Фото: Собрание

Пратениците имаат клучна улога во обезбедувањето долгорочен напредок и спроведувањето реформи што нема да зависат од еден политички мандат или изборен циклус, истакна денеска шведскиот амбасадор Ола Солстром во обраќањето на тематската дебата во Собранието посветена на извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и парламентарниот надзор. Одлуките, како што беше посочи тој, мора да се преточат во конкретни реформи, а тие во видливи промени што ќе го подобрат секојдневниот живот на граѓаните.

На дебатата „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“, која се одржува во рамките на иницијативата „Гласот на парламентот за Европа“, а ја спроведува Центарот за управување со промени со поддршка на Шведска и УНОПС беше истакната и дека надминувањето на застојот во пристапниот процес со Европската Унија и постигнувањето широка домашна согласност за стратешките прашања поврзани со евроинтеграциите се важни предуслови за напредок во владеењето на правото, стабилноста и просперитетот на државата и регионот. Учесниците ја потенцираа и потребата од посилна улога на Собранието во следењето на реформите, поголема отчетност на институциите и континуиран парламентарен надзор, со оценка дека реформите не треба да зависат од политичките мандати, туку да претставуваат долгорочна државна обврска.

Шведскиот амбасадор истакна дека Шведска останува посветена на европскиот пат на земјава преку политичка поддршка и развојна соработка, нагласувајќи дека членството во ЕУ не треба да се третира само како процес на преговори меѓу владите, туку како сеопфатен национален проект во кој секоја демократска институција има важна улога.

– Членството во ЕУ не се сведува само на преговарање помеѓу владите, туку треба да биде сеопфатен национален проект каде што секоја демократска институција игра важна и клучна улога, вклучително и Парламентот, којшто треба да одигра мошне цврста улога- рече Солстром.

Тој посебно ја нагласи улогата на Собранието во обезбедувањето одржливи реформи во владеењето на правото, посочувајќи дека пратениците, иако доаѓаат од различни политички партии, имаат заедничка одговорност кон граѓаните и државата.

Според него, големите и финансиски барани реформски процеси мора да се засноваат на сеопфатни одлуки, соработка меѓу сите чинители и политичка посветеност, со цел реформите да бидат стабилни, инклузивни и да не бидат во сопственост на политичките партии, туку на државата.

-Реформите треба да бидат одржливи, стабилни, инклузивни и да не бидат во сопствеништво на политичките партии, туку во сопственост на државата- нагласи шведскиот амбасадор.

Солстром нагласи дека стратегиите на хартија не се доволни доколку нивното спроведување не се следи во практика, при што јавниот надзор и мониторингот создаваат транспарентност, транспарентноста води до доверба, а довербата му дава легитимитет на понатамошниот процес.

Швајцарскиот амбасадор Кристоф Сомер оцени дека европската интеграција на Западен Балкан е стратешка цел и за неговата земја, која во изминатите децении преку билатералната програма за соработка инвестирала повеќе од 400 милиони евра во земјава.

Како еден од клучните столбови на поддршката го посочи владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата на локално ниво, преку проектот „Заедници управувани од интегритетот“, кој се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт.

Сомер ги пофали постигнатите реформски резултати во земјата, меѓу кои и резултатите во рамките на Програмата за реформи и раст, но посочи дека извештаите на Европската комисија за владеењето на правото истовремено укажуваат на значајни чекори што сè уште треба да се преземат.

Тој оцени дека актуелниот застој во пристапувањето кон ЕУ е сериозна пречка за напредокот и дека неговото надминување би било одлучувачки фактор за поттикнување на реформите и забрзување на европската интеграција.

– Да се соочиме со тоа, овој застој не му служи никому од нас, ниту на Македонија, ниту на регионот, ниту на Европа како целина, вклучително ни на Швајцарија – нагласи Сомер.

Според него, политичките ќор-сокаци и несогласувањата можат да се надминат кога сите страни ќе покажат посветеност кон градење доверба и искрен и продуктивен дијалог за патот напред.

Тој посочи и дека широка домашна согласност за најфундаменталните стратешки прашања од процесот на европската интеграција би ги олеснила реформските заложби. Притоа предупреди дека продолжувањето на застојот може да има негативни последици врз напредокот во владеењето на правото, но и врз стабилноста и просперитетот на државата, регионот и Европа.

Директорката на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), Михела Телатин, нагласи дека одржливите реформи бараат многу повеќе од усвојување политики и законодавство, односно институции со капацитети и алатки за претворање на преземените обврски во трајни резултати.

Таа посочи дека преку проектот за поддршка на европските интеграции на Македонија, УНОПС обезбедува насочена техничка помош и ги поврзува националните институции, експертите и граѓанското општество, со цел да се поддржи реформскиот процес, да се изгради потребното знаење и да се воспостават механизми за спроведување на реформите.

-Одржливите реформи бараат повеќе од политики и донесување законодавство. Тие бараат институции што ќе го имаат капацитетот и алатките да ги преведат обврските во трајни резултати – рече Телатин.

Таа ја истакна додадената вредност на УНОПС во обезбедувањето капацитети за имплементација, координација и оперативна поддршка, нагласувајќи дека пристапот се заснова на национална одговорност, вклученост и одржливост.

Телатин оцени дека граѓанското општество, медиумите и младите треба да имаат значајни можности за придонес во реформските процеси, а денешната дебата ја посочи како пример за пошироко ангажирање во процесот на европска интеграција.

Извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска, појасни дека целта на иницијативата е да се придонесе кон поактивна и повидлива улога на Собранието во евроинтегративните реформи, бидејќи подготовката на државата за пристапните преговори и усогласувањето со европското законодавство не треба и не смее да се одвиваат единствено во Владата.

Таа посочи дека Собранието преку своите механизми за надзор и контрола може значително да придонесе во интегративните процеси, да бара отчет од институциите и да ја информира јавноста за нивниот тек.

– Подготовката на земјата за пристапните преговори и усогласувањето со европското законодавство не треба и не смее да се одвиваат единствено во Владата. Собранието преку своите инструменти на надзор и контрола може значајно да придонесе во овие интегративни процеси, да бара отчет од институциите и да ја држи јавноста информирана за процесите – рече Малеска Сачмароска.

Осврнувајќи се на владеењето на правото, таа нагласи дека станува збор за трајна обврска, а не за тема што се однесува исклучиво на земјите кандидати за членство во ЕУ. Европската комисија, како што појасни, води континуиран процес на следење и дијалог за овие прашања, при што и земјите членки на Унијата добиваат извештаи според иста или слична методологија.

Таа ги посочи правосудството, медиумите, борбата против корупцијата, функционалноста на институциите и механизмите за контрола и рамнотежа како области што се предмет на ваквото следење.

-Тоа значи дека нашите обврски нема да започнат и да завршат сега, ниту со оваа дебата, туку ваквиот дијалог е неопходно да се одвива многу почесто во Собранието и да овозможи редовен увид во напредокот на државата, па и во прашањата коишто не се така експлицитно наведени во овој извештај за владеење на правото – истакна Малеска Сачмароска.

Таа се осврна и на европската рамка за борба против корупцијата, посочувајќи дека на 8 октомври Европскиот парламент усвоил резолуција со која се очекува првата стратегија на Европската комисија за борба против корупцијата да биде усвоена до крајот на годината. Иако таа нема да претставува обврска за Македонија, според Малеска Сачмароска, ќе биде уште еден патоказ што ќе треба да се следи.

Центарот за управување со промени, како што информираше, подготвил симулација врз основа на извештајот за владеењето на правото, која треба да им помогне на пратениците полесно да се информираат за напредокот на државата и да го следат исполнувањето на препораките.

Малеска Сачмароска ги посочи и независноста на институциите, вклучително и нивната финансиска независност, како важни аспекти на европската рамка за борба против корупцијата, пренесува МИА.