Фото: Булмак

Компанијата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудниците Злетово и Тораница, продолжува со активностите за унапредување на условите за работа и подобрување на статусот на своите вработени. Во рамките на стратегијата за вреднување на трудот и зголемување на мотивацијата, компанијата воведува нова мерка за финансиска стимулација, со која ќе ја наградува редовноста и одговорноста на работното место.

Согласно новата одлука, секој вработен кој во текот на еден работен месец нема да има ниту едно отсуство и ќе пристигнува навреме на својата смена ќе добие дополнителен бонус за редовност во износ од 5.000 денари. Со оваа мерка, компанијата има за цел да го вреднува професионалниот однос кон работните обврски, но и да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за вработените и нивните семејства.

Од компанијата посочуваат дека редовноста и навременото присуство на работното место имаат особено значење во рударската индустрија, каде што работниот процес бара високо ниво на координација, одговорност и тимска работа. Специфичноста на работата во рудниците подразбира тесна поврзаност меѓу сите сектори и служби, при што присуството на секој член од тимот е важно за непречено и безбедно одвивање на работните активности.

Токму затоа, преку воведувањето на бонусот, „Булмак 2016“ ја нагласува важноста на дисциплината, колегијалноста и одговорниот однос кон работните задачи, вредности кои се од особено значење за функционирањето на компанијата.

Новата мерка претставува дел од пошироките активности на менаџментот насочени кон создавање подобра работна атмосфера, зголемување на задоволството на вработените и унапредување на продуктивноста. Компанијата продолжува да вложува во човечките ресурси, со цел да создаде стабилна и сигурна работна средина во која трудот и професионалното залагање ќе бидат соодветно препознаени и вреднувани.

Со оваа иницијатива, „Булмак 2016“ ја потврдува определбата за развивање современи практики во управувањето со човечките ресурси, ставајќи го акцентот на мотивацијата, грижата за вработените и долгорочниот развој на компанијата.