Кој ги пушта кучињата на улица, а кој ги задржува таму

  • Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците

Двете групи луѓе што директно ја стимулираат уличната популација на кучиња не само што не се опфатени со ниту еден закон, не само што ниту еден политички чинител не ги ни споменува како една од главните причини туку тие се и најгласните во маало и на социјалните мрежи.
Првата група се луѓето што чуваат нечипирани кучиња во дворовите на своите куќи, селските имоти, пред фирмите, магацините и индустриските објекти. Тие имаат едно нешто заедничко: ги пуштаат кучињата да „протегнат нозе малку“ надвор. Кучињата имаат храна, вода и место каде што преноќуваат, но никој нема контрола над нивното движење. Во текот на денот тие скитаат низ населбите, се мешаат со други кучиња и се размножуваат, а навечер како бумеранг се враќаат во дворот или во објектот каде што ги чекаат храна и засолниште. Малечките од овие кучиња завршуваат во кутии до контејнери и по паркови. „Многу е паметно, го виделе знаеш каде ехеееее: и замисли пак знае да се врати еј, абе одличен чувар е, све ме разбира, ми ја препознава колата од далеку, трча кога доаѓам, циркузи тука прави“… Кога ќе настане проблем, одговорноста се негира: „Не, не, не е мое, само доаѓа тука спие во дворов, греота е, му помагам, абе чудно ми е да гризнало некого, вака добро куче е, со децава мои си игра… да не лаже бе тој дека го гризнало, а? Све за пари е бе сигурно, знам јас, сум читал на Фејсбук што прават…“ Ингеренциите на властите се ограничени за влез во приватен имот за да проверат дали некое куче на приватен имот е чипирано или не. Така, кучето има место на живеење, но нема човек што одговара за него
Втората група се луѓето што редовно хранат кучиња на јавни површини – пред влезови на згради, на тревници, паркинзи и на други места во населбите. Тие ги привлекуваат и ги задржуваат кучињата на конкретна локација и поттикнуваат формирање глутници. „Колку е мило, целото е љубов, трча по мене од далеку, знае дека ќе му дадам за јадење, кутрото ако не сум јас ќе умре, ајде викни ги другарчињата сите тука пред зграда да ручкате заедно, ќе ви отворам врата у влез кога ќе залади, тука е мама за вас…“ Со постојано оставање храна и импровизирани засолништа, се создаваат услови кучињата да се собираат и да го доживуваат просторот како своја територија. Така се формираат групи со територијално и заштитничко однесување и повторно кучето има место на живеење, но нема човек што одговара за него.

Тука е противречноста: луѓето од втората група страсно и со право ги осудуваат на социјалните мрежи оние од првата затоа што не преземаат целосна одговорност за кучињата и ги пуштаат кучињата на улица, на јавен простор. Но и тие самите ги задржуваат кучињата на истиот тој јавен простор, исто така без да преземат целосна одговорност за нив. Едните ги хранат во својот двор, другите пред „својата“ зграда. Едните им овозможуваат да излегуваат на јавен простор, а другите ги привлекуваат да останат на истиот тој простор. Различни постапки, но ист резултат: потиснување на талкачкиот инстинкт и создавање локална улична популација без одговорно лице. Во јавната дебата, со години вниманието целосно се насочува кон сопствениците на чипирани и регистрирани кучиња. Се бараат драконски казни со можност за јавен линч за непочитување на правилата за заштитна корпа, несобирање измет или, по ново, некастрирање. Една од најбрилијантните идеи за решение на уличната популација е во отстранувањето на половите органи на оние животни што не се ни дел од уличната популација. Додека се бараат санкции за сопствениците што имаат идентификувани животни, под тепих се става суштинскиот проблем: луѓето што неказниво задржуваат, засолнуваат и размножуваат единки што правно не им припаѓаат. Ако сакаме да влијаеме врз бројот на кучиња на улица, мора да има правила и санкции за овие постапки што директно ја стимулираат слободната популација на кучиња. Дали малтезерот носи корпа и е кастриран не влијае никако на уличната популација зашто такви кучиња и нема во таа популација, ниту едно во милион кучиња во цела Македонија. Ги бараат одамна ама иако се бели, никој не ги наоѓа на улица. Парадоксално, во име на намалување на нечипираните кучиња, се размислува за повеќе и повеќе рестрикции кон оние што го почитуваат законот и ги чипираат своите миленици, кои никако не се дел од уличната популација, додека луѓето што ги пуштаат нечипираните кучиња од дворовите да талкаат по јавен простор и оние што им нудат услови да останат на истиот тој јавен простор денес се целосно неказнети и надвор од сите дебати. Зошто немаме драконска казна за секој оној на чиј имот ќе биде затекнато куче без чип независно дали е куќа, плац, стан…? Зошто немаме казна како во сите метрополи за секој оној што стимулира хранење улични животни на јавен простор, како во Париз за хранењето гулаби или во Лондон за лисиците? Да, во тие градови не остана живо ниту едно улично куче ни маче, инаку законот ќе се однесуваше и за нив. Не зборувам тука за казнување човек што спонтано ќе нахрани гладно животно во пустелија надвор од урбаните средини. Зборувам за систематско и повторено однесување со кое се создаваат и се одржуваат точки на концентрација на зависни кучиња на јавни површини, без одговорно лице и без надзор. Таквата практика мора да биде регулирана на јавните површини без разлика дали кучето се држи во двор, па повремено се пушта или постојано е на јавен простор. Без микрочип, и двете акции се еднакви.

Одговорното сопствеништво не се сведува на храна, вода и куќарка од штици. Тоа е долг и скап процес што бара време, енергија и знаење – од изборот на миленикот, преку социјализацијата и едукацијата, до секојдневната грижа и нега. Дури и една рипка во стаклен сад има потреба од многу повеќе од чиста вода и храна. Секој вид има специфични потреби. Сведувањето на грижата за животните на хранење и обезбедување минимално засолниште ја банализира одговорноста и го шири незнаењето. Стотици гласни ФБ-профили во Македонија се самопромовираат како тоа тие се „грижеле со свои пари“ за кучиња што не се во нивна сопственост, а со тоа го банализираат поседувањето миленик. Во колективната свест всадуваат слика дека за да чуваш куче е доволно да ставиш пред зграда едно мувлосано пластично сад од сладолед за вода и храна и да пикнеш под скали едно ќебе, гнездо на паразити што ќе остане со години тука како мираз откако ќе се отселиш од зградата.
Во секоја населба има гласни претставници од двете групи и иако сите ги знаат, никој ништо не им може. Доволни се само двајца во едно маало за да направат глутница кучиња што ќе се шират до бескрај. Не постои сопственик на нечипирано куче, постои само пополнување празнини на емотивен егоизам во кој нема труд да се дознае повеќе за биолошките потреби и благосостојбата на кучето, без преземање правна одговорност кон животното, нула размислување за влијанието на постапките врз околината, без посветено време за работа со кучето, без социјализација и едукација… тогаш кучето не е миленик, туку единка од групата каниди што се снаоѓа во урбаниот хаос.
Затоа микрочипирањето и регистрацијата се основа на одговорното сопствеништво. Микрочипот овозможува кучето да се поврзе со конкретен сопственик и да се утврди кој одговара за него. Без идентификација и регистрација, нема одговорно лице, нема сопственик. Не може некој да го третира кучето како свое кога му обезбедува храна и засолниште, а да се откаже од одговорноста кога тоа ќе предизвика проблем. Преку професионалната работа, предавањата и едукативните активности, вклучително и работата на едукативниот центар за одговорни сопственици „Мило“, постојано се среќавам со потребата од знаење и разбирање на обврските што ги носи чувањето животно. Одговорноста не започнува кога ќе се појави проблем, туку во моментот кога ќе се донесе одлука да се чува миленик. Ако сакаме да го намалиме бројот на кучиња на улица, мора да престанеме да ги третираме само последиците. Мора да ги регулираме и да ги санкционираме постапките на луѓето што ги пуштаат, што ги привлекуваат и што ги задржуваат таму. Љубовта кон животните не е замена за одговорност, а хранењето не е замена за сопствеништво.

Фото: Пиксабеј