Илустрација/Фото: Пекселс

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против 31-годишен охриѓанец осомничен за насилство врз неговата 26-годишна девојка. Тој се товари за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Од Обвинителството информираат дека обвинетиот, при вршење семејно насилство, противправно ја затворил оштетената, физички ја нападнал, ѝ нанел повреди и ја загрозил нејзината сигурност.

По пријавувањето на случајот, јавниот обвинител презел повеќе истражни дејствија. Девојката била испитана во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за утврдување на видот и карактерот на повредите.

Заедно со обвинението, до Основниот суд во Охрид бил доставен и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Од Обвинителството посочуваат дека тој бил обезбеден во текот на целата постапка.

Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Охрид поднело кривична пријава против К.К. (31) поради сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.

Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ. По расправија што започнала во домот на осомничениот и продолжила во автомобил, тој физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од охридско.

Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница „Свети Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

Осомничениот бил лишен од слобода истиот ден, во 5:05 часот, и задржан во полициска станица.