Фото : Маја Јаневска Илиева

Експозитурата на „АЛТА банка“ АД Битола во Прилеп ќе започне со работа од понеделник, 16 ноември, со што дополнително се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на банката, пренесе МИА.

Од Народната банка информираат дека во прилепската експозитура клиентите кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат готовина во износ до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит.

Во функција остануваат и филијалите на „АЛТА банка“ во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, лоцирана во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие објекти клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други финансиски обврски.

Од 10 ноември клиентите на банката повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, како дел од мерките за олеснување на пристапот до средствата и овозможување непречено извршување на секојдневните финансиски трансакции.

Согласно утврдените ограничувања, клиентите кои поседуваат платежни картички можат да располагаат со средства до 15.000 денари неделно, додека за оние кои немаат картички лимитот изнесува до 20.000 денари во период од две недели.

Овие лимити се пресметуваат збирно за сите сметки што клиентот ги има во банката и се однесуваат на сите начини на плаќање и повлекување средства. Во нив се вклучени плаќањата со картички во трговските објекти и преку интернет, подигнувањето готовина од банкомати и на шалтерите во експозитурите, како и трансакциите преку електронското и мобилното банкарство.

Од Народната банка појаснуваат дека физичките лица можат без ограничување на износот да располагаат и со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“, доколку средствата се префрлени од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги.

Кога станува збор за компаниите, овозможена е исплата на плати, заедно со соодветните даноци и придонеси, за правните лица кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во банката.

Народната банка информира дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности со цел да им го олесни на клиентите пристапот до сопствените средства и да обезбеди непречено извршување на платежните услуги.