Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – ФИДЕ

  • Светот се менува брзо, а шахот се развива со него. ФИДЕ мора да се приспособи соодветно. Овие нови прописи воведуваат промени што долго време ги бараа играчите и организаторите, рече претседателот на ФИДЕ, Тимур Турлов

Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) издаде резолуција со која дозволува пократките временски контроли да бидат подобни за стандардни рејтинзи и норми за титули. Иако новите правила стапуваат во сила веднаш, дискусијата уште не е завршена, а националните федерации ќе ги разгледаат промените пред вонредното генерално собрание во декември, каде што може да се предложат дополнителни измени, пишува ФИДЕ.
Мечевите со временски контроли од 60 и 45 минути по играч значително пораснаа во популарност во претходните години. Еден од првите пионери на побрзите класични формати на елитно ниво беше организаторот Олег Скворцов, чии турнири во Цирих помогнаа да се популаризираат 40-минутните мечеви меѓу врвните играчи во средината на 2010-тите, пишува ФИДЕ. Како одговор на растечкото барање од шаховската заедница, лани Светската шаховска федерација почна пилот-проект за сметање на овие пократки временски контроли за класичниот рејтинг. Дискусиите за нивно признавање за рејтингот и за нормите продолжија во текот на 2025 и 2026 година. По обемните повратни информации од шахисти, организатори, партнери, водечки велемајстори и дискусијата за време на генералното собрание во 2026 година, ФИДЕ одлучи да ги ажурира своите прописи за подобро да ги одрази еволуирачките потреби на шаховскиот свет.
Отсега системот „60 минути, плус 30 минути“ ќе се смета за стандардна контрола на времето. Нема да бара посебно одобрение, ќе биде подобен за стандарден рејтинг и може да се користи за норми за титула. Пократката контрола на времето од „45 плус 30“ сега може да се користи и на турнири што се за ФИДЕ-турнејата, како и на турнири каде што не учествува ниту еден играч со рејтинг над 2.400, пишува ФИДЕ.
Сепак, за овие временски контроли да се сметаат за стандардни рејтинзи и за норми за титула, важат две главни ограничувања.

Така, не може да се одржуваат повеќе од две кола дневно. Меѓутоа, ако турнирот е со рејтинг само за целите на рејтингот и не може да се освојат норми или титули, правилото е пофлексибилно, вкупното време на играње не смее да надминува 12 часа дневно. Како резултат на тоа, ваквите турнири може да имаат повеќе од две кола дневно. Другото ограничување е дека не повеќе од една норма постигната на вакви турнири може да се смета за една титула, пишува ФИДЕ.
Овие ограничувања не се нужно трајни. Комисијата за квалификации е задолжена да го проучи влијанието на промените и да достави препораки за тоа дали форматот од „45 плус 30“ треба да стане постојана стандардна контрола на време и дали турнирите што се играат со „45 плус 30“ и „60 плус 30“ треба да се сметаат за титули и норми без ограничувања, пишува ФИДЕ.
– Светот се менува брзо, а шахот се развива со него. ФИДЕ мора да се приспособи соодветно. Овие нови прописи воведуваат промени што долго време ги бараа играчите и организаторите. Во исто време, имаме одговорност да го зачуваме престижот на шаховските титули и да обезбедиме непречен премин без создавање непотребни оптоварувања за играчите, поради што одредени ограничувања остануваат во сила. Националните федерации ќе имаат можност да разговараат за овие промени во декември и доколку се потребни дополнителни приспособувања, подготвени сме да ги направиме – рече претседателот на ФИДЕ, Тимур Турлов. Н.М.