фото: Официјална фејбук-страница на Интерпол

Во меѓународна полициска операција координирана од Европол, уапсени се 354 лица осомничени за продажба и купување нелегална стока преку таканаречениот „дарк веб“. Во акцијата биле запленети повеќе од 210 милиони евра во готовина и криптовалути.

Како што соопшти Европол, операцијата под кодно име „ТорНадо“ се спроведувала од мај 2025 до октомври 2026 година, со учество на полициски и други надлежни служби од 14 држави. Во рамките на операцијата биле извршени стотици претреси на различни локации ширум светот.

Најголем број апсења биле извршени во САД, каде што биле приведени 132 лица. Следуваат Обединетото Кралство со 59 уапсени, Унгарија со 45 и Германија со 41 лице. Во Словенија биле уапсени 11 лица.

Осомничените биле идентификувани по затворањето на пет големи пазари на „дарк веб“. Истрагата била насочена кон продавачи и купувачи кои за трговија со нелегална стока користеле интернет-форуми, онлајн продавници на индивидуални продавачи и шифрирани сервиси за размена на пораки.

Во европските земји биле запленети вкупно 950 килограми различни видови дрога, меѓу кои амфетамини, кетамин, МДМА, канабис и кокаин. Запленети биле и повеќе од еден милион таблети и лекови што се издаваат на рецепт, 57 парчиња огнено оружје и муниција, како и повеќе од 60 милиони евра во готовина и криптовалути.

Во САД, пак, биле запленети повеќе од 4,8 тони дрога, 152 парчиња огнено оружје и финансиски средства во готовина и криптовалути во вредност поголема од 150 милиони евра.