Фото: Твитер

Продолжувањето на преговорите за завршување на војната во Украина, финансиската поддршка за Киев и улогата на Европа во идниот мировен процес ќе бидат главните теми на неформалниот состанок на лидерите на Европската Унија, кој денеска ќе се одржи во Даблин.

На средбата, чиј домаќин е ирскиот премиер Михал Мартин, лидерите ќе разговараат и за обезбедувањето финансиска помош за Украина во текот на следната година. Според процените, на Киев ќе му бидат потребни околу 70 милијарди евра, пренесуваат ирските медиуми.

Една од клучните теми ќе биде и прашањето кој треба да ја претставува Европа доколку започнат сериозни мировни преговори со Русија.

Прашањето за потребата од единствен европски настап особено го актуелизираше италијанската премиерка Џорџа Мелони, која оцени дека преклопувањето на различните политички и безбедносни формати ја отежнува можноста Европската Унија да настапува со усогласен став.

Европската безбедност во моментов се разгледува во рамките на повеќе организации и иницијативи, меѓу кои НАТО, Европската Унија и таканаречената Коалиција на подготвените, што дополнително го усложнува постигнувањето заеднички позиции.

На состанокот лидерите за првпат подетално ќе разговараат и за прашањето на вештачката интелигенција, во услови на брзи промени и развој на оваа индустрија.

Неформалната средба во Даблин се одржува еден ден по Самитот на Европската политичка заедница. Лидерите на ЕУ ќе ги разгледаат и најновите информации за разговорите на американските пратеници со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.