Теди Ринер (лево) прима одликување од Емануел Макрон / Фото: ЕПА
  • Олимпискиот шампион најави независна кандидатура за претседател, повикувајќи се на потребата од промени и отфрлање на професионалните политичари. Макрон ја поздрави неговата одлука, но поддршката од непопуларниот претседател во заминување може да стане товар за политичкиот аутсајдер

Теди Ринер досега ја познаваше само спортската арена, таа на татамите каде што веќе се години доминира во најтешката категорија во џудо, пред да се впушти во трката за претседател на Франција како независен кандидат на изборите закажани во април наредната година. Иако неговата кандидатура не беше организирана од претседателот Емануел Макрон, тој е воодушевен од потегот на џудистот. Во моментов двајца негови поранешни премиери Едуар Филип и Габриел Атал се кандидати за претседател, но Макрон не поддржа никој од нив, а сега гледа сличности помеѓу ставовите на спортистот и неговата прва претседателска кампања.
Изгледа дека Макрон смета оти пронашол соодветен наследник. Само неколку часа откако Ринер ја објави својата кандидатура за претседателските избори, претседателот на Франција во заминување искористи интервју за „Франс телевизија“, на тема за вештачката интелигенција, како повод да каже дека е „многу среќен“ од одлуката на овој „голем шампион“.
Известен однапред за оваа неочекувана кандидатура, претседателот не можеше да одолее на искушението да земе дел од заслугата, повлекувајќи паралела помеѓу пристапот на спортистот и неговиот пристап.
– Животот на нацијата не им припаѓа на професионалците – кажа Емануел Макрон, откако се претстави во 2016 година како кандидат „против естаблишментот“, далеку од политичките маневри.
Изјавите на Теди Ринер исто така ги одразуваат овие чувства.
– На Франција не ѝ треба кариерен политичар – изјави спортистот во видео објавено на социјалните мрежи, за да ја објави својата кандидатура, нагласувајќи дека „не е дел од естаблишментот“.
Од Елисејската палата, претседателот го спореди влезот на џудистот во политичката арена со „она што тој го направи пред околу десет години“. Овој коментар имаше цел да ѝ даде кредибилитет на кандидатурата на политичкиот аутсајдер. Но, беше изненадувачки, со оглед на тоа што Емануел Макрон отсекогаш се воздржувал од давање такви забелешки за неговите политички наследници Едуар Филип (Хоризонти) и Габриел Атал (Ренесанса – партијата на Макрон). Оваа поддршка е исто така меч со две сечила за Теди Ринер, бидејќи претседателот на Републиката доживува рекордни нивоа на непопуларност – само 13 отсто од Французите се задоволни од нивниот претседател.

Блокиран од Уставот да се кандидира за трет мандат, Емануел Макрон е воодушевен од можноста да се појави како поттикнувач на оваа спектакуларна кандидатура, чие најавување го привлече вниманието на 25 милиони луѓе на Икс и на Инстаграм. Особено затоа што Макрон никогаш не пропуштил можност да биде виден покрај шампионот, дури и му се придружи на олимпискиот џудо-тепих на 2 август 2024 година, за топла прегратка со Ринер, кој е висок 2,03 метри и тежок 140 килограми, откако тој го освои својот трет индивидуален златен медал на Летните олимписки игри.
Заедно со Теди Ринер беа објавени уште неколку имиња повеќе или помалку поврзани со таборот на Макрон, поттикнувајќи ги тврдењата за кампања оркестрирана од Елисејската палата. Меѓу нив се поранешниот министер за здравство Франсоа Браун и претприемачот Филип Веран, кој го стекнал своето богатство со забни импланти и бил еден од првите поддржувачи на Емануел Макрон во 2016 година пред да се дистанцира од него. Додека Макрон се чини дека го гледа Теди Ринер како свој наследник, оние што се блиски до славниот спортист негираат каква било вмешаност на претседателот во оваа неконвенционална кандидатура.
– Долго време разговарам за поделбите во општеството со него. Тој е вознемирен од човечката цена, од тешката положба на француската младина. Тој има вредности, промислен пристап и соништа – сведочи поранешниот министер Жан-Луј Борло, кој, сепак, не ја очекуваше неговата кандидатура.
Теди Ринер внимава да не го критикува Емануел Макрон, кој му го додели медалот Командант на Националниот орден за заслуги во септември 2024 година. Сепак, тој не дава пофалби за двата петгодишни мандати на Макрон, опишувајќи земја што „пропаѓа под тежината на долгот“ во која „авторитетот на државата исчезнал“.
– Ако утре влезам во политика, тоа нема да биде за да добијам министерска функција, туку за да имам улога што прави разлика. За мене, најдобрата улога би била претседател – изјави џудистот за агенцијата „Франс прес“ во септември истата година.
Зад сцената, Емануел Макрон, опкружен со своите последни преостанати лојални соработници, внимателно ја следи оваа претседателска кампања, во која Марин Ле Пен и Жан-Лук Меланшон добиваат предност над многубројните центристички кандидати. Додека Елисејската палата негира какво било искушение да води кампања преку полномошник, ова не е првпат шефот на државата да прибегнува кон такви тактики. Тој долго време се надеваше дека неговиот поранешен омилен премиер (2020-2022) Жан Кастекс ќе ги следи неговите стапки за 2027 година. Залудно. Елисејската палата размислуваше и за сегашниот премиер Себастијан Лекорну, но овој план пропадна под тежината на кризите.

Додека кандидатите од центарот се мачат да се дефинираат себеси на друг начин освен преку отфрлање на „екстремизмот“, Теди Ринер внимава да не ги именува своите противници, обраќајќи му се исклучиво на францускиот народ. Овој пристап ги воодушевува Емануел Макрон и неговите поддржувачи, кои преку него гледаат шанса за олабавување на стисокот помеѓу Националниот собир и Непокорна Франција (ЛФИ), чии кандидати засега се предвидени за влез во вториот круг на претседателските избори, според анкетите.
Во потесниот круг на Макрон, влоговите веќе се ставаат на Теди Ринер велејќи дека тој зрачи со оптимизам. Многумина во тимовите на Едуар Филип и Габриел Атал во кандидатурата на Теди Ринер ја гледаат улогата на Емануел Макрон, кој не чувствува ништо друго освен презир кон оние што се свртеле против него. Политичкото искуство на Макрон, за многумина Французи е со горчлив вкус, бидејќи актуелните кризи низ кои поминува Франција се потврда за неуспехот на досега најмладиот француски претседател. Кога се анализираат десетте години на Емануел Макрон, кога ќе се запрашаат коментаторите што ќе остане од макронизмот, одговорот е – ништо.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција