Фото: Пиксабеј

Хакери за првпат употребиле систем од автономни агенти на вештачка интелигенција кои самостојно откриваат безбедносни пропусти во софтверот, развиваат начини за нивно искористување и извршуваат сајбер напади без човечка интервенција, предупреди „Гугл“ (Google).

Според најновиот извештај на групата за разузнавање за киберзакани на „Гугл“ (Google Threat Intelligence Group), откриен е систем наречен „exploit_agent“, кој користи повеќе јазични модели на вештачка интелигенција за автоматизирање на целиот процес – од пронаоѓање на ранливости до нивно искористување.

Истражувачите откриле изложен сервер на кој бил хостиран овој систем. Тој континуирано ги споредувал верзиите на популарни веб-апликации пред и по објавувањето безбедносни ажурирања, ги анализирал разликите, ги идентификувал потенцијалните слабости и автоматски создавал и извршувал напади.

Особено загрижувачки е фактот што системот функционирал без човечка интервенција, што според Google претставува прв ваков случај забележан од нивните истражувачи во реални кибернапади.

Во конфигурациските датотеки на системот биле пронајдени инструкции на руски јазик за поставување API-клучеви потребни за автоматско искористување на безбедносните пропусти. Сепак, „Гугл“ не го идентификувал конкретниот напаѓач ниту потврдил дека операцијата е поврзана со руската држава.

Податоците од серверот укажувале дека цел на операцијата биле француски интернет-страници од медиумскиот, забавниот и образовниот сектор. Истражувачите пронашле и украдени податоци, како и скрипти за дополнителни активности по пробивањето на системите.

Од „Гугл“ предупредуваат дека употребата на автономни „Ај-ај“-агенти значително го забрзува развојот на сајбернападите и им остава сè помалку време на организациите да ги заштитат своите системи по објавувањето безбедносни ажурирања.

Откритието доаѓа во време кога вештачката интелигенција сè почесто се користи за автоматизирање на различни фази од кибернападите, а експертите предупредуваат дека ваквите технологии би можеле да ја зголемат брзината, обемот и сложеноста на идните дигитални закани.