МАКЕДОНСКАТА ПРЕРОДБА (1)
Кога се пристапува кон анализа на процесите што го обликувале современиот македонски национален, културен и политички идентитет, неизбежно е да се соочиме со епохата што во историографијата, филологијата и културологијата е кодифицирана под терминот македонска преродба. Самиот Крсте Петков Мисирков, чија мисла претставува интелектуален темелник на македонската самосвест, овој процес го дефинира како: преродуаiне, возродуаiне или препородуваiне. Неговата терминолошка прецизност не е случајна; таа ја отсликува двојната природа на преродбата, од една страна како враќање кон сопствените, длабоко вкоренети културно-историски и духовни извори, а од друга страна како конституирање еден модерен политички субјект, процес што својата логична и историска завршница ја наоѓа во државното конституирање на Македонија. Македонската преродба не претставува изолиран романтичарски занес на неколкумина просветители, туку сеопфатен, повеќедецениски процес на културно-национално будење и национално-политичко ослободително движење. Тоа е епоха во која еден народ, заробен во пајажината на застарените феудални структури на Османлиската Империја и истовремено изложен на агресивните асимилаторски стратегии на соседните млади национални држави, започнува макотрпна борба за сопствено субјективизирање. За разлика од сличните процеси кај другите европски, па и балкански народи, македонската преродба се одвива во услови на екстремен надворешен притисок, каде што секој чекор кон самоспознавање мора да се избори не само против империјалната власт на Портата туку и против добро организираните, финансиски моќни и дипломатски поддржани црковно-просветни пропаганди од соседството.
За да се сфати тежината на овој историски пат, нужно е да се согледа пошироката слика на Балканот како геополитичка раскрсница, како и внатрешните општествено-економски превирања што го овозможиле појавувањето на македонското граѓанство. Без разбирање на просторот, на неговата стратешка вредност и на судирот на империјалните интереси, секој обид за толкување на македонската преродба останува нецелосен и лишен од својата вистинска драматика. Историјата на Македонија во деветнаесеттиот век е нераскинливо поврзана со нејзината географска положба, која во дипломатските кабинети на Европа се перципирала како клуч за доминација над целиот југоисточен континент. Просторот на Македонија не бил само обична провинција во европскиот дел на Османлиската Империја; тој претставувал витален сообраќаен и стратешки јазол, природен мост преку кој се вкрстувале главните комуникациски артерии што ја поврзувале Средна Европа со Блискиот Исток и Медитеранот. Централната оска на овој простор ја сочинувала Вардарската Долина, природна магистрала што имала непроценливо стратешко значење бидејќи од север, надоврзувајќи се на Моравската Долина, создавала директен и најкраток копнен коридор кон срцето на Балканот, завршувајќи во големиот Солунски Залив. Солун, како најзначајно пристаниште во северниот дел на Егејско Море, бил крајната цел на сите експанзионистички амбиции. Од овој морски излез, влијанието и контролата лесно можеле да се прошират на исток, кон плодната и стратешки важна долина на реката Струма, како и на запад, преку планинските масиви на Албанија, сè до бреговите на Јадранско Море. Бидејќи „оној што ги контролира сливот на Вардар и излезот на Солунскиот Залив, тој ја држи во свои раце судбината на целиот Балкански Полуостров и диктира услови за трговијата и воената стратегија во Источниот Медитеран“.
Токму поради оваа извонредна географско-стратешка конфигурација, Македонија станала епицентар на судирите на таканареченото источно прашање. За нејзината територија не се бореле само младите, штотуку ослободени балкански државички како Грција, Србија и подоцна Бугарија, кои во територијалното проширување кон Македонија ја гледале единствената можност за зголемување на сопствената територија, демографскиот потенцијал и економската одржливост. Над нивните регионални амбиции лебделе интересите на големите европски сили. Австро-Унгарија, со својата стратегија „Продор кон Исток“ (Drang nach Osten), очајнички тежнеела да излезе на Солун, гледајќи во вардарско-моравската оска природно продолжение на својата империја. Од друга страна, Царска Русија, водена од својата вековна желба за контрола над Цариград и протоците (Босфорот и Дарданелите), настојувала да создаде сателитски држави на Балканот преку кои би го неутрализирала австроунгарското и британското влијание. Велика Британија, пак, како господар на морињата, се стремела да го зачува територијалниот интегритет на Османлиската Империја сè додека тоа служело како бедем против руското спуштање кон топлите мориња, додека самата Османлиска Империја грчевито се борела да ги задржи своите последни европски упоришта, свесна дека губењето на Македонија значи и дефинитивен крај на нејзиното присуство во Европа. Како директна последица на ваквата констелација на силите, во втората половина на деветнаесеттиот век европската јавност, дипломатијата и научните кругови биле преплавени со дебати за т.н. македонско прашање. Архивите на европските министерства за надворешни работи, безбројните книги, патописи, етнографски студии, статистички прегледи и новинарски репортажи сведочат за невиден интерес насочен кон овој релативно мал географски простор. Во целата европска историја тешко може да се пронајде сличен пример каде што толку интензивно, страсно и пристрасно се расправало за етничкиот и националниот карактер на едно население како што тоа било случај со Македонците. Оваа опсесија со националната припадност на македонското население не произлегувала од некаков алтруистички научен интерес, туку од сурови политичко-стратешки калкулации. Во епохата кога принципот на националност (principe des nationalités) сè повеќе станувал легитимен критериум за прекратување на границите и создавање држави во Европа, прашањето „Кои се Македонците?“ добило судбинско значење. Бидејќи домородното македонско население го сочинувало апсолутното и импозантно мнозинство во земјата, од неговата национална идентификација директно зависело кому ќе му припадне Македонија по неизбежното распаѓање на османлиската власт. Поради тоа, сите заинтересирани страни ги мобилизирале сите свои ресурси, вклучувајќи ја тука и науката (лингвистиката, етнографијата, историјата, антропологијата) за да го докажат сопственото „историско и етничко право“ врз Македонија.
Се појавиле десетици „етнографски карти“ на Балканот, изработени по нарачка на Софија, Атина, Белград или Виена, на кои боите на населението се менувале во зависност од политичките потреби на моментот. Бугарските, грчките, српските, па дури и романските пропаганди, потпомогнати од одредени европски публицисти и научници, пласирале дијаметрално спротивни и меѓусебно исклучувачки „докази“ за карактерот на Македонците, прикажувајќи ги наизменично како чисти Бугари, славофони Грци или стари Срби. За да разбереме како започнало внатрешното будење наспроти ваквите надворешни околности, мораме да го свртиме погледот кон внатрешните општествено-економски процеси во Македонија во текот на деветнаесеттиот век. Националната преродба не е само феномен на духот; таа има своја цврста материјална основа. Во Македонија таа основа се создава преку постепеното распаѓање на класичниот османлиски тимарско-спахиски систем и пробивот на капиталистичките односи на производство и размена. Но во основата на тоа „будење“, на таа „преродба“ или, како што забележал Мисирков, „препородување“ лежи дамнешниот спомен на ендопите – домородните, автохтони Македонци за нивното древно минато…
(продолжува)
М-р Никола Ристевски

































