Фото: Каролина Мицевска

Швајцарија – Базел, Сент Гален, Сент Мориц…

Швајцарија е алпска држава. Кога ќе се спомне името, веднаш се мисли на прецизност, банкарство, часовници, чоколади…, но таа пред сѐ има природа што плени, врвови што одушевуваат и над 1.500 езера, кои нудат можности за одмор и за релаксација. Идеално место е, не само за живеење туку и за посета, а совршена за оние што сакаат неверојатно зеленило и планински површини што оставаат без здив. Од сите европски земји што сум ги посетила, Швајцарија е најуредена, најбогата и визуелно најимпресивна земја, сместена во срцето на Европа. Како неуморен патник, решив да пишувам за мојата посета на неколку града, Базел, Сент Гален, Сент Мориц, и на неколку убави и одлично уредени селца, кои привлекуваат илјадници туристи: Апенцел, Маjенфилд…

Базел – чист и модерен град

Првиот впечаток е дека е модерен центар, особено индустриски, бидејќи има развиена хемиска и фармацевтска индустрија. Градот го има најстариот универзитет на швајцарската конфедерација, кој датира од 1460 година. Тука жителите, кои се многу љубезни, зборуваат германски јазик, ама и англиски, па лесно можеш да се разбереш. Она што е важно е тоа дека Базел е еден од најзначајните културни центри на Швајцарија. Градот располага со голем број музеи, вклучувајќи го и Музејот на уметноста, каде што ја има најстарата уметничка колекција достапна за посетителите. Исто така тука е и театарот во Базел, кој во 1999 година бил избран за најдобар по претставите изведувани на германски јазик, а во 2009 и 2010 година за „Опера на годината“ од страна на германскиот оперски магазин „Опернвелт“. Она што посебно ме воодушеви е што градот е премногу чист, како по улиците да не се движат илјадници граѓани, туристи, а и многу е тивок, мирен. Стариот дел има посебна атмосфера. Плени со тесните улички, старите куќи и малите продавници меѓу плоштадите „Барфисерплац“ и „Минстерплац“. Уметничкиот музеј „Кунтцмузеум“ ја чува најстарата јавна уметничка колекција во земјата со дела од светски познати автори. Интересна е и градската куќа, обоена во црвено, која може убаво да се разгледа, а наспроти неа на плоштадот има поставено куќарки во кои се продаваат производи и храна. А, потоа предизвик беше фонтаната „Тингели“, која е дел од музејот, посветен на секојдневните уметнички дела на Жан Тингели. Тука може човек да се одмори, да ужива, за да продолжи со прошетката низ Базел, во кој може да се премине Рајна со стар чамец и да се разгледа зоолошката градина.

Сент Гален – највисок град во Швајцарија

Сент Гален е град во Источна Швајцарија. При ведро и убаво време се открива глетка кон Боденско Езеро и Јужна Германија. Поради специфичниот релјеф го нарекуваат „град на илјадниците скали“. Најпрво низ тесните улички стигнавме до кругот на опатијата, која е под заштита на УНЕСКО. Предизвик е да се влезе во опатиската библиотека, една од најстарите и највредни библиотеки. Тука е и градската катедрала, величествено барокно здание со импресивни детали, фрески и две кули, кое доминира над градот. Стариот дел од Сент Гален е шармантна пешачка зона со интересни куќи на кои има единствени прозорци, какви што не сум видела досега. Шарени се, во различни бои и сведочат за богатата историја на трговците што живееле во градот. Вкупно има околу 111 такви куќи, кои веднаш се забележуваат. И шетајќи ќе ја забележиш протестантската црква „Св. Ловр“, од која има прекрасен поглед на околината и пред сѐ на покривите од куќите во градот. Она што мене особено ми се допадна беше одличното решение за плоштадот „Ротер“. Црвен плоштад што се протега низ неколку улици, а е современ, модерен и необичен урбан простор, дизајниран од уметницата Пипилоти Рист и архитектот Карлос Мартинез. Посебна атракција во убавата природа на Сент Гален се трите езерца, кои се омилено место за релаксација, одмор и прошетка. Во градот можете да го разгледате и Музејот на текстилот, историска поставка на текстилната индустрија.

Сент Мориц – олимписки град

Сент Мориц е алпски туристички центар на надморска височина од 1.800 метри. Лежи на јужните падини на Албулските Алпи. Од едната страна планините, а од другата страна езерото. Убавина за очи. Природа што плени, објекти што воодушевуваат. Ги видовме убавите терени за Зимските олимписки игри. Сент Мориц двапати беше домаќин, во 1928 и во 1948 година. Терените за голф се посебна приказна. Тука има убава клима, чист воздух и 322 сончеви дена во годината. Сент Мориц ќе ми остане во сеќавање како град со галерија посветена на сликарот Сегантини, на Кривата кула стара стотици години, со многу луксузни продавници, скапи чоколади и сина езерска вода.
Најинтересниот дел од нашето патување беше возењето со воз на железничката пруга Бернина експрес. Возот тргнува од Сент Мориц и она што се гледа додека се возиш не се опишува со зборови, туку се доживува. Едноставно остануваш без здив од убавините што ги гледаш и покрај кои поминуваш. Ја поминавме реката Ин, преку вијадуктот со должина од 64 метри, потоа низ тунелот Чарнадура, долг 682 метри, па се искачивме на Бернинскиот Премин. Возот постојано се искачуваше и минуваше низ преубавите предели, за по извесно време да стигне до станицата „Мортераш“, од каде што го видовме познатиот глечер. По граничната станица „Кампоколоно“, возот конечно влегува во Италија и се движи кон главниот плоштад на градот Тирано како негова крајна дестинација. Вкупно два и пол часа убавина и рај за очи. И тука завршува патувањето од соништата, кое долго ќе го паметам.