Фото: Африм Гаши/Фејсбук

На 18 ноември ќе продолжи седницата за опозициски пратенички прашања, што беше прекината на 12 ноември, по што ќе продолжи и работата на 130. собраниска седница, најави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши по координацијата со координаторите на пратеничките групи.

– Значи, се договоривме пратеничките прашања да продолжат. Прво ќе ги продолжиме пратеничките прашања на седницата што беше прекината, па потоа ќе одиме со седницата – рече Гаши.

Осврнувајќи се на дилемите околу прекинатата седница за опозициски пратенички прашања, Гаши потенцираше дека постоеле различни толкувања на Деловникот во однос на тоа дали паузите треба да се пресметуваат во предвидените два часа за поставување прашања.

– Има две одредби во Деловникот што укажуваат на тоа дека паузата се пресметува во рамките на седницата за пратенички прашања. Првата се однесува на тоа кога треба да заврши расправата. Тогаш не можеме да ги сметаме паузите. На пример, буџетот се носи пет дена, ребалансот три дена, а расправата за некоја интерпелација трае до 12 часот навечер. Кога има јасна одредба во која се вели два часа, тогаш тие два часа се предвидени. Второ, се вели дека пратеничките прашања започнуваат по утврдувањето на дневниот ред. Дневниот ред беше утврден во 11:30 часот и од тогаш почнуваат да течат тие два часа. Сега, ако не ги користите за пратенички прашања, нормално, паузата ќе ви ги истроши. Третата причина е што министрите што ги викаме за пратенички прашања знаат дека се предвидени два часа и планираат да бидат тука во тој период. И четврто, традицијата. Значи, во овие две и пол години, откако почна да се применува овој институт, пратеничките прашања секогаш почнувале во 11:00 или во 11:30 часот и завршувале во 13:30 или во 14:00 часот. Но, штом опозицијата имаше поинакво мислење, односно различна интерпретација, мислам дека имаше слух и од мнозинството. Се договоривме да не ја сметаме паузата, но и да бидеме внимателни, особено опозицијата да не бара пауза за да не си го крати своето време. Значи, се договоривме така некако џентлменски да внимаваме во иднина. Ако има пауза, ќе гледаме таа да не се смета во тие два часа. Но, дотогаш такви беа размислувањата и одредбите во Деловникот – рече тој.

Во врска со присуството на министрите на седниците за пратенички прашања, претседателот на Собранието оцени дека состојбата е подобрена во споредба со претходните години.

– За време на опозициските прашања точно се знае за кој министер ќе се постави прашање. На пример, првото прашање требаше да го постави Јован Митрески и точно се знаеше кој треба да биде во салата. Тие двајца беа во салата, другите не мора да седат тука. Министрите треба да бидат во салата, но ако се поставуваат три прашања до тројца министри или до еден министер, другите знаат дека тие 20–30 минути се слободни. Мислам дека не треба да ги држиме како заложници. Присуството на министрите на пратеничките прашања е многу подобро отколку што беше порано. На последните неколку седници, и за редовни и за опозициски пратенички прашања, 99,9 отсто од министрите се тука, освен кога има објективни причини за отсуство – изјави Гаши.

Осврнувајќи се на забелешките од Европската комисија за зачестената употреба на скратени постапки за донесување закони, Гаши рече дека како претседател на Собранието повеќепати укажувал на потребата од поширока дебата.

– Сме разговарале и со премиерот и со министрите. За жал, се случува бројот на предлози што доаѓаат од Владата по скратена постапка да се намали, но да се зголеми бројот на такви предлози од пратениците, што исто така не е добро. Сепак, мислам дека дебатата се подобрува и дека повеќето суштински закони доаѓаат во редовна постапка – рече претседателот на Собранието.

За надзорната расправа за „Алта банка“, претседателот на Собранието рече дека таа била организирана во најкус можен рок и дека понатамошниот тек зависи од Комисијата за финансирање и буџет.

– Битно е што ние како Собрание, а мислам дека и сите политички партии беа согласни, ја организиравме таа надзорна расправа во најбрз можен рок. Мислам дека е добро што почна тој процес и што многу ставови се разјаснија – рече Гаши.

Во однос на Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, тој изјави дека, според информациите со кои располага, на политичко ниво се разговара за предлозите за заклучоци што ги доставиле родителите на настраданите.

– Што се однесува до Анкетната комисија за Кочани, имам најава дека родителите пратиле некои предлози за заклучоци. Се разговара на политичко ниво. Според најавите што ги имам од контактите со политичките партии, оптимист сум дека многу брзо ќе имаме решение во рамките на постојаната анкетна комисија. Прво е таму заглавено, треба тие заклучоци да се донесат. Тоа ќе отвори простор и за другите – рече тој.

Во однос на Кривичниот законик, Гаши истакна дека предлогот сè уште е во владина процедура и дека Собранието не располага со конечниот текст.

– Не сум точно запознаен. Како што знаете, Кривичниот законик е сè уште во процедура пред да стигне во Собранието. Се надевам дека, штом ќе добијат повратни информации од Европската комисија, ќе одлучат дали ќе ги прифатат тие насоки или сугестии. Штом ќе влезе во Собранието, ќе можеме да знаеме точно за што се работи. Јас лично сè уште не сум ги видел промените, но штом подолго време се подготвуваат, се надевам дека ќе бидат подлабински – изјави Гаши.

Предлог-буџетот за 2027 година, според предвидените деловнички рокови, се очекува да биде ставен на дневен ред на седницата на 9 декември. Доколку расправата заврши навреме, на 10 декември би се одржала и седница за опозициски пратенички прашања.

Тој информираше дека предлог-законот за трансформација на работен однос веќе е доставен до Собранието и ќе биде ставен на дневен ред на една од наредните седници, најверојатно на онаа закажана за 1 декември. За законот за правосуден испит посочи дека нацрт-текстот е испратен до Венециската комисија и дека, по добивањето на мислењето, се очекува Владата да го достави во собраниска процедура. Гаши соопшти и дека до Собранието сè уште не пристигнале измените на Законот за семејно насилство, кои ги најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

За законот за правична застапеност, Гаши рече дека ќе биде ставен на дневен ред кога ќе се создадат услови за негово усвојување и ќе се постигне политички договор.

– Работиме на тоа да дојдеме до договор. Парламентарната демократија бара дијалог, бара трпение и јас се трудам да го обезбедам овој простор. Дијалогот за Бадентер е повеќедимензионален. Не се разговара на сите теми со опозицијата и внатре во мнозинството. Не на сите нивоа, но обично се разговара со лидерите, со тие со кои сепак треба да се донесе некој политички став. Потоа, ако некој од пратениците не се согласи со ставот на својата партија, тоа е друга тема. Не ви реков дека зборувам само со лидерите. Ви реков дека зборуваме и со пратеници и со лидери. Па, ако треба, и со Ахмети ќе зборувам. Зошто да не? Јас сум отворен, немам никаков проблем да разговарам со никого – рече тој.

Гаши соопшти дека до крајот на ноември се предвидени уште две седници, едната на 18 ноември, а другата на 26 ноември, кога ќе се одржат редовните пратенички прашања. За декември, како што информираше, веќе е закажана седница на 1 декември, а можно е да биде свикана и седница на 3 декември, на која како прва точка би се разгледувала интерпелацијата за министерот за локална самоуправа, пренесува МИА.