Најголемите светски компании за социјални мрежи во последните месеци постигнаа десетина доверливи спогодби со тинејџери што ги тужеа поради тврдења дека платформите им го оштетиле менталното здравје. Исплатите беа тајни, но „Блумберг бизнисвик“ дознава дека повеќето се движеле од два до 2,5 милиони долари. Во последните две недели, „Мета“ се согласи да им плати на двајца од овие тинејџери вкупно седум милиони долари, според луѓе запознаени со плаќањата. Овие бројки за спогодби, објавени за прв пат, даваат редок увид во тоа што компаниите се подготвени да платат за да избегнат судења со тинејџери корисници на социјалните мрежи и претстојниот финансиски ризик што го претставуваат ваквите случаи. Приближно 9.800 случаи за телесни повреди се во тек во државните и федералните судови на САД против „Мета“, „Јутјуб“ на „Гугл“, „Снеп“ и „Тикток“.
Поединечна спогодба од два милиони долари, постигната со еден тинејџер, е дел од 18-те милијарди долари што „Мета“ во август се согласи да им ги исплати на група сојузни држави што ја тужеа платформата поради наштетување на децата преку дизајнирање услуги што предизвикуваат зависност, како што се непрекинатото „скролање“ (прелистување содржини на екран – н.з.) или копчето со кое се означува дека некоја содржина им се допаѓа на корисниците. Тоа е исто така дел од милијардите долари што компаниите би можеле да им ги платат на 2.000 училишни окрузи што поднеле слични тужби и чекаат појавување пред судот. Но она што ги прави овие мултимилионски спогодби со поединечни тинејџери толку значајни е обемот на случаи. Земени заедно, овие тужби за нанесување штета на поединци, кои се поднесуваат низ целата земја, би можеле да ги изложат компаниите на уште една обврска тешка милијарди долари.
Марк Ланиер, главниот адвокат на двајца од четворицата тужители, наведе дека компаниите „понудиле толку многу пари што неговите клиенти не можеле да одбијат“.
– Станува збор за значителни суми. Верувам дека ова се првите домино-плочки што паѓаат во низа што допрва ќе следува – кажа Ланиер.
Во секој случај на спогодба за кој „Бизнисвик“ дознал детали, компаниите не признале никаква вина или неправилност. Во судски спорови од ваков вид, „судењата, отфрлањата на тужбите и спогодбите се вообичаени појави“, изјави портпаролката на „Meта“, додавајќи дека повеќе од една четвртина од предметите за нанесување штета, избрани за рани судења, биле повлечени од самите тужители.
Опсежниот правен спор поврзан со зависноста од социјалните мрежи започна во 2022 година, со тужби во кои се тврди дека производите на компаниите довеле до анксиозност, депресија, телесна дисморфија, па дури и до самоубиства. Предметите биле отворени врз основа на нова правна стратегија, чија цел е компаниите да се повикаат на одговорност за дизајнирање опасни производи, а не за содржината што ја објавуваат нивните корисници. Подоцна, училишта и сојузни држави во САД поднесоа слични тужби, потпирајќи се на истата правна теорија: дека платформите дизајнирале производи што создаваат зависност и притоа ѝ дале предност на заработката пред безбедноста. Судиите одлучија да ги спојат предметите, кои во тој момент веќе беа стотици, во две големи групи тужби (една пред државен, а друга пред сојузен суд), со цел да се поедностави процесот на прибирање докази и подготвителни дејствија за четирите тужени компании. Компаниите ги негираа обвинувањата, велејќи дека инвестирале многу во безбедноста на децата и вовеле алатки за заштита на тинејџерите на интернет. Но по повеќекратни обиди да се отфрлат тужбите, платформите на социјалните мрежи се соочија со правна пресметка почнувајќи од годинава.
Петмина тужители за лични повреди беа случајно избрани да бидат, во правен жаргон, „претставници“ за тест-судења, за да се види како поротата реагира на доказите и аргументите, за да им помогне на страните да преговараат за спогодба за преостанатите случаи. До моментот кога беше закажано првото судење, тие други случаи се зголемија на повеќе од 5.000.
Во февруари, првиот показен случај се најде во Вишиот суд во Лос Анџелес, против „Мета“ и „Јутјуб“. („Тикток“ и „Снеп“ се спогодија со 20-годишната тужителка непосредно пред почетокот на судењето). По шестнеделно судење, поротата донесе значајна пресуда, прогласувајќи ги двете компании одговорни за оштетување на менталното здравје на тужителката. Поротата ѝ додели отштета од шест милиони долари: 4,2 милиони долари треба да плати „Мета“, а 1,8 милион долари „Јутјуб“. Тоа судење го промени пејзажот на судските спорови за зависност од социјалните медиуми. Оттогаш, бројот на случаи на лични повреди речиси се дуплирал, според адвокатите на тужителите што го водат судскиот спор. А штетата врз угледот од високопрофилно судење беше откриена за обвинетите.
Покрај финансиската казна, самото судење прерасна во вистински спектакл. Луѓето чекале во ред уште од 3 часот наутро за да обезбедат место во судницата. Медиумите поставуваа шатори во дворот на судот. Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, беше пречекан од толпа новинари при влегувањето во судницата, а потоа беше подложен на интензивно испрашување во текот на осум часа додека сведочеше. Тинејџерката што ја поднела тужбата изјавила дека била толку зависна од социјалните мрежи што за време на училишниот одмор се криела во тоалет за да прелистува содржини, поминувајќи и до 16 часа дневно на Инстаграм.
По ова, доверливите спогодби станаа попривлечна опција, бидејќи нудеа излез од ваквиот јавен надзор: тужените компании можеа да спречат обелоденување непријатни детали за начинот на кој тинејџерите ги користат нивните платформи, а раководните лица можеа да избегнат вкрстено испрашување во судницата.
Второто од овие клучни судења требаше да започне во јули. Тужителот, 15-годишник од Панама Сити, Флорида, во судските документи е наведен само со иницијалите Р.К.Ц. Според судските записи, тој почнал да ги користи платформите на осумгодишна возраст, а како тинејџер поминувал и до 10 часа дневно прелистувајќи содржини на социјалните мрежи. Деталите за штетните последици се сведувале на листа на проблеми со менталното здравје: несоница, депресија, анксиозност, нарушување во исхраната (прејадување), панично растројство и самоубиствени мисли. Прашањето за тоа како конкретно секоја од платформите наводно предизвикала или влошила одредени состојби, требаше да биде предмет на расправа на судењето и да стане достапно за јавноста.
„Јутјуб“ беше првата компанија што постигна спогодба со тинејџерот; во јуни се согласија да му исплатат нешто повеќе од два милиони долари, според извори запознаени со договорот, кои побараа анонимност бидејќи случајот е доверлив. Една недела подоцна, „Тикток“ исто така постигна спогодба, во износ од 2,5 милиони долари. Неколку недели подоцна, истото го стори и „Снеп“. („Бизнисвик“ не успеа да дознае колкав е износот на спогодбата.) Потоа, 15-годишникот доброволно ја повлече тужбата против единствениот преостанат тужен – компанијата „Мета“. Спогодбите што Р.К.Ц. ги склучи со „Јутјуб“, „Тикток“ и „Снеп“ се доверливи.
Александра Лахав, професорка на Правниот факултет при Универзитетот Корнел, специјализирана за масовни тужби, објаснува дека една од причините зошто тужените инсистираат на доверливост, е желбата да ги одвратат потенцијалните нови тужители. Компаниите не сакаат луѓето да дознаат за висината на исплатите и, водени од тоа, масовно да поднесуваат слични тужби, очекувајќи дека и тие ќе добијат паричен надомест.
Кај масовните тужби, првичните репрезентативни, односно показни предмети обично чинат повеќе за спогодување, бидејќи тие веќе се подготвени за судење, а датумот за главната расправа е блиску. Тужителите во овие случаи собрале повеќе докази и вложиле повеќе време и ресурси. Според Лахав, малку е веројатно дека илјадниците други тужители што чекаат да дојдат на ред ќе добијат толку високи исплати – ако воопшто добијат нешто. Сепак, токму големиот број предмети претставува вистинска финансиска закана за индустријата. Во моментов има 9.000 тужби, но потенцијалниот опсег на тужби го опфаќа бројот на сите тинејџери во САД.
Следните репрезентативни судења, во кои се вклучени три анонимни тинејџерки, беа закажани за оваа есен. Јавно достапните информации за тинејџерите и за тоа како тие наводно претрпеле штета од социјалните мрежи беа, повторно, оскудни. Тие беа идентификувани само преку нивните иницијали, возраста и сојузната држава од која доаѓаат. П.М.Ј., 15-годишничка од Њу Џерси, тврдеше дека зависноста од социјалните мрежи ѝ предизвикала депресија и ја навела на самоповредување. К.Д.Б., 18-годишник од Мисисипи, ги навел истите два здравствени проблема, како и нарушување во исхраната и анксиозност. С.Џ., 16-годишник од Илиноис, исто така ги навел овие четири проблеми. Во август, „Тикток“ постигна спогодба со сите тројца, истиот ден исплаќајќи му на секој од нив по 2,5 милиони долари. По ова, најмладата тужителка, П.М.Ј., ја повлече тужбата против другите три компании. Така, двајца тинејџери тужители, С.Џ. и К.Д.Б., останаа предвидени за заедничко судење во 2026 година против три тужени страни: „Јутјуб“, „Снеп“ и „Мета“. Во септември, „Јутјуб“ постигна спогодба со двете тинејџерки, исплаќајќи ѝ на секоја по 2,25 милиони долари, според лица запознаени со договорот. Како што се приближуваше судењето, „Мета“ исто така постигна спогодба, исплаќајќи им на двајцата тинејџери вкупно седум милиони долари. Потоа, во текот на процесот на избор на порота, и „Снеп“ постигна спогодба со тинејџерите, со што судењето официјално заврши.
Бранот тужби поднесени од сојузните држави, училиштата и тинејџерите би можел да ги изложи гигантите од светот на социјалните мрежи на „колективна теоретска одговорност од речиси 400 милијарди долари“, според процената на „Блумберг интелиџенс“. Ако компаниите продолжат да ги решаваат овие предмети преку спогодби, тоа би можело да се одвива бавно, случај по случај; но, исто така, може да заклучат дека „милионите долари трошоци за правни постапки, лошиот публицитет и потенцијалните регулаторни последици го оправдуваат постигнувањето сеопфатно решение што е можно поскоро“, вели Сара Лондон, партнер во адвокатската канцеларија „Џирард Шарп“.
Двете страни имаат интерес да постигнат спогодба, според Лондон. Тинејџерите тужители избегнуваат да бидат во центарот на вниманието во судскиот случај, емитуван низ целиот свет, бидејќи одбраната може да вклучува приватни пораки на тужителот и понижувачки инциденти од минатото, како што посочува таа. За компаниите, спогодбата може да помогне да се избегнат оштетување на угледот, последователен регулаторен ризик, поплава од тужби за имитатори и скапи последици за акционерите.
































