Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека не може да се изгради траен мир во свет кој се соочува со сè потешки последици од климатските промени и во кој природните системи се под постојан притисок.
Во завршниот говор на Конференцијата на ОН за климатски промени – КОП31, што се одржува во Анталија, Гутереш порача дека климатската криза директно ги загрозува напорите за искоренување на сиромаштијата, обезбедување подобра иднина за младите и постигнување глобална правда, пренесе „Гардијан“.
– Не можете да ја искорените сиромаштијата ако климатските катастрофи постојано ги враќаат луѓето во сиромаштија. Не можете да им ветувате на младите подобра иднина ако ги уништувате природните системи од кои зависи таа иднина. И не можете сериозно да зборувате за правда ако оние кои најмалку придонеле за оваа криза се првите и најтешко погодени од нејзините последици – истакна Гутереш.
Тој нагласи дека во текот на својот мандат секогаш се трудел отворено да зборува за опасностите од климатските промени, дури и кога предупредувањата биле непријатни или наидувале на отпор.
– Се обидував да ја кажувам вистината за климатските промени. Понекогаш таа вистина била непријатна, а понекогаш била непожелна. Мојата одговорност никогаш не била да ги направам фактите поприфатливи, туку да ја кажам вистината врз основа на науката, особено кога е тешко да се соочиме со неа – порача генералниот секретар на ОН.
Гутереш со ова уште еднаш ја нагласи поврзаноста меѓу климатската стабилност, социјалната правда и глобалниот мир, предупредувајќи дека последиците од климатските промени најтешко ги погодуваат заедниците кои имаат најмала одговорност за нивното предизвикување.
































