Цените на бензините од вечерва на полноќ се намалуваат за два денара за литар, а дизелот поевтинува за 2,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 2,43 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 е 84 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 86 денари за литар, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 92 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ, малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за три денари за литар и ќе изнесува 100,5 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС се намалува за 0,998 денари за килограм и ќе изнесува 48,314 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека, во споредба со претходната пресметка, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар се намалени во просек за 7,484 отсто кај бензините, за 4,032 отсто кај дизелот, за 4,478 отсто кај екстра лесното масло и за 3,253 отсто кај мазутот. Курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,5039 отсто во споредба со курсот користен при претходната пресметка.
Во одлуката на РКЕ е применета намалената стапка на ДДВ од 10 отсто за ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), утврдена со одлука на Владата. Применето е и намалување на акцизата за еден денар за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и за четири денари за литар кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V).
































