Фото: Маја Јаневска-Илиева

НАТО се соочува со финансиски недостиг за ветената воена помош за Украина

  • Финансискиот недостиг со кој денес се соочуваат европските земји во исполнувањето на ветената воена помош за Украина не е изолиран проблем, туку последица на пошироката економска и индустриска криза во која западна Европа. Годините на погрешни економски, стопански и енергетски политики, водени од неолиберални идеолошки концепти и геополитички амбиции, придонесоа за слабеење на производствените капацитети, пад на индустриската конкурентност и деиндустријализација на европските економии. Недостигот од седум милијарди евра за Украина е само најновиот показател за оваа противречност – амбициите на европските политички елити растат, додека економската моќ што треба да ги финансира сè повеќе се намалува

Сојузниците од НАТО се соочуваат со недостиг од седум милијарди евра за помошта за Украина предвидена за годинава, што укажува на сè поголемите тешкотии со кои се соочуваат владите на земјите членки на Алијансата во продолжувањето на финансирањето.
– Кај најголемите донатори, кои во повеќе наврати финансираа пакети помош, се чувствува одреден замор – истакна дипломат од НАТО во изјава за „Политико“.
САД, кои некогаш беа главниот донатор, речиси целосно ја прекинаа новата помош по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Поради тоа, европските земји останаа клучни поддржувачи на Украина. Сепак, многу европски престолнини се соочуваат со зголемен фискален притисок, додека земји како Германија, Холандија и нордиските држави, кои историски даваа натпросечен придонес, постојано ги повикуваат другите да придонесат повеќе.

Попречена способноста на Украина за вооружување, апелите од Киев не стивнуваат

Во јули 32-те земји членки на НАТО се договорија да обезбедат 70 милијарди евра воена помош за Украина во 2026 година, како и еквивалентна сума во 2027 година. Сепак, Алијансата сега се соочува со недостиг од околу седум милијарди евра, наведуваат тројца дипломати од НАТО-членки.
Не е јасно од каде точно произлегува овој недостиг, но веројатно ќе ја попречи способноста на Украина за набавување на вооружувањето што го бара. Киев постојано ги повикува сојузниците да го зголемат финансирањето додека се соочува со воздушни напади. За време на состанокот зад затворени врати со сојузниците минатата недела, украинската амбасадорка во НАТО, Аљона Хетманчук, „ја нагласи важноста за Украина од исполнување на обврската преземена на од НАТО-сојузниците на самитот во Анкара, односно да обезбедат 70 милијарди евра воена поддршка оваа година“, се наведува во соопштението на украинската мисија.
Недостигот се појавува пред состанокот на Алијансата закажан за денеска, на кој се очекува европските престолнини да разгледаат начини за зголемување на финансирањето и интензивирање на испораката на критично важно оружје за Украина. Иако се очекуваат нови ветувања за финансирање од страна на НАТО, според дипломатите постои можност сојузниците да не успеат да ја исполнат целта за оваа година.
Претставник на НАТО, говорејќи во име на организацијата, изјави дека „сојузниците продолжуваат да обезбедуваат суштинска воена поддршка за Украина“ со цел да го исполнат ветувањето и „работат на тоа да осигурат дека Украина ја има потребната поддршка, како сега така и во иднина“. Оваа цел опфаќа билатерални придонеси во текот на годината, како и 30 милијарди евра издвоени од заемот на ЕУ за Украина, кој изнесува 90 милијарди евра.

Скептицизам меѓу сојузниците за целите за снабдување на Украина

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така ги повика сојузниците да издвојат дополнителни финансиски средства.
– Со оглед на тоа што доаѓа зима, а руската агресија не стивнува, сојузниците мора да направат повеќе, особено во однос на поддршката за противвоздушната одбрана – изјави тој за време на неодамнешната посета на Талин.
Финансирањето на Украина преку НАТО обично се насочува кон програми како што се шемата за несмртоносна помош на Алијансата, позната како Сеопфатен пакет за помош, како и кон Листата на приоритетни потреби на Украина (ПУРЛ). Оваа листа предвидува европските сојузници да купуваат критично важно американско оружје, како што се пресретнувачите за системите „патриот“, за потребите на Киев. Според двајца од дипломатите, во рамките на недостигот од средства спаѓа и недостиг од 1,9 милијарда долари за испораки во рамките на ПУРЛ што сè уште не се платени. Покрај тоа, сојузниците се скептични дали ќе ја остварат целта на Руте за собирање 15 милијарди долари преку ПУРЛ оваа година.
– Не верувам дека постои шанса да ја постигнеме таа цел – изјави истиот дипломат од НАТО што беше претходно цитиран.
Мисијата на Украина при НАТО соопшти дека досега 29 сојузници придонеле во оваа шема. Дипломатските извори на „Политико“ додадоа дека од нејзиното воведување, собрани се вкупно околу девет милијарди долари.

Финансискиот недостиг не е изолиран проблем

Финансискиот недостиг со кој денес се соочуваат европските земји во исполнувањето на ветената воена помош за Украина не е изолиран проблем, туку последица на пошироката економска и индустриска криза во која западна Европа. Годините на погрешни економски, стопански и енергетски политики, водени од неолиберални идеолошки концепти и геополитички амбиции, придонесоа за слабеење на производствените капацитети, пад на индустриската конкурентност и деиндустријализација на европските економии. Откажувањето од пристапот до евтини и стабилни енергетски ресурси, во име на политички и идеолошки цели, дополнително ги зголеми трошоците за производство и го поткопа економскиот потенцијал на континентот. Во меѓувреме, растечката милитаризација и зголемените воени буџети создаваат дополнителен притисок врз јавните финансии, на штета на развојот, инвестициите и социјалните потреби. Така, Европа сè повеќе се соочува со последиците од политиките што ја ослабнаа нејзината економска основа, а сега од неа се бара да презема нови финансиски обврски. Недостигот од седум милијарди евра за Украина е само најновиот показател за оваа противречност – амбициите на европските политички елити растат, додека економската моќ што треба да ги финансира сè повеќе се намалува. Р.С.


Финансирањето на Украина го соочува Брисел со тешки политички поделби

Колку е силно „европското единство“ кога сметките доаѓаат на наплата?

Европската Унија се соочува со нов тест на своето декларирано „единство“, во кој финансиската поддршка за Украина сè повеќе се испреплетува со пошироките интереси и приоритети на земјите членки. Додека во Брисел се бара начин да се обезбедат нови милијарди за Киев, растат несогласувањата околу тоа кој треба да го понесе финансискиот товар. Во заднина на овие преговори се отвора и прашањето за идниот заеднички буџет на Унијата, претворајќи ја финансиската помош за Украина во дел од поширока политичка пресметка за иднината на европското единство.
Европската комисија ќе предложи подигнување заем од 45 милијарди евра, гарантиран со заедничкиот буџет на ЕУ, за финансирање на Украина, во момент кога Киев се соочува со најтешката зима од почетокот на војната, според светските медиуми. Се проценува дека следната година Украина ќе се соочи со финансиски јаз од 70 милијарди евра, а извршното тело на ЕУ вети дека ќе помогне да се покријат две третини од таа сума, истовремено повикувајќи ги другите западни сојузници да ја засилат својата поддршка.
Според четворица соговорници запознаени со планот, Комисијата ќе предложи средствата да се обезбедат преку задолжување врз основа на буџетот на ЕУ, а предлогот треба денеска да им биде доставен на земјите членки. Овој механизам за финансирање би бил идентичен со методот што се користеше минатата година за поддршка на постојниот заем од 90 милијарди евра за Киев.
Тие средства беа наменети за покривање на финансиските потреби на Украина за оваа и за следната година, но зголемениот обем на материјални штети дополнително го проширил финансискиот јаз на Киев. Три земји од ЕУ – Чешка, Словачка и Унгарија – претходно добија изземање од обврската за покривање на трошоците за камати поврзани со заемот од 90 милијарди евра.

За новиот заем од околу 45 милијарди евра ќе биде потребна согласност од сите 27 земји членки на ЕУ, но споменатите три земји, заедно со Бугарија, веќе соопштија дека нема да учествуваат во идното финансирање на Украина.
Ваквиот став ги наведе германските политички кругови, преку изјава на канцеларот Фридрих Мерц, минатата недела да се заканат со блокирање на заедничкиот буџет на Унијата за периодот 2028–2034 година, доколку сите земји од ЕУ не придонесат кон финансирањето на Украина следната година и понатаму. Германија е најголемиот нето-уплатувач во буџетот на ЕУ и најголемиот билатерален донатор на Киев во Европа. Четирите земји што бараат изземање од финансирањето на Украина се, всушност, нето-корисници на средства од ЕУ.
Според тројца соговорници запознаени со ситуацијата, по заканата на Мерц, двете прашања, за финансирањето на Украина и заедничкиот буџет на Унијата, станаа меѓусебно поврзани. Лидерите на ЕУ ќе разговараат за двете прашања на самитот во Брисел на 26 и 27 ноември, со цел да се донесат одлуки до крајот на годината.
Поврзувањето на овие две теми, според изворите, е начин да се „заштити“ финансирањето на Украина од идни вета, бидејќи земјите што зависат од средствата на ЕУ би биле принудени да избираат меѓу поддршка за Киев или губење буџетски средства.
– Тоа ги зголемува влоговите, но истовремено значи дека нема шанси овие работи да се одвиваат паралелно. Станува збор за еден голем пакет на договор – изјави еден од соговорниците.
Лидерката на француската десница Марин Ле Пен, која води во анкетите пред претседателските избори во април, веќе изјави дека ќе ја прекине поддршката за Украина доколку го наследи Емануел Макрон. Сепак, други предупредуваат дека оваа тактика може да предизвика контраефект доколку земјите почувствуваат дека се уценувани.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта (во кое увид имал „Фајненшел тајмс“), напиша дека „договорот за идното финансирање на Украина не смее да биде услов за усвојување на следниот буџет на ЕУ“.
– Европската Унија мора да ја задржи способноста сама да ги дефинира и финансира своите долгорочни политики и приоритети, без оглед на тоа како ќе се одвива ситуацијата – додаде Бабиш.
Дури и земјите што ја поддржуваат Украина, како што е Република Ирска, изразија загриженост.
– Некои земји сега го поврзуваат ова со преговорите за буџетот на ЕУ, што кај мене предизвикува одредена загриженост, иако разбирам зошто – бидејќи некои земји дадоа навистина значителен придонес – изјави ирскиот премиер Мајкл Мартин на самитот на лидерите на ЕУ минатата недела. Р.С.