Одбележување на 82-годишнината од Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември
Во ноември 1944 година германската команда настојувала по секоја цена да го задржи Скопје како важна стратешка точка на Балканот и клучен комуникациски јазол за повлекување на своите сили од Грција кон север. Наспроти нив, македонските партизански единици, предводени од Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, подготвувале решавачки удар за ослободување на градот. Ослободителната операција започнала на 11 ноември 1944 година. Единиците на 42. Народноослободителна дивизија и Третата македонска ударна бригада ги нападнале германските одбранбени позиции на правецот Сопиште – Кисела Вода. По целодневни и исклучително тешки борби, македонските борци успеале да ја пробијат првата германска одбранбена линија на потегот Лисиче – Сопиште и Кисела Вода – Бел Камен. Во исто време, 50. Народноослободителна дивизија ја разурнала окупаторската фортификација кај Катланово и создала услови за продор кон Петровец и непосредно приближување кон градот.
Следниот ден, на 12 ноември, борбите се префрлиле на самите скопски улици. Градот станал вистинско бојно поле. Едни единици напредувале кон централното градско подрачје, додека други воделе жестоки судири околу Железничката станица, Поштата, Учителската школа и другите стратешки објекти. Особено крвави биле борбите околу мостовите на Вардар, кои фашистичките окупаторски војски биле подготвени да ги дигнат во воздух при повлекувањето.
Командантот на македонската војска, генерал-полковник Михајло Апостолски, подоцна сведочел дека во текот на ноќта меѓу 12 и 13 ноември се развиле исклучително жестоки судири. Некои од најважните објекти во градот, меѓу кои Народната банка и Поштата, повеќепати преминувале од раце во раце. Во своите спомени Апостолски посебно ја нагласува улогата на скопските ударни групи и илегалците што одлично ги познавале градската структура и окупаторските позиции, со што значително им помогнале на единиците што навлегувале во градот.
На 13 ноември германската команда сфатила дека одбраната на Скопје е неодржлива. Започнало повлекување на дел од окупаторските сили во правец на Качаник и Косово. И покрај употребата на оклопни единици, тие не успеале да ги извлечат сите свои сили од градското јадро. Голем број војници биле опколени, а дел заробени од македонските единици што веќе воспоставувале целосна контрола врз градот.
Сведоштвата на непосредните учесници најдобро ја доловуваат атмосферата од тие денови. Во дневникот на Шеснаесеттата македонска ударна бригада е запишано дека борците со огромно нетрпение го очекувале моментот на влегување во Скопје: „Партизаните со нетрпение го чекаа часот за тргнување. Појдовме со песна. Војниците не сакаа да се одморат, за да стигнат што поскоро во Скопје. Партизаните, кои цели три години не виделе град, сега маршираа слободно во својот роден град.“
И Ангеле Михајловски-Ѓаче, еден од директните учесници во ослободителните борби, подоцна ќе забележи дека окупаторот имал намера при повлекувањето да го запалат и разурнат Скопје, но во тоа биле спречени благодарение на брзото напредување на македонските единици. Особено впечатливо сведоштво оставила и Анѓа Џувалековска, првата репортерка на „Нова Македонија“ и учесничка во ослободителната борба. Опишувајќи ја храброста на ударните групи, таа запишала: „Бестрашни и смели, вооружени само со пушки и карабини, ударниците прескокнуваа преку ѕидови, претрчуваа преку улици и дворови и се фрлаа во огнот“. Таа ја запишала и реченицата што останала силно врежана во колективната меморија на генерациите: „Македонскиот борец се бореше бидејќи синџирите на ропството му отежнале, не можеше повеќе да ги гледа тие ‘културни’ вандали како му го разурнуваат градот!“
По дводневните улични битки, единиците на 42. и 50. Народноослободителна дивизија, како и Шеснаесеттата македонска ударна бригада, успеале целосно да го ослободат градот. Окупаторските сили зад себе оставиле минирани објекти, меѓу кои и Камениот мост, Железничката станица и други клучни инфраструктурни точки. Благодарение на брзата реакција на партизанските единици и помошта од локалното население, најголемиот дел од тие објекти биле спасени од уништување.
Веќе на 14 ноември 1944 година „Нова Македонија“ го објавила прогласот на Градскиот народноослободителен одбор во кој стоело: „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободено. Крвавиот германски фашистички окупатор е истеран од нашиот град.“ Д.Ст.
Документите и сведоштвата се најсилниот демант на обидите за фалсификување на историјата
Разбиен лажниот наратив за ослободувањето на Скопје
Години по војната, во бугарската историографија се појавиле обиди заслугите за ослободувањето на Скопје да им се припишат на единици од бугарската армија. Но документите, сведоштвата на непосредните учесници и извештаите на Главниот штаб на НОВ и ПОМ покажуваат поинаква слика. Според извештајот испратен до Врховниот штаб на Југославија, македонските единици веќе воспоставиле целосна контрола над градот, а потоа ги пречекале бугарските сили што доаѓале од правецот Куманово – Скопје.
Михајло Апостолски во своите мемоари е дециден дека бугарските единици не учествувале во самите борби за Скопје и дека не биле дел од оперативните планови за неговото ослободување. Во исто време, Радио Софија емитувало вести дека бугарски сили го ослободиле градот, што предизвикало силна реакција кај македонското воено и политичко раководство.
За тие случувања пишува и македонскиот генерал и првоборец Боро Чушкар, кој сведочи дека бил спречен обид за организирање парада на бугарски единици во веќе ослободеното Скопје. Според неговите мемоари, македонската команда недвосмислено ставила до знаење дека градот бил ослободен од македонските борци и дека никому нема да му биде дозволено да присвојува туѓа победа.
Така, ослободувањето на Скопје останува запишано како едно од најголемите дела на македонската Народноослободителна борба, извојувано со жртвата на илјадници борци и со поддршката на народот, кој четири години ја носел тежината на окупацијата. На 13 ноември 1944 година Скопје не добило само слобода. Тоа го добило правото да биде престолнина на слободна Македонија. Д.Ст.
































