Европска политичка заедница – голема сцена, малку конкретни резултати
- Деветтиот самит на Европската политичка заедница во Даблин ги отвори прашањата за безбедноста, војната во Украина, енергетиката и за европската конкурентност. Но зад големата дипломатска сцена сè погласно се поставува дилемата за вистинската смисла и за иднината на овој формат
Во Даблин во четвртокот се одржа деветтиот состанок на Европската политичка заедница, на кој повеќе од 50 делегации, односно околу 500 учесници од европските земји и меѓународните институции, се собраа под мотото „Европа: силна, безбедна и поврзана“. Самитот, чиј домаќин беше ирскиот премиер Михол Мартин, а копретседавач претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претставуваше едно од најголемите дипломатски собирања во историјата на Република Ирска.
Програмата опфати пленарни сесии, две тематски тркалезни дискусии, билатерални средби и разговори на лидерите за најголемите предизвици со кои се соочува европскиот континент. А предизвици, се чини, не недостигаат.
Безбедноста повторно во прв план
Во центарот на разговорите беа руската војна против Украина, европската безбедност, хибридните закани, сајбер-нападите, странското мешање во демократските процеси, но и прашањата за енергетската независност, технолошките иновации и економската конкурентност.
Особено внимание привлече прашањето за улогата на Европа во евентуалните преговори за завршување на војната во Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно инсистираше дека Европа мора да биде непосредно вклучена во разговорите за иднината на неговата земја, но и за сопствената безбедност.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека безбедноста на европскиот континент е заедничка одговорност и дека Европа не може да разговара за својата безбедносна архитектура без сопствено учество. Тој ги повтори и принципите за суверенитетот на државите, неповредливоста на границите и територијалниот интегритет.
Ирскиот премиер Михол Мартин, сумирајќи ги разговорите, ги издвои четирите главни пораки од самитот: продолжување на поддршката за Украина, посилна соработка во справувањето со хибридните закани, искористување на технолошкиот развој за зајакнување на европските иновации и обезбедување чиста и достапна енергија за граѓаните и компаниите.
Се разговараше и за потребата од поголема отпорност на демократските институции, борбата против дезинформациите и странското влијание, како и за подобро поврзување на европските економии.
На хартија, темите се сериозни, пораките се силни, а заедничките определби звучат охрабрувачки. Но тука некаде почнува и старата европска приказна, едно да се договара на самитите, а потоа сосема нешто друго да се прави.
Уште еден самит, уште една голема фотографија
И покрај големиот број учесници и амбициозната агенда, Европската политичка заедница не ужива некаква особена популарност меѓу оние што внимателно ја следат европската политика. Напротив, во дипломатските кругови сè почесто се поставува прашањето дали овој формат навистина ја оправдува својата цел и дали воопшто има потреба од него.
Некои од добро упатените дури се надеваат дека Европската политичка заедница ќе згасне откако францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше главниот иницијатор на нејзиното создавање, ќе ја напушти функцијата.
Идејата беше лансирана во 2022 година, во период кога Европа, по избивањето на војната во Украина, бараше нов начин за политичко поврзување на континентот. Замислата беше едноставна и на прв поглед привлечна, на иста маса да седат членките на Европската Унија и државите што не се дел од неа, заедно да разговараат за безбедноста, стабилноста, енергетиката, миграцијата и за заедничката европска иднина.
Но токму во таа широчина можеби се крие и најголемата слабост на овој проект. Имено, Европската политичка заедница нема вистинска институционална моќ, не носи обврзувачки одлуки, нема механизам за спроведување договори, ниту располага со инструменти со кои би можела да ги натера учесниците да преземат конкретни чекори.
Прашањето што се наметнува е што всушност добиваат државите од овие средби? Од веќе виденото, тоа е уште една можност да се ракуваат, да разменат пораки, да направат заедничка фотографија и потоа секој да си замине по својот пат.
Европа веќе ги има Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, голем број регионални иницијативи и билатерални формати. Со создавањето на Европската политичка заедница доби уште една платформа, но не и јасен одговор на прашањето што таа може да направи, а што другите организации не можат.
Проект на Макрон со рок на траење?
Истите европски добро упатени извори ја наметнуваат дилемата дали Европа навистина имаше потреба од нова политичка институција или само од нова сцена на која нејзините лидери ќе можат да се појавуваат и да испраќаат пораки?
– Тоа прашање станува уште поинтересно ако се има предвид дека иднината на овој формат во голема мера се поврзува со политичката иницијатива на Макрон. Ако со неговото заминување од Елисејската палата почне да се губи и интересот за Европската политичка заедница, тогаш ќе биде тешко да се тврди дека станува збор за долгорочна европска потреба. Тоа повеќе би личело на проект што ја преживеал политичката амбиција на својот творец само онолку колку што имало интерес за негово одржување – велат упатените.
За земјите од Западен Балкан, се разбира, оваа платформа има и поинаква димензија. Можноста нивните лидери да седат на иста маса со претседателите и премиерите на најмоќните европски држави, да разговараат за безбедноста и иднината на континентот, несомнено има политичка и симболична вредност. Прашањето што се наметнува е дали тоа е вистинска политичка интеграција или само убаво спакувана замена за вистинското проширување на Европската Унија.
– Колку и да се зборува за европско семејство, заеднички вредности и поврзан континент, земјите од регионот и натаму се соочуваат со затворени врати, нови услови и политички блокади на нивниот европски пат. Европа, всушност, не страда од недостиг од самити, конференции и платформи за разговор, туку нејзиниот проблем е многу подлабок, а тоа е недостигот од политичка волја да се спроведе она за што нејзините лидери постојано разговараат. И затоа, по секоја ваква средба, останува истата дилема околу тоа дали европските лидери навистина ја градат иднината на континентот или само се обидуваат да остават впечаток дека нешто прават додека вистинските проблеми продолжуваат да чекаат решение – констатираат дел од регионалните аналитичари.
Сиљановска-Давкова: Европа не може без Западен Балкан
На самитот во Даблин учествуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која настапи на панел-дискусијата посветена на градењето поконкурентна Европа преку иновации, поврзаност и достапна енергија. Нејзината главна порака беше дека Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан, регион што не е надвор од европската приказна, туку нејзин историски, инфраструктурен и безбедносен дел.
Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека современата конкурентност повеќе не зависи само од капиталот, големината на пазарите или цената на работната сила, туку од способноста да се поврзат знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и луѓето. Токму поврзаноста, според неа, станува економска неопходност, безбедносен императив и политичка одлука.
Особено интересна беше нејзината оцена дека Европа и Западен Балкан се „систем на поврзани садови“, во кој случувањата во едниот дел неизбежно се одразуваат врз другиот. Оттука, прашањето не е само како регионот подобро да се поврзе со Европа туку и дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со простор што се наоѓа на пресекот на нејзините стратешки правци, енергетски коридори, пазари и човечки потенцијал.
– Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена што не ја плаќаат институциите, туку граѓаните – порача претседателката.
Таа се осврна и на енергетската безбедност, предупредувајќи дека зависноста од ограничен број извори и правци на снабдување може да прерасне во сериозна стратешка ранливост. Затоа, диверзификацијата, поврзувањето на енергетските системи и технолошкиот развој ги посочи како предуслови за поголема независност на европските држави.
Во нејзиното излагање беше нагласено и дека зелената транзиција не треба да се доживува како судир меѓу одржливоста и конкурентноста, туку како можност за технолошки иновации, индустриска обнова и економска отпорност.
Пораката од Даблин, барем од македонска перспектива, е јасна: Европа не може да зборува за поврзаност, конкурентност и заедничка безбедност, а истовремено да држи дел од сопствениот континент на политичка дистанца. Прашањето е само дали зад ваквите декларации ќе следуваат и конкретни чекори или Западен Балкан повторно ќе остане на добрата страна од говорницата, но на чекање пред европската врата.
С.Т.
































