РЕВИЈА НА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА ВО БЕЛГРАД
Од „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, филм што ја освои меѓународната филмска сцена, до наградуваните остварувања на Ѓорче Ставрески и Александар Поповски – втората Ревија на македонскиот филм од 12 до 14 ноември носи три дена современа македонска кинематографија во Белград.
– Македонската кинематографија во последните години постигнува исклучителни резултати на меѓународната филмска сцена. Нејзините автори освојуваат престижни фестивалски награди, нивните филмови добиваат меѓународни признанија и номинации, а одредени остварувања стигнуваат до најзначајните светски дистрибутери и публика. Сепак, и покрај овие успеси, македонскиот филм во Србија сè уште е недоволно присутен и недоволно познат за пошироката публика. Во тој контекст, од 12 до 14 ноември 2026 година, во Установата за култура „Пароброд“ во Белград ќе се одржи 2. Ревија на македонскиот филм во Србија, која носи избор на играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастерклас и придружна музичка програма – велат организаторите.
Во центарот на годинашната ревија е документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, остварување што стана еден од најзначајните меѓународни успеси на современата македонска кинематографија. Тамара го доживеа својот голем светски успех како авторка на веќе прочуениот филм „Медена земја“, кој беше номиниран за Оскар во две категории. По светската премиера на 82. Филмски фестивал во Венеција, „Приказната за Силјан“ го продолжи својот исклучителен меѓународен пат. Филмот освои две награди од Меѓународната документарна асоцијација – за најдобар долгометражен документарен филм и за фотографија, доби две номинации за Еми, а воедно е и официјален кандидат на Македонија за Оскар во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм. Инспирирана од македонската народна приказна за момчето Силјан, кое по расправија со својот татко се претвора во штрк, Котевска гради документарна приказна за македонскиот земјоделец Никола Цонев, неговото семејство, економската неизвесност и необичното пријателство што се развива меѓу човекот и повредениот бел штрк. Преку интимната приказна за човекот и природата, филмот отвора универзални прашања за опстанокот, припадноста, семејните односи и односот кон светот што се менува. Публиката ќе има можност да го погледне филмот и в сабота, на 14 ноември, да се сретне со Тамара Котевска и да разговара за нејзиното творештво и меѓународниот пат на нејзините филмски остварувања.
На програмата е и „Исцелител“, игран филм на режисерот Ѓорче Ставрески, црна комедија со елементи на општествена сатира. Преку необичната приказна за автомеханичар што се обидува да го излекува својот болен татко, филмот зборува за современото македонско општество, здравствениот систем и човечката потреба за надеж. Светската премиера ја имаше на фестивалот во Талин, беше прикажан на повеќе од 90 фестивали, освои низа меѓународни признанија и беше македонски кандидат за Оскар. По проекцијата, публиката ќе има можност да разговара со режисерот. Ѓорче Ставрески в петок, на 13 ноември, ќе одржи и мастерклас „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на еден од клучните елементи на филмското раскажување и авторскиот процес.
Вториот игран наслов е „Балканот не е мртов“, историска драма на режисерот Александар Поповски, со Никола Ристановски во главната улога. Според сценариото на Дејан Дуковски, со музика на Кирил Џајковски, филмот ги следи судбините на македонско семејство од Битола на преминот од 19 во 20 век, испреплетувајќи ги нивните животи со приказната за патувањето со „Ориент експрес“. Остварувањето носи спој на семејна драма, историски превирања и балкански идентитет.
Посебно место во програмата зазема блок од четири краткометражни филма: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески. Четири различни авторски ракописи, четири света и четири приказни што во кратка форма го постигнуваат она што често е најтешко во филмот – силно, прецизно и без непотребни објаснувања да ја погодат суштината. Овие филмови отвораат прашања за идентитетот, меѓучовечките односи, семејните очекувања, растењето и општествените норми, потврдувајќи дека и во кратката форма може да се создаде големо филмско дело. Меѓу авторите е и Ѓорѓи Унковски, кој подоцна постигна забележителен меѓународен успех со филмовите „Налепница“ и „Диџеј Ахмет“. Вториот на фестивалот „Санденс“ во 2025 година ги освои наградата на публиката и специјалното признание на жирито.
Програмата ќе биде збогатена и со проекции на архивски филмски журнали, кои нудат дополнителен поглед кон филмската и културната историја на Македонија, од кои многу никогаш досега не биле прикажани пред пошироката јавност. Ревијата ќе биде затворена в сабота, на 14 ноември, со музичка програма во изведба на џез-трио, со избор на филмска музика и композиции инспирирани од музичкото наследство на македонското поднебје. В.Д.
































