Инспекциските служби во атинската населба Перистери заплениле 616,4 килограми небезбедно месо и месни производи во компанија за трговија со месо. Меѓу запленетите производи имало и 84 килограми замрзнато свинско месо со истечен рок на употреба од 30 мај 2025 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Од периферијата Атика информираат дека истата компанија и претходно била казнета поради утврдени неправилности. При повторната контрола, спроведена од инспектори на Дирекцијата за земјоделска економија и ветеринарство, повторно биле констатирани прекршувања.
Небезбедните производи биле пронајдени во продажниот простор, како и во просториите за ладење и замрзнување. Инспекторите заплениле свежо и замрзнато месо и месни производи со истечен рок на употреба, но и производи без пропишаната идентификациска ознака.
При претходната контрола, спроведена на крајот на април годинава, во истата компанија биле запленети 138,5 килограми замрзнато месо и месни производи без соодветна ознака.
Префектот на Атика, Никос Хардаљас, истакнал дека потрошувачите имаат право на квалитет и безбедност, а компаниите се должни да ги почитуваат пропишаните правила.
-Во Перистери, нашите инспектори повторно посетија бизнис на кој пред неколку месеци, по извршена контрола, му беше изречена парична казна. Овој пат, меѓу другото, открија 84 килограми свинско месо на кое рокот на употреба му бил истечен пред 17 месеци. Оној кој мисли дека со една инспекциска контрола завршил, се лаже. Нашите инспектори се враќаат – порача Хардаљас.
































