Џефри Сакс / Фото: ЕПА

Од интервјуто со американскиот економист и професор на Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, за иранската новинска агенција „Мехр“

 

  • Американскиот економист и професор на Универзитетот „Колумбија“ предупредува дека Вашингтон не може да извојува победа ниту на бојното поле ниту преку дипломатски договор. Излезот од кризата тој го гледа во повлекување на американските сили, укинување на блокадата и враќање кон меѓународното право. Според него, војната ги открива границите на американската хегемонија, а Европа повторно покажува дека нема сопствена надворешнополитичка стратегија

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со ситуација во која продолжувањето на војната со Иран не му гарантира победа, а дипломатскиот договор, барем во сегашните политички околности, изгледа еднакво недостижен. Вистинскиот проблем за Вашингтон, меѓутоа, не е само како да ја заврши војната туку и како да го стори тоа без да изгледа како да претрпел пораз. Ова е суштината на оценката на познатиот американски економист и професор на Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, во интервју за иранската новинска агенција „Мехр“. Во разговорот тој изнесува остра критика на американската политика кон Иран, но и на пошироката стратегија на Вашингтон на Блискиот Исток и во светот. Според Сакс, администрацијата на Трамп се најде во политичка и воена ситуација од која нема едноставен излез. Американскиот претседател не сака да остави впечаток дека отстапува, но, оценува економистот, САД не можат да ја наметнат својата волја ниту со воена сила ниту со формален мировен договор. Токму затоа Сакс предлага решение што на прв поглед изгледа необично за една голема сила, имено „завршување на војната без голем договор, без церемонии и без дополнително политичко надмудрување“…

Повлекување без договор – единствениот реален излез?

Професорот Сакс смета дека Вашингтон треба да ја укине блокадата врз Иран и да ги повлече американските сили од регионот, без да инсистира на формален договор што би можел да стане нова пречка за прекин на непријателствата. Таквиот пристап, според него, би овозможил да се запре разорувањето, да се намали опасноста од нова ескалација и повторно да се отвори Ормускиот Теснец – една од најважните светски енергетски и поморски рути. Во такво сценарио, Иран би ја зачувал својата безбедност, а Трамп би добил простор политички да го претстави повлекувањето како сопствен успех. Сакс практично сугерира дека Вашингтон треба да се откаже од потребата да прогласи победа и едноставно да ја заврши војната. Тој забележува дека Трамп веќе испраќал сигнали дека прекинот на борбите не мора нужно да биде условен со постигнување договор. Но, според Сакс, најважно е тие сигнали да бидат преточени во конкретни чекори, пред сè преку укинување на блокадата и повлекување на американското присуство. Што се однесува до санкциите, американскиот економист не очекува нивно брзо укинување. Сепак, тој смета дека Иран и натаму ќе располага со доволно трговски партнери за да ја одржи својата економска активност, посочувајќи го примерот на Русија.

Договорот со Техеран ќе почека нова политичка ера во
Вашингтон

Иако повикува на итно запирање на војната, Сакс не е оптимист дека во блиска иднина може да се воспостави трајна дипломатска рамка меѓу САД и Иран. Недовербата меѓу двете земји, дополнително продлабочена по повлекувањето на Вашингтон од нуклеарниот договор од 2015 година и последователните воени судири, според него, е премногу длабока за да се надмине со едноставен политички компромис. Неговата процена е дека посериозна промена во односите би можела да се случи дури по изборот на нов американски претседател, суштински политички промени во Израел и промена на пристапот на американската политичка елита. Сакс прави разлика меѓу расположението на американската јавност и политиката што ја водат нејзините избрани претставници. Според него, американските гласачи сакаат мир, и тоа многу побрзо отколку што политичарите се подготвени да го прифатат. Проблемот, според неговата интерпретација, е тоа што политичките лидери повеќе се загрижени за сопствениот углед и за впечатокот на слабост отколку за наоѓање практично решение.

ОН потфрлија, Европа ја загуби дипломатската самостојност

Особено е остра критиката на Сакс кон меѓународните институции и нивната неспособност да спречат или да запрат воени конфликти. Тој смета дека Советот за безбедност на Обединетите нации доживеал сериозен неуспех во справувањето со кризата. Наместо јасно да ги осуди постапките на САД и Израел, некои од државите во Советот, според неговата оценка, застанале на позиција на осуда на Иран. Сакс смета дека таквиот пристап дополнително ја поткопува довербата во меѓународниот правен поредок. Според него, потребно е враќање кон основните принципи на Повелбата на ОН, особено кон забраната за употреба на сила против суверени држави, освен во случаите предвидени со меѓународното право. Во тој контекст, тој ја критикува и Европа, оценувајќи дека најголем дел од европските влади не покажуваат доволна самостојност и стратешка визија. Велика Британија и Франција, според Сакс, сè уште се однесуваат како да живеат во времето на големите колонијални империи, додека нивната надворешна политика е обележана со цинизам и неодговорност. Европските лидери, додава тој, не успеваат доследно да го бранат меѓународното право, а нивниот страв од Русија го спречува рационалното согледување на пошироките геополитички причини за војната во Украина. Сакс ја поврзува украинската криза со ширењето на НАТО, за кое смета дека не требало да се случи, и тврди дека европските политички елити не се подготвени сериозно да ги преиспитаат сопствените политики. Неговиот заклучок е дека Европа и натаму нема вистинска заедничка надворешна политика, туку останува блиску до модел во кој секоја држава ги следи сопствените интереси, без јасна и независна стратегија на континентално ниво.

Кина, Русија и БРИКС како противтежа на американската хегемонија

За Сакс, кризата со Иран е и дел од поширокото поместување на светскиот поредок. Тој смета дека земјите од БРИКС, особено Кина и Русија, имаат можност да придонесат за намалување на тензиите, но нивната улога треба да биде насочена пред сè кон одбрана на меѓународното право. Посебно го нагласува членот 2, став 4 од Повелбата на ОН, кој забранува закана со сила или употреба на сила против територијалниот интегритет и политичката независност на која било држава. Но Сакс оди и чекор понатаму. Според него, регионите во светот треба да создадат сопствени безбедносни механизми, независни од надворешни сили, а особено од Соединетите Американски Држави. Како пример тој го наведува Блискиот Исток, каде што Иран и арапските држави од Персискиот Залив имаат многу повеќе заеднички интереси отколку вистински причини за меѓусебна конфронтација. Тој смета дека САД и Израел со своите политики придонесувале за продлабочување на поделбите меѓу соседните држави, наместо за создавање услови за регионална соработка. Во оваа стратегија Сакс препознава стар империјален модел – „раздели па владеј“. Модел што, според него, Британската Империја го користела во минатото, а САД го презеле и го применувале во своето неформално глобално влијание. Неговата теза е дека е дојдено времето да се напушти ваквиот начин на управување со меѓународните односи и да се прифати свет во кој државите се рамноправни, а големите сили соработуваат наместо да се обидуваат да воспостават доминација.

Цената на империјалната политика ја плаќа и американското општество

Еден од најважните делови од анализата на Сакс се однесува на економските последици од американската надворешна политика. Тој смета дека „САД се соочуваат со класичен проблем на империја што претерала со своето геополитичко ширење“.
Во изминатите децении Вашингтон се обидувал да ја задржи водечката позиција практично во секој регион во светот, но таквата амбиција, според него, не дала резултати. Наместо стабилност и поголема безбедност, американската политика довела до низа војни, огромни финансиски трошоци и политички последици што сè потешко може да се игнорираат. Сакс оценува дека воените интервенции ги чинеле САД повеќе билиони долари, придонеле за зголемување на трошоците за живот и каматните стапки и не ги оствариле целите што биле јавно прокламирани. Дополнително, ваквата политика предизвикала незадоволство кај американските гласачи, кои сè помалку се подготвени да прифаќаат долготрајни и скапи воени ангажмани без јасна стратегија и видлив резултат. Војната со Иран, според Сакс, е уште еден пример за конфликт во кој сите губат. Иран претрпел сериозни штети, последиците се чувствуваат и во другите делови на светот, а ниту една страна не може да прогласи вистинска победа.

Крај на светот во кој една сила ги диктира правилата?

Пораката на Сакс е дека кризата со Иран не треба да се гледа само како уште еден воен судир на Блискиот Исток. Таа, според неговата анализа, е симптом на подлабока криза на американската надворешна политика и на светскиот поредок изграден врз доминацијата на една суперсила. Вашингтон, смета тој, мора да се откаже од амбицијата да биде хегемон што ги определува правилата за сите други држави. Наместо тоа, потребни се почитување на суверенитетот, меѓународното право и на регионалната соработка и безбедносни механизми што нема да зависат од волјата на надворешни сили. Прашањето е дали американската политичка елита е подготвена да ја прифати таа реалност или ќе продолжи да ја брани својата позиција по цена на нови конфликти.
Во интервјуто за „Мехр“, Сакс не остава голем простор за оптимизам во однос на брза промена на американската стратегија. Но неговата основна порака е дека „војната не може да се заврши со инсистирање на победа што не може да се постигне“. Понекогаш, заклучува неговата анализа, „најголемата политичка мудрост не е во тоа како да се прогласи победа, туку како да се спречи понатамошен пораз – и да ѝ се стави крај на војната“. Р.С.