Тадеј Погачар во средиштето на новиот документарец на „Евроспорт“

Новиот оригинален документарен серијал на „Евроспорт“, „Анатомија на шампионот“, ги открива научните тајни што стојат зад успехот на најголемите спортисти на сите времиња. Првиот филм е посветен на велосипедскиот феномен Тадеј Погачар, петкратниот победник на Тур де Франс. Преку ексклузивни интервјуа со извонредниот словенечки велосипедист, неговите родители, тимските колеги, спортски експерти и научници, како и легенди на велосипедизмот, овој 45-минутен документарец открива што се крие зад една од најдоминантните ери во историјата на друмскиот велосипедизам.
На само 28 години, Погачар веќе има резултати што го вбројуваат меѓу најуспешните велосипедисти на сите времиња. Словенечкиот феномен оствари повеќе од сто професионални победи на трките од календарот на УЦИ, вклучувајќи 13 триумфи на Монументите, најпрестижните еднодневни велосипедски трки, две светски титули во друмски велосипедизам, како и победа на трката Џиро д’Италија. Ова лето испиша нова страница во историјата, освојувајќи ја петтата жолта маичка и изедначувајќи го рекордот по бројот на освоени титули на Тур де Франс.

Заснован на досега необјавени податоци и анализи на компанијата „Вхооп“ (Whoop), надополнети со стручни објаснувања и сведоштва, документарецот нуди детален увид во извонредните способности на Погачар. Секој статистички податок е внимателно проверен и претставен преку оригинални графички решенија, додека филмот е поделен во пет поглавја, од кои секое истражува различен аспект на неговата доминација над конкуренцијата во златната ера на велосипедизмот.
Покрај ексклузивното интервју со Тадеј Погачар, во документарецот учествуваат и некои од најголемите имиња на овој спорт, како и луѓето што најдобро го познаваат: Мирко Погачар и Марјета Погачар – родители на Тадеј Погачар; Еди Меркс – освојувач на 11 Гран тура, вклучувајќи и пет победи на Тур де Франс; Алберто Контадор – седум пати победник на Гран тур и стручен коментатор на „Евроспорт“ и „ТНТ спортс“; Гераинт Томас – победник на Тур де Франс во 2018 година; Матео Трентин – европски првак во друмски велосипедизам во 2018 година и поранешен тимски колега на Погачар; Ињиго Сан Мијан – поранешен тренер и водечки експерт за спортска физиологија; Жан Беноа Морин – спортски научник; Кристен Холмс – потпретседателка на компанијата „Вхооп“ за научен пристап во врска со спортските перформанси; Мет Стивенс – водител на „ТНТ спортс“

– Сè додека уживате во спортот со кој се занимавате, резултатите ќе доаѓаат. Во моментот кога ќе престанете да уживате, време е да пронајдете нешто друго што ќе ве прави среќни. Во најтешките моменти мора да бидете свесни за една работа: Тука сум затоа што ги поминав сите подготовки, затоа што жртвував сè за да стигнам дотука. Не смеете да се откажете. Мора да продолжите понатаму, бидејќи по тешките моменти секогаш доаѓаат подобри – истакна Погачар за снимањето на филмот.
За успехот на Погачар зборуваше и Еди Меркс.
– Тој го враќа оној вид велосипедизам на кој речиси и заборавивме. Сега дури ме надмина и мене – вели Еди.
Алберто Контадор не го крие воодушевувањето од словенечкиот шампион.
– Верувам дека Тадеј Погачар е најдобриот велосипедист на сите времиња. Тој сака да победи на секоја трка. Мислам дека сака да освои што е можно повеќе Монументи, што е можно повеќе титули на Тур де Франс, светски првенства и етапни победи. Кога подобро ќе размислите, многу е тешко да се најде спортист во која било друга дисциплина, низ целата спортска историја, кој толку многу доминирал над своите ривали. Размислував за тоа и првиот што ми падна на ум беше Усеин Болт. Но Погачар е таков на секоја трка на која настапува, од февруари до октомври – вели Алберто.

С.Ј.