Во прилепската болница „Борка Талески“ денеска беше извршена првата лапароскопска гинеколошка операција. Со воведувањето на овој метод, пациентките ќе имаат побрз и полесен пристап до вакви интервенции, без да патуваат во друг град.
– Нашата заложба е пациентите да не патуваат во други градови и операциите да се прават тука. Да се применуваат методи што се помалку инвазивни и подобри за пациентите. Операцијата ја изведовме во соработка со д-р Павловски од Клиниката за гинекологија и акушерство и со лекарите од нашето гинеколошко одделение. На овој начин вршиме децентрализација во здравството и воведуваме нови методи – рече на прес-конференција специјалистот по ортопедија Кире Јоноски, директор на прилепската болница.
Извршена е лапароскопска операција на циста кај 45-годишна пациентка.
– Тоа е минимално инвазивен метод што има предност во однос на класичната операција. Прво, престојот во болница е пократок. Второ, закрепнувањето е трипати пократко отколку по класична операција. Пациентката е работоспособна по три дена. Минимално инвазивните методи имаат предности и се стандард во развиениот свет. Веќе се применува и роботска хирургија, која нуди дополнителни предности. Во јавното здравство, досега вакви операции се изведуваа само на Клиниката за гинекологија во Скопје – рече д-р Павловски.
Тој посочи дека за изведување на ваквите операции се потребни соодветна апаратура, инструменти и обучени лекари.
Според д-р Билјана Кржеска, специјалистка по гинекологија и раководителка на гинеколошкото одделение во прилепската болница, лапароскопијата има предности во лекувањето на пациентките.
– Многу сум среќна што операцијата се изведе кај нас. Пациентката е добра и стабилна. Му благодарам на д-р Павловски за поддршката. Лапароскопијата, како минимално инвазивен метод, овозможува пократок престој во болница, а пациентките по една недела можат да се вратат на секојдневните активности. Имаме раководство што ги прифаќа нашите барања. Апаратот е купен пред неколку месеци. Го ставивме во функција, го обучивме медицинскиот кадар, се договоривме со Клиниката за гинекологија и ја изведовме првата операција. За нашите пациентки ова значи дека нема да мора да патуваат во Скопје за вакви операции и да се изложуваат на дополнителни трошоци – рече д-р Кржеска.
Во прилепската болница во последно време се воведени и неколку други современи методи за изведување операции со минимално инвазивни техники. Ка.М.


































