансирањето и лоши временски услови – го одложија летот. Спањолети изјави дека компанијата очекува летните тестирања да започнат „наскоро“. Развојниот процес опфаќа и изградба на леталото од страна на „Урса мејџор“, при што „хавок“ се наметнува како логично продолжение на таа работа.
Гледајќи кон иднината, Спањолети вели дека „Урса мејџор“ планира „мисии за усовршување“ во текот на следните 12-14 месеци, со цел развој на „хавок“, што ќе кулминира со „хиперсоничен пробен лет со дополнителен погон“. Доколку сè се одвива според планот, новиот проектил би можел да влезе во оперативна употреба пред крајот на деценијата.
Именувањето на Спањолети за главен извршен директор – позиција на која дојде од претходната улога како раководител на Секторот за системи со течно гориво во „Урса мејџор“ – претставуваше изненадување кога беше објавено на 19 февруари. Спањолети истакна дека неговиот фокус сега е насочен кон проширување на производните капацитети на компанијата и работа на реализација на производите што се во фаза на развој.

Фото: Принтскрин