Фото: Илустрација/Принтскрин/Х

Украина во текот на изминатата ноќ го изведе својот најголем напад со беспилотни летала врз Русија од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила 1.336 украински беспилотни летала над територијата на 16 руски региони, објави „Ројтерс“.

Според објавените податоци, со тоа е надминат претходниот рекорд од 1.254 соборени беспилотни летала, регистриран на 29 октомври.

Со овој напад Украина го продолжи трендот на зголемување на обемот и зачестеноста на нападите со дронови, кои се интензивираа од летото.

Руското Министерство за одбрана објави дека беспилотни летала биле пресретнати и над Крим, полуостров во Црното Море што Русија го зазеде и го анектираше во 2014 година, како и над водите на Азовското и Црното Море.

Сергеј Аксјонов, кој е назначен од Москва да раководи со Крим, изјави дека Украина го нападнала стратешки важниот Кримски мост, кој го поврзува полуостровот со рускиот регион Краснодар и по кој се одвиваат патниот и железничкиот сообраќај.

Кремљ соопшти дека штетата на мостот е мала. Патниот сообраќај е привремено прекинат поради санација, додека железничкиот сообраќај се одвива непречено, објави руското Министерство за транспорт.

Од крајот на октомври Украина значително ги засили нападите врз руските нафтени рафинерии.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата вечерта изјави дека поради овие напади повеќе од половина од рускиот капацитет за рафинирање нафта е надвор од функција.