Фото: ЕПА

СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

  • Со нетрпение очекуваме незаборавен настан, кој со вклучувањето на натпреварите за жени означува и чекор во нова ера, рече претседателот на турнејата Манфред Шиценхофер

Јубилејната 75. новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови има густ распоред и рекорден награден фонд од речиси 700.000 евра, објавија организаторите.
– Со нетрпение очекуваме незаборавен настан, кој со вклучувањето на натпреварите за жени означува и чекор во нова ера – рече претседателот на турнејата Манфред Шиценхофер.
Заедно со директорот за натпревари на Интернационалната скијачка федерација, Сандро Пертиле, претставници од четирите организациски комитети во германските Оберсдорф и Гармиш-Партенкирхен и австриските Инсбрук и Бишофсхофен ги информираа репрезентациите за актуелната состојба со планирањето и распоредот. Првпат во историјата на скијачки скокови најдобрите во женска конкуренција во светот ќе се натпреваруваат и на турнејата „Четири скокалници“. Натпреварите за жени се на програмата на 28 декември во Оберсдорф, на 31 декември во Гармиш-Партенкирхен, на 2 јануари во Инсбрук и на 5 јануари во Бишофсхофен, а за мажи на 29 декември во Оберсдорф, на 1 јануари во Гармиш-Партенкирхен, на 3 јануари во Инсбрук и на 6 јануари во Бишофсхофен. Почнувајќи од оваа зима, рефлектори се поставени на сите четири скокалници.
– Новоинсталираниот систем е поставен во Инсбрук од средината на септември, така што можеме да го организираме натпреварот под рефлектори, првпат во неговата историја. Ова ни дава значително поголема флексибилност отколку што сме имале во минатото – вели Макс Обергрубер, претседател на организацискиот комитет во Инсбрук.
Наградниот фонд за 75. турнеја „Четири скокалници“ се искачи на нов рекорден вкупен износ од 697.200 евра. Н.М.