Симбол на интелектуалната храброст, на научната посветеност и на стремежот кон македонската национална самобитност. Најдостоинствен начин да го чествуваме Мисирков е неговите идеи да не останат само дел од историското паметење, туку да бидат поттик и инспирација за современата научна и културна дејност.
Ова се некои од пораките од отворањето на третото издание на манифестацијата „Мисиркови денови“, која годинава е посветена на 100-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874–1926) – прв кодификатор на македонскиот јазик, славист, историчар, публицист, етнограф и преведувач.
Академик Витомир Митевски, потпретседател на МАНУ, која е домаќин на дводневната манифестација, во поздравното обраќање истакна дека Мисирков е човекот кој „во невреме, кога немавме ни држава ни многу нешта, ја имал храброста и способноста да ги согледа нештата кои го дефинираат идентитетот на македонскиот народ“.
– Тоа било особено тешко во тоа време и тоа е она што посебно треба да се истакне. Таа своја мисла ја дефинирал на практичен начин, како учесник во Петроградското другарство за наука и за литература – на практичен начин покажал дека за зачувување на идентитетот се важни институциите. Не случајно во МАНУ сметаме дека Петроградското другарство што го формираат е далечниот зародиш на нашата Академија, зародишот од кој тргнува идејата за вредноста и значењето на институциите. Драго ми е што овде имаме клучни институции што ја чуваат неговата идеја – истакна Митевски.
Идејата за манифестацијата „Мисиркови денови“ во 2024 година ја иницираше Институтот за национална историја (ИНИ) по повод 150 години од раѓањето на Мисирков, а годинава во организирањето се вклучени и другите четири национални институти од општествените науки.
Директорот на ИНИ, Митко Панов, на отворањето на настанот истакна дека во своето капитално дело „За македонцките работи“ (Софија, 1903) Мисирков поставил темели на една визија „во која историјата, религијата, јазикот, културата и образованието се неразделни од развојот на националната свест“.
Како што рече, неговата мисла останува актуелна и денес. Таа нè потсетува дека јазикот, историјата и културата не се само наследство што треба да го чуваме, туку дека имаме и обврска постојано научно да ги истражуваме, да ги развиваме и да ги афирмираме.
– Современите околности пред нас поставуваат и нови задачи. Покрај тенденциите за оспорување на македонистиката, на кои треба да одговориме со научни аргументи, истражувачка доследност и засилена меѓународна академска соработка, пред нас стојат и предизвиците што ги носи брзиот технолошки развој – дигитализацијата, развојот на вештачката интелигенција и новите методолошки пристапи отвораат нови можности што до неодамна беа незамисливи. Затоа денес е особено важно македонската историја и македонскиот јазик да бидат присутни и во современите дигитални ресурси – рече Панов.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, зборувајќи за филолошката работа на Мисирков, посочи дека во неговото најпознато дело тој „не го гледа јазикот како обичен инструмент за комуникација, туку како темел на културата и националната самосвест“.
– Народот може да има говор, песни, преданија и богата усна традиција, но создавањето сопствен литературен јазик овозможува развој на образование, книжевност, печат, наука и институции. Оттука, јазичното прашање на Мисирков е неразделно од прашањето за културната и политичката самостојност на Македонија – истакна директорката на Институтот „Крсте Мисирков“.
Директорот на Институтот за старословенска култура, Александар Василевски, сподели како тој лично го доживува Мисирков преку неговите квалитети на научник и на човек што имал храброст да се издигне во својата средина. Порача дека секој македонски научник треба да се споредува себеси со Мисирков.
– Да се прашаме колкумина од нас сме подготвени докрај да ја браниме вистината до која сме дошле и колку можеме да издржиме неправди, игнорирања и одрекувања со какви што се соочил Мисирков. Тој не останал само на теоретизирање на своите идеи, туку и отворено се борел за нив и бил приморан често да ги менува не само институциите, туку и градовите и државите каде што се образувал и дејствувал. Притоа не загрозувајќи ја само кариерата, туку дури, понекогаш, ставајќи го и својот живот во опасност и егзистенцијата на неговото семејство – истакна Василевски.
Неговиот колега, директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Зоранчо Миланов, во обраќањето рече дека „ако не беше роден Крсте Мисирков, ќе требаше да го измислиме“.
– Затоа што тој е темелникот на современиот македонски јазик, а современа нација без литературен јазик не може да постои. Нација без литературен јазик е нестабилна – истакна Миланов.
Според него, во годината во која се одбележува 100-годишнината од смртта на Мисирков требало да има подостоинствено чествување. Тој рече дека ѝ забележува на МАНУ „како круната на македонската наука“ што не организирала посебен научен собир каков што заслужува Мисирков.
Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература, посочи дека Мисирков ѝ се обраќал на македонската интелигенција и оти во неговото најпознато дело најчести синтагми се „научна работа“, „културна борба“ и „културен прогрес“.
– Мисирков се бореше за независна македонска научна мисла и ние денес таа мисла ја развиваме и афирмираме пред светот. Мисирков е нашиот водечки мислител, кој уште на преминот од 19. во 20. век прецизно, јасно, научно, аргументирано го формулираше нашиот национален јазично-културолошки код, изникнат од турбуленциите од суровата историја на нашиот народ, и притоа ја потенцираше вечната цивилизациска максима дека опстојувањето и развивањето на нацијата и државата се нераскинливо поврзани со развојот на науката и образованието, јазикот, литературата и културата – рече директорката на Институтот за македонска литература.
Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, порача дека со македонските лекторати во светот се шири мисијата и визијата на Мисирков и неговите „извонредно значајни постулати, како концепт со јасна национална програма“.
– Мисијата продолжува и со река македонисти кои доаѓаат на летните и на зимските школи и на научните конференции на Семинарот. Мисирков ја отвори големата врата на македонскиот јазик кон светот и кон филологијата и светската сцена на оваа наука, како врвен, генијален научник, а Меѓународниот семинар за македонски јазик продолжува да го афирмира. Ако сме доследни на тие врвни постулати, може да сметаме дека македонистиката има иднина – рече Николовска.
Настанот, кој беше отворен од неговите координаторки, Лилјана Гушевска и Билјана Ристовска-Јосифовска од ИНИ, го поздрави и Светлана Пинева, државна советничка во Министерството за образование и наука, која нагласи дека времето не ја намалило вредноста на делото на Крсте Мисирков.
– Неговите идеи се наша обврска за иднината. Наша должност е наследството да го пренесеме на младите генерации, не само како историски факт, туку како инспирација за нови научни подвизи – рече претставничката на МОН.
Манифестацијата „Мисиркови денови“ почна со положување цвеќе пред споменикот на Крсте Мисирков во паркот на МАНУ, а по официјалното отворање продолжи со сесии од меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“.
Организаторите соопштија дека има повеќе од 40 учесници од земјата и од странство, кои ќе претстават теми поврзани со различни аспекти на делото на Мисирков. Очекуваат плодни дискусии што ќе овозможат сеопфатно проучување на македонското историско, јазично и културно наследство.
Манифестацијата ќе продолжи и утре, кога ќе има и промоција на два монографски труда од Ганка Цветанова и Димитар Пандев, а ќе биде заокружена со изложба на најновите изданија на петте национални институти што го организираат третото издание на „Мисиркови денови“, пренесува МИА.



































