Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Лидерскиот самит во рамките на 31. Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (КOП31), што се одржува на 11 и 12 ноември во Анталија, Турција, пренесе МИА.

Божиновска е дел од државната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на меѓународниот собир на кој учествуваат лидери и високи претставници од 191 земја.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека во фокусот на самитот се глобалните политики и одлуки што ќе ја определат динамиката на енергетската и климатската транзиција. Учеството на министерката, како што наведуваат, овозможува следење на новите меѓународни насоки, размена на искуства и согледување можности за партнерства и инвестиции за трансформација на македонскиот енергетски систем.

За Македонија, климатските цели имаат особено значење во период кога државата се стреми да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80 проценти до 2035 година и да постигне климатска неутралност до 2050 година.

Остварувањето на овие цели во голема мера зависи од промените во енергетскиот сектор, меѓу кои зголемување на производството на енергија од обновливи извори, модернизација на електроенергетската инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност и обезбедување стабилно и достапно снабдување со енергија.

Од Министерството посочуваат дека присуството на самитот е можност националните енергетски приоритети да се разгледаат во контекст на глобалните политики, новите технологии и финансиските механизми. Особено важни се меѓународната поддршка и инвестициите за забрзување на енергетската транзиција, која треба да биде економски одржлива и да обезбеди сигурност за граѓаните и стопанството.

Лидерскиот самит во Анталија е посветен на преминот од преземените климатски обврски кон нивно конкретно спроведување. Според Министерството, учеството на Македонија во разговорите е значајно за вклучување во процесите на креирање на идните енергетски политики и искористување на можностите за меѓународна соработка.