Фото: ЕПА

Истражување открива фасцинантно минато

Во светот се зборуваат приближно 7.500 јазици, при што англискиот, мандаринскиот, хинди, шпанскиот, арапскиот и францускиот се најчести, вклучувајќи ги и оние на кои им е мајчин и оние на кои не им е мајчин јазик. Но тоа е многу помалку од историски највисокиот број. Научниците користеле математичко моделирање и сознанија од антропологијата, лингвистиката и демографијата за да го проценат бројот на јазици што се користат глобално, кои датираат од пред околу 12.000 години до крајот на последната ледена доба, опфаќајќи го периодот наречен холоценска епоха. Тие идентификуваа период што ги опфаќа првиот милениум пред нашата ера и првиот милениум од нашата ера, кога човештвото зборувало десетици илјади различни јазици.
Според научниците, таа лингвистичка „златна доба“ била потисната од експанзијата на големите империи во антиката и од европскиот колонијализам во последните неколку века.
– Јазиците се важни за нивните заедници. Тие носат знаење, асоцијации и сеќавања – вели Клер Бауерн, професор по лингвистика и антропологија на Универзитетот „Јејл“ во Конектикат и раководител на студијата објавена во списанието „Сајенс“.
Научниците користеле податоци од 171 постојна ловџиско-собирачка група во Африка, Јужна Америка и Југоисточна Азија за да ја проценат големината на етнолингвистичките групи, од кои секоја претставува посебен јазик, близу почетокот на холоценот. Тие го примениле ова на процените за човечката популација во тоа време. Луѓето биле расфрлани во мали групи низ целиот свет живеејќи како номадски ловџиско-собирачки групи сè додека земјоделството не се развило и не воспоставило постојано насилство и посложени култури. Научниците процениле дека овие расфрлани популации зборувале можеби од 4.500 до 6.200 јазици пред околу 12.000 години.
Како што глобалното население постепено растело во текот на следните милениуми и како што се менувало општеството, бројот на јазици се зголемил.
– Ситуацијата кога населението се зголемува и се занимава со земјоделство создава седечки заедници и е идеална за негување многу помали јазици – вели Бауерн.
Голем број јазици се појавиле и ги снемало, вклучувајќи ги сумерскиот, хетитскиот, акадскиот и етрурскиот, разни јазици што се користеле во Стар Египет и во Стара Кина, како и некои африкански јазици. Бауерн, исто така, нагласува дека старите јазици можат да се развијат во нови јазици, како што е латинскиот, јазикот на Старите Римјани, кој се трансформирал во француски, италијански и шпански јазик во вековите по падот на Западното Римско Царство во 476 година. Колонијалните сили честопати воделе лингвистички империјализам. На пример, Англија ја заострила својата политика против ирскиот јазик во Ирска, Шпанија ги забранила домородните јазици во Америка, а Португалија ги забранила домородните јазици во Бразил. Франција го пропишала како официјален францускиот јазик во своите африкански колонии, а Јапонија го потиснала корејскиот јазик во Кореја.
Некои јазици успеале да преживеат. Јазиците на Инките, Маите и Ацтеките ги преживеале шпанските обиди за потиснување. Околу половина од јазиците што се користат денес се сметаат за загрозени. Бауерн вели дека „90 проценти од светското население зборува 10 проценти од светските јазици, така што има многу јазици со малку говорници и знаковни јазици“.