Фото: „Нова Македонија“

Европа сака да преговара со Москва, но сè уште не знае кој ќе зборува во нејзино име

 

Европската Унија конечно влезе во внатрешни разговори и договори за тоа кој ќе ја претставува Европа во идните преговори за завршување на војната во Украина. Иако за ваквите внатрешни договори нашите соговорници дури иронично се изразуваат дека „Европа сведува сметки без сметководител“, тие сепак јасно истакнуваат дека „наместо да испрати јасна порака за некакво европско единство“, договорот постигнат на самитот во Даблин повторно ги извади на површина длабоките несогласувања, политичките ривалства и институционалната конфузија во самото европско семејство.

Франција, Германија, Велика Британија, Италија и Полска, заедно со претставници на европските институции, треба да го сочинуваат европскиот преговарачки тим

Според нашите соговорници, неколку дипломати и универзитетски професори, „прашањето што останува отворено е дали оваа група на држави плус Брисел навистина претставува заеднички европски став или само компромисно решение за прикривање на неспособноста на европските лидери да се договорат околу единствен политички претставник“.
– Фактот дека на Европа ѝ беа потребни месеци за да одлучи кој ќе седне на преговарачката маса доволно зборува за состојбата во која се наоѓа Унијата. Во време кога се решаваат прашања од историско значење за европската безбедност, Брисел повторно се соочува со сопствените институционални и политички противречности – тврдат нашите соговорници, анализирајќи според добиените информации од свои извори.

Борба за влијание и контрола во Брисел

Според соговорниците, особено е индикативен судирот околу улогата на високата претставничка за надворешна политика Каја Калас, која сметаше дека токму нејзината функција ѝ дава легитимитет да ја претставува Унијата во разговорите со Москва. Од друга страна, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, има поинакво толкување на институционалните надлежности, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, инсистира дека европските лидери веќе донеле одлука за составот на тимот. Нашите соговорници сметаат дека „зад овие дипломатски формулации се крие многу посериозна битка за тоа кој ќе ја контролира европската надворешна политика и кој ќе ги претставува интересите на најмоќните европски престолнини?!“, потсетувајќи на фактот дека „италијанската премиерка Џорџа Мелони отворено предупредуваше на хаосот од повеќекратните европски формати и побара еден единствен претставник, а Германија, пак, не сака да се откаже од досегашната позиција на Берлин и Париз, додека Полска инсистира дека источниот дел на Европа не може да биде оставен на маргините кога се разговара за неговата безбедност“, подвлекуваат во разговорот нашите соговорници.

Европа поделена околу односите со Русија

Соговорниците во разговорот подвлекуваат и дека токму тука се гледаат и геополитичките разлики во самата Унија.
– За едни, приоритет е што побрзо постигнување договор и стабилизирање на европскиот континент. За други, секој разговор со Русија претставува потенцијален ризик и можност за политички отстапки. Балтичките и нордиските држави, заедно со Полска, имаат значително порезервиран пристап кон отворањето пошироки разговори за европската безбедносна архитектура. Овие разлики не се само дипломатски нијанси. Тие се одраз на различни национални интереси, различни историски искуства и различни процени за тоа како треба да изгледа идната безбедност на Европа. Оттука, прашањето е дали петте држави навистина ќе можат да настапуваат со еден глас или секоја од нив ќе продолжи да ги брани сопствените приоритети – анализираат нашите брифери.

Брисел без целосно потврден преговарачки легитимитет

Дополнителна неизвесност создава и фактот што новоформираниот европски преговарачки тим сè уште нема недвосмислено потврдено прифаќање од Москва. Кремљ порача дека најпрво сака да ги разбере вистинските намери на европските влади и нивната подготвеност да придонесат за мирот. Тоа значи дека европската одлука за сопственото претставување не е исто што и меѓународно прифатен преговарачки мандат.
– Може ли Брисел да се наметне како релевантен посредник ако една од главните засегнати страни сè уште не го прифатила неговото учество во договорениот формат? А истовремено, дали европските институции можат да зборуваат во име на сите европски држави кога ни самите членки немаат усогласени ставови – отворено поставуваат едно едноставно, но значајно прашање нашите соговорници, дипломати.

Лукративни интереси и политичка реалност

– Сето ова отвора поширока дилема за иднината на европската политичка интеграција. Унијата располага со огромна економска моќ, институционална инфраструктура и дипломатска мрежа, но кога треба да донесе одлука за најсуштинските геополитички прашања, повторно се соочува со национални интереси, меѓусебни блокади и борба за политичко влијание. Особено проблематично е што европските институции често настапуваат со големи декларации за единство, принципи и заеднички вредности, додека зад затворените врати се водат сосема поинакви битки за позиции, влијание и контрола врз политичките процеси. Во таа смисла, критиките за лукративните интереси и политичките калкулации во бриселските кругови сè почесто се поврзуваат со прашањето дали европската политика навистина ги следи интересите на граѓаните и државите членки или пред сè институционалните и националните амбиции на оние што ја креираат – поентираат нашите соговорници. П.Р.