Првопласираните тројца на четвртиот мал маратон Горан Савин, Сашо Групчев и Зоран Филиповски

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (414)

Серијал за пливачките маратони (5)

  • Охридскиот пливач во четирите следни мали маратони имаше три победи и едно второ место. Три први места и за неговиот следбеник Александар Хаџиев. Кај девојките постојано се зголемуваше бројот на учесничките

Откако за триесетина секунди ја загуби трката со скопјанецот Тони Стојковски во 1984 година, охриѓанецот Горан Савин следната година повторно се врати на победите. На шестиот маратон за да покаже кој е кој, тој доминираше и убедливо триумфира. Савин ја преплива патеката од Горица до Охрид за 31,19 минути и постави нов рекорд, осум секунди подобар од оној резултат што го имаше постигнато една година порано Стојковски.
Семејството Савин преку Горан на овој начин ја продолжи својата доминација на малите маратони. Интересно е да се каже оти Климе Савин, најдобриот маратонец во ова семејството и воопшто еден од најдобрите македонски маратонци, во меѓувреме настапуваше на големите маратони. Тој на првиот меѓународен маратон одржан во Охрид во 1962 година го освои 10. место. Но, како што споменав во минатиот напис, сега се потсетуваме на малите, а кога ќе го завршам овој дел од серијалот, нормално ќе се вратам на големите маратони и тука ќе се потсетиме на подвизите на Дики и Атина Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин и на сите други што подоцна се појавуваа на патеката.

Пробиштипјанец одличен трет

Погоре напишав оти Горан Савин постави нов рекорд на патката од Горица до Охрид. Тој во оваа трка беше толку супериорен што низ целта помина со предност од три минути и 34 секунди пред клупскиот другар од Охридски бранови, Александар Хаџиев. Во конкуренција на 25 маратонци, третото место го освои Томе Кузев од екипата на Рудар од Пробиштип. Ова беше изненадување зашто многуте љубители на пливачкиот спорт кај нас и не знаеја дека во Пробиштип имаше и пливачки клуб. Ова беше добро за да ги поттикне младите и од другите градови да почнат да се занимаваат со пливачкиот спорт. Се разбира доколку има услови за овој спорт, за кој е потребна и адекватна инфраструктура, базени. Без нив, дури и ако има некоја погодна река или мало езерце (вештачко или природно), да се тренира тука, тоа ќе биде само импровизација. Сепак овој пример со Кузев покажува дека и во помалите градови пливањето е спорт со кој би се занимавале младите.
Инаку, во женска конкуренција на шестиот мал пливачки маратон во Охрид победничка беше стружанката Славица Дамјанска. Таа во конкуренција на 10 маратонки прва помина низ целта со резултат од 40,42 минути, а на второто место се пласира членката на скопски Вардар, Славица Битракова, која задоцни зад победничката за 33 секунди. Трета, со задоцнување од околу осум минути зад победничката, беше пливачката на Охридски бранови, Марија Стојковиќ.

Трет триумф на Савин

И седмиот мал маратон одржан на истата патека од Горица до Охрид, во должина од околу 2,5 километри, помина во доминација на Горан Савин, кој, исто како и на претходниот маратон, триумфира пред клупскиот другар Александар Хаџиев. Но овој пат разликата помеѓу двајцата беше многу помала, 1,20 минута, за разлика од претходната трка, кога заостануваше повеќе од три минути. Ова говореше оти Хаџиев е во подем и доколу продолжи со ист интензитет на тренинзи брзо ќе дојде денот кога ќе се искачи на највисокото место на пиедесталот. Трет ја заврши трката победникот од 1984 година, вардарецот Антонио Тони Стојкоски. Инаку, во трката учествуваа 25 пливачи, што говореше дека оваа бројка се стандардизира и интересирањето за настап на малите маратони се одржуваше на едно коректно ниво. Интересно е дека пливачот од Пробиштип Томе Кузев, кој претходната година беше трет и првпат се искачи на пиедесталот, овој пат беше на четвртата позиција.
Во женска конкуренција, каде што и овој пат стартуваа 10 пливачки, повторно триумфира стружанката Славица Дамјанска. Светлана Огненоска од Охридски бранови направи финишот на трката да биде многу интересен. Таа ги вложи сите сили, но не успеа да дојде до втората позиција и заостана само за две секунди зад Стојковиќ, која, за разлика од минатата година, овој пат се избори за едно место погоре, второто.

Охриѓанките доминантни

Времето покажа оти малите маратони беа полн погодок. Иако истовремено се одржуваше и големиот меѓународен маратон, сепак малиот си остана во рамките на Македонија и тој беше шанса за афирмација на нашите млади пливачи. Преку овие настапи тие се калеа, полека созреваа и веројатно со мислите беа некаде во иднината, во која сигурно и тие посакуваа еден ден да бидат како Дики, Нико, Климе или Атина.
Токму таа помисла и желба како да ги водеше да одат напред и еден ден барем да се доближат до своите идоли. Сите беа свесни оти патот ќе биде тежок, но мораше да се проба. Ако не пробаа, можеби еден ден ќе имаше и каење и многу прашања поврзани со тоа зошто не продолжиле и не загризале повеќе за да дојдат до едно повисоко ниво. Затоа, малиот маратон беше привлечен, па кој до каде стигне, стигне.
Во женска конкуренција најстандардна беше Марија Стојковиќ од Охридски бранови, која прво во 1985 година на шестиот маратон беше трета, следната година стигна до второто, а веќе во 1987 година и до првото место. Во еден период таа и Славица Дамјанска од Струга беа големи конкурентки и им даваа посебен белег на женските трки. Потоа на следните два мали маратона имаше други победнички. На деветтиот победи охриѓанката Анита Митреска, пред Елена Хаџиева и Јасмина Трендафилова, трите членки на Охридски бранови. На десеттиот мал маратон Хаџиева беше најуспешна, Катерина Шишкоска беше втора, а Ана Петреска трета. Сите беа пливачки на најмасовниот и најквалитетен пливачки клуб во Македонија, Охридски бранови.

Три титули за Александар Хаџиев

Е, сега да се вратиме на резултатите во машка конкуренција и да видиме кој од оние што веќе ги освојуваа првите места остана во трка и кои се новите шампиони.
Осмиот маратон во 1987 година донесе неколку промени на првите места во двете конкуренции. Тоа покажуваше оти желбата да се успее е сѐ поголема, а адекватно на тоа и борбата стануваше сѐ пожестока. Откако Горан Савин забележа три триумфа, на сцена стапи Александар Хаџиев. Тој пливаше и на претходните маратони, на кои двапати беше втор зад Савин, а имаше пласмани и меѓу првите десет. Конечно дојде и неговото време. Тој максимално ја искористи шансата и тргна во напад на првите места.
Прво Александар Хаџиев триумфира на осмиот мал маратон во 1987 година. За разлика од преостанатите деветмина што стартуваа во трката, тој имаше поголемо искуство и сите пред стартот прогнозираа оти тој ќе биде победник. И навистина беше така, по двете втори места конечно Александар Хаџиев од Охридски бранови во 1987 година се искачи на највисокото место на пиедесталот. Тој не успеа да го урне рекордот на патеката од Горица до Охрид, кој и понатаму остана во сопственост на Горан Савин, но затоа оствари убедлива победа. Хаџиев ја преплива делницата за 35,29 минути и го остави зад себе второпласираниот Оливер Србаковски од ОБ за четири минути. Ѓоко Ставрески, исто така од ОБ, помина трет низ целта, со заостанување од седум минути. И овие временски разлики меѓу првиот и преостанатите маратонци покажуваат колку Хаџиев беше супериорен над ривалите.
Истата слика се повторуваше и на следните два маратона, кога Хаџиев практично беше недостижен за конкурентите. Тој победи и на деветтиот и на десеттиот мал маратон во Охрид, со што се израмни по победите со Горан Савин. Меѓутоа, мора да се потенцира дека на деветтиот маратон тој конечно го урна рекордот на Савин и патеката ја исплива за 26,55 минути. Овој пат и временските услови му беа наклонети и тој како од шега стана рекордер на патеката. Втор во рекордерската трка беше Виктор Груев од ОБ со седум минути задоцнување, а трет низ целта помина, исто така член на ОБ, Љупчо Ашкилов, кој заостана 10 секунди зад второпласираниот.
И конечно Хаџиев третпат едноподруго стана победник на десеттиот мал маратон. Во оваа трка не го постигна очекуваното време, но сепак и оние 35,03 минути беа доволни за триумф, пред Роберт Василев и Петар Ралески, двајцата клупски другари од Охридски бранови.
Во идните продолженија ќе читате за годините кога на сцена стапи еден од најталентираните македонски пливачи Александар Маленко.