Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, денеска ја обвини Европа и Европската комисија дека ги попречуваат напорите за постигнување мировно решение за војната меѓу Русија и Украина.
Рјабков оцени дека европските земји, иако презеле голем дел од товарот за поддршка на Украина, нивната политичка улога во актуелниот процес е, според него, „чисто деструктивна“.
Тој посочи дека европските престолнини се решени да продолжат со обезбедување воена и друга помош за Киев, што, според неговите зборови, создава илузии во Украина и ги отежнува преговорите.
-Европските престолнини, барем многу од нив, се целосно решени да продолжат со неограниченото пумпање секаков вид помош за Киев. Ова создава одредени илузии таму, во Киев. Со други зборови, овие престолнини и политичарите што го поставуваат тонот таму, како и Европската комисија, најмногу ги попречуваат преговорите и работат на нивно спречување – изјави Рјабков, пренесен од руските медиуми.
Осврнувајќи се на трилатералната средба меѓу претставници на Русија, Украина и САД, одржана на 10 и 11 ноември во Абу Даби, Рјабков рече дека руската страна презентирала конкретни идеи за решавање на конфликтот. Според него, Москва очекува тие предлози да бидат земени предвид од американската страна во подготовките за следната рунда преговори.
Тој нагласи дека американските претставници треба да покажат поголемо разбирање за, како што ја нарече, објективната реалност и да придонесат за изнаоѓање решение што би спречило нови отстапувања од евентуален договор и прекини во преговарачкиот процес.
Рјабков додаде дека на разговорите во Абу Даби Русија јасно ставила до знаење дека мировно решение за Украина не може да се постигне без воспоставување поширока безбедносна архитектура.
































