Приватни пашалаци

Од патувањата по Апсурдистан (4)

  • Ова е измислена приказна. Сите сличности со реални настани и ликови се случајни

Помеѓу професионалното управување со еден систем и обичното, примитивно дивеење низ институционалните ходници постои една тенка, но суштинска линија што модерната менаџерска наука ја нарекува етика и интегритет. На нашиот денешен протагонист, истакнат интелектуалец во Апсурдистан, самопрогласениот г. Бичбожјевски, таа линија му е целосно невидлива, избришана под копитата на неговата незапирлива амбиција и длабока лична несигурност. Во неговиот ментален склоп, раководната функција не е одговорност, ниту пак сервис за граѓаните или за вработените, туку деспотско право на инквизиција и султански декрет за владеење со страв и постојан прогон на секое поинакво мислење. Тој не води сектор, тој не менаџира кадар. Тој едноставно води воени походи во сопствените ходници, замислувајќи се себеси како човек со бич: „праведен“ судија што има овластување да одлучува за судбините во институцијата со која во моментов, на кус рок, дивее.
Нашминкан со европски титули на визит-картата, дотеран во скап костум купен за да скрие просечен капацитет, а во суштина воден од примитивниот нагон на Атила, овој човек веќе неколку години практикува менаџмент со камшик. Неговата ароганција е легендарна, неговиот настап е театарски пренагласен, а неговиот омилен менаџерски инструмент е јавното и систематско омаловажување на секој што ќе му се најде на патот, проследено со огромна самобендисаност.

Како што хунскиот војсководец во петтиот век зад себе оставал само спалена земја каде што трева не никнувала така и деспотот во Апсурдистан зад себе остава опустошени истражувачки центри, скршени кариери, депресивни канцеларии и преплашени соработници, чиј мир, достоинство и основна егзистенција секојдневно ги уценува. За него, секој состанок е битка, секој колегијален разговор е манипулација што овозможува демонстрација на сурова моќ, а секој подреден е само обичен војник во неговата приватна коњаница, што мора беспоговорно да ги извршува неговите каприци.
Како функционира овој современ г. Бичбожјевски кога ќе седне во својата кожена фотелја, која ја доживува како престол? Првиот чекор во неговата стратегија е воспоставување апсолутна контрола преку сеење страв. Стравот е неговото погонско гориво, единствената валута со која тргува. Бидејќи нема реален стручен авторитет со кој би ги импресионирал соработниците, тој мора да го користи институционалниот камшик. Неговите реченици редовно започнуваат со суптилни или директни закани, бидејќи неговата ароганција се храни исклучиво од молкот и понизноста на околината. Тој ужива кога на состаноците сите ги спуштаат главите, кога луѓето ги премолчуваат неговите очигледни грешки и кога неговите најлуди идеи се дочекуваат со одобрување. Тој ја претвора институцијата во свој приватен пашалак, каде што законите и процедурите важат за сите други, освен за него. Доколку некој соработник покаже знаци на независно размислување, тој веднаш се прогласува за непријател на системот, за бунтовник што мора да биде јавно казнет, изолиран и маргинализиран. Тоа понижување понекогаш е прикриено, бидејќи кон колегите со ист ранг тој постапува со претпазливост; но кон подредените омаловажувањето никогаш не е суптилно. Тоа се прави гласно, пред сите, за да послужи како лекција за другите. Танцот на понижувањето што го бара од своите подредени е неговиот омилен ритуал, неговиот дефинитивен доказ дека тој е навистина Бичот Божји во таа затворена, клаустрофобична средина.
Секоја вечер, кога светлата во кабинетот конечно ќе згаснат и кога преплашените поданици ќе си заминат дома, во самотијата на неговиот престол се отвора вистинскиот театар на апсурдот. Тоа не е обично размислување, туку деспотски монолог во кој г. Бичбожјевски зборува сам со себе, вообразен франкофон што во своите фантазии верува дека неговиот кабинет е црвениот тепих на „Канскиот фестивал“, каде што режира висока уметност, додека во реалноста дивее како суров азиски хан.

„Каков прекрасен театар, каков брилијантен мизансцен им приредив денес“, си шепоти тој, поправајќи ја вратоврската во одразот на прозорецот. „Како јагниња беа. Кога почнав да им викам со мојот префинет тон, кога им реков дека нивното однесување е невиден faux pas во мојата кариера, веднаш сите погледнаа во подот! Колку се само здодевни, секој нивен изговор е најобично cliché. Јас сум нивниот суверен, јас го контролирам нивниот деловен воздух! Без мојот француски потпис тие се апсолутна нула!“
Но, веднаш потоа, од длабочината на неговата потисната несигурност се јавува еден друг, треперлив глас, што се обидува да го заглуши со викање: „А што со оној независниот? Што со оној што денес те погледна право во очи, одби да ја спушти главата и сосема рамнодушно ги сослуша твоите фрази и закани?“
Г. Бичбожјевски нервозно почнува да чекори низ празниот кабинет, мавтајќи со рацете кон сопствената сенка. „Не ми може ништо! На него немам шанси да му ја покажам мојата сила, тој не зависи од мене. Ова со него почнува да станува морничаво déjà vu од секој мој состанок! Морам да го изолирам, морам да ги скршам неговите соработници за тој конечно да почувствува болка! Ако му ги казнам сојузниците, ако ги уценам и омаловажам нив, тогаш тој ќе мора да клекне. Мојата империја не трпи луѓе што не се плашат од мојот гламурозен камшик!“
Овој внатрешен дијалог, исполнет со мешавина од параноичен гнев, лажен сјај и притаена паника, е вистинското, немилосрдно огледало на неговата менаџерска немоќ.

Кога еден раководител нема реална визија и знаење, тој се свртува токму кон вакво деструктивно дивеење. Бидејќи нема долгорочен план како да ја развие институцијата, г. Бичбожјевски вештачки создава константна кризна состојба. Неговиот работен ден е хаос, маскиран зад параванот на лажна итност. Тој вика, треска со врати, бара извештаи во пет за дванаесет, менува одлуки трипати во еден час и хистерично ги обвинува сите околу себе за сопствената неспособност да организира еден обичен, секојдневен процес.

Ова дивеење има јасна психолошка функција: да ги држи соработниците во постојана состојба на ментален стрес и исцрпеност, за тие да немаат време ниту енергија да ја забележат соголената неспособност под неговата фотелја. Во таков систем уцената станува неговиот омилен десерт. Тој многу добро знае каде луѓето се најранливи – нивните семејства, нивните кредити, нивната потреба за стабилно работно место во едно тешко и несигурно време. Наместо да ги мотивира своите соработници за да извлече максимум од нивниот професионален потенцијал, тој ги држи во постојан страв од отказ, од јавен срам или од кратење на платата. Годишен одмор одбиен во последен момент, доцнење со потпишувањето на редовните решенија: сето тоа се неговите мали, мизерни победи со кои го докажува својот деспотски статус.
Како завршува епохата на г. Бичбожјевски? Историјата, вклучително и онаа на најмалите и најизолираните институции, има немилосрден и непогрешлив филтер што порано или подоцна секогаш профункционира. Моќта базирана на страв, уцени и омаловажување секогаш е со привремен карактер. Таа трае точно онолку колку што трае институционалниот мандат или политичкиот заштитен чадор што го држи насилникот во удобната фотелја. Штом тој чадор ќе се затвори, а се затвора секогаш, без исклучок, падот е брз, болен и целосен.
Кога г. Бичбожјевски ќе ја изгуби својата функција и кога камшикот ќе му биде одземен од рацете, зад него не останува апсолутно ништо. Не остануваат пријатели, не остануваат соработници што со искрена почит ќе го спомнуваат неговото име, ниту пак некое дело со кое институцијата би можела да се гордее. Она што останува зад него е само едно големо, празно минато исполнето со горчина, презир од колегите и длабока тишина во ходниците низ кои до вчера викал. Луѓето што до вчера му се поклонувале од чист страв, денес го одминуваат на улица како невидлив дух, не сакајќи ниту да го погледнат, а камоли да го поздрават.

Најголемата казна за ваквите луѓе не е самата институционална смена, туку сопствената, застрашувачка празнина со која се соочуваат во миговите на самотија. Тие многу добро знаат, во длабочината на својата разнишана суета, дека секој авторитет што го имале бил само позајмен, привремено врзан за функцијата, а не за нивната личност или капацитет. Тие живеат во константен, подмолен страв од денот кога вистината ќе биде кажана гласно и кога сите сметки конечно ќе пристигнат на наплата. Светот напредува врз основа на вистинско знаење, соработка и заемна почит, а деспотите како г. Бичбожјевски остануваат запаметени само како лоши соништа, како минливи аномалии што брзо и неповратно паѓаат во вечен заборав, оставајќи ги институциите конечно да дишат слободно, без страв од имагинарниот камшик на Бичот Божји.

(крај)