Инвестициите во транспортната инфраструктура се клучни за економското поврзување на земјите од регионот и за зголемување на нивната конкурентност на европскиот и светскиот пазар. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на 23. Виенски економски форум, каде ја презентираше инфраструктурната стратегија на Македонија и напредокот во изградбата на Коридорите 8 и 10.
Според Николоски, земјите од Југоисточна Европа поединечно имаат ограничени можности за настап на глобалниот пазар, поради што е неопходна посилна регионална соработка и заеднички економски пристап.
– Регионот е мал на светскиот пазар, но ако ја гледаме секоја држава посебно, тогаш е премала за да се натпреварува. Затоа треба да настапуваме заеднички како регион, и на европскиот и на светскиот пазар. Една од основите за развој на оваа соработка е поврзаноста, затоа што без поврзаност не може да има ниту бизнис – истакна Николоски во изјава за МИА.
Тој нагласи дека Владата стратешки инвестира во развојот на двата паневропски коридора, а вкупната вредност на проектите што се реализираат и подготвуваат се движи меѓу 5 и 6 милијарди евра.
Шест автопатски делници и големи инвестиции во железницата
Говорејќи за актуелните инфраструктурни активности, Николоски посочи дека во моментов се градат шест автопатски делници, од кои дел се на Коридорот 8, а дел на Коридорот 10д.
Меѓу проектите ги наведе делниците Охрид – Кичево, Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар и Гостивар – Тетово, како и автопатот Скопје – Блаце, кој ќе овозможи подобро поврзување со Косово и поширокиот регион.
На Коридорот 10д, пак, се работи на делницата Битола – Прилеп.
Покрај автопатската инфраструктура, вицепремиерот ги посочи и завршените експресни патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш и Страцин – Крива Паланка, како значајни проекти за подобрување на патната поврзаност.
Посебен акцент стави и на железничката инфраструктура, особено на источниот дел од Коридорот 8. Првата делница од Куманово до Бељаковце, во должина од 34 километри, е завршена, додека на втората, од Бељаковце до Крива Паланка, долга 31 километар, се работи. За третата делница, од Крива Паланка до влезот на прекуграничниот тунел, во должина од околу 24 километри, веќе е активен тендер.
Во соработка со Европската Унија се подготвува и развојот на западното железничко крило на Коридорот 8, со реконструкција и рехабилитација на пругата од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, а во следната фаза и до Кичево.
Николоски најави и дека подготвителните активности за изградба на брзата железница на Коридорот 10, од српската до грчката граница, се во завршна фаза, со очекување наскоро да започнат и градежните работи.
Целта, како што посочи, е Македонија да се позиционира како вистинска балканска крстосница, преку која ќе се поврзуваат регионалните пазари, ќе се олеснува трговијата и ќе се зајакнува економската и безбедносната соработка.
Вештачка интелигенција и поголема транспарентност во јавните набавки
Една од темите на Виенскиот економски форум беше и примената на вештачката интелигенција и современите технологии.
Николоски истакна дека Владата работи на нивно воведување во институционалните процеси, посочувајќи ги измените на Законот за јавни набавки како еден од примерите.
Со законските измени се предвидува користење дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција за автоматизирано следење на постапките, откривање неправилности и идентификување ризици.
Според Николоски, ваквиот пристап треба да придонесе за поголема транспарентност и поефикасно спроведување на јавните набавки, како и за добивање поконкурентни понуди.
Вицепремиерот втора година по ред учествува на Виенскиот економски форум, кој има повеќе од две децении традиција и претставува платформа за регионална економска соработка, европска интеграција и воспоставување контакти со потенцијални инвеститори.
На годинашниот форум, под мотото „Заедничка визија за заедничка иднина, стратешки предизвици“, учествуваа министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската Унија, членови на бордот на Форумот и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
































