ФУДБАЛ

  • Според информациите, по мечевите во неделата комплетно е составен само првиот барабан. Репрезентацијата на Македонија би требало да биде во треиот барабан од вкупно пет

Со завршувањето на групната фаза на Лигата на нациите, денеска, ќе се комплетираат и составите на барабаните за ждрепката за квалификациските групи за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2028 година.
Вкупниот пласман во Лигата на нациите е важен за одредување на местата на 54-те селекции во барабаните пред ждрепката за квалификациските групи за ЕП 2028, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Првите четири барабани ќе имаат по 12 селекции, а во петтиот ќе бидат шест репрезентации.
Ждрепката за квалификациите за ЕП 2028 треба да биде влечена на 6 декември (од 18 часот), во Белфаст. Репрезентациите ќе бидат извлечени во 12 групи со по четири или пет селекции, кои ќе играат меѓусебно дома и на гости, од март до ноември 2027 година, по што победниците на групите ќе се пласираат директно на континенталното првенство во 2028 година, а второпласираните ќе се квалификуваат директно или ќе учествуваат во натпревари од плејофот, во март 2028 година, со репрезентации од Лигата на нациите, пишува УЕФА.

Според информациите, по мечевите во неделата во Лигата на нациите, комплетно е составен само првиот барабан, во кој би требало да бидат Белгија, Хрватска, Данска, Англија, Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Норвешка, Португалија и Шпанија. Репрезентацијата на Македонија би требало да биде во третиот барабан од вкупно пет, за минатото ЕП, во 2024 година, како и за ЕП 2012, црвено-жолтите беа во четвртиот барабан од вкупно шест, за ЕП 2020 и за ЕП 2016 во петтиот од шест, за ЕП 2000 и за ЕП 2004 во четвртиот од вкупно пет…
Се очекува сезонава на Лигата на нациите одново да биде поврзана и со квалификациите за пласман на европско првенство, откако врз основа на резултатите во Лигата на нациите, на некои репрезентации ќе им се даде втора шанса да влезат во плејофот за пласман на Европското првенство во 2028 година во Обединетото Кралство и во Република Ирска, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.