Во МАНУ започнаа третите „Мисиркови денови“ посветени на стогодишнината од смртта на истакнатиот македонски интелектуалец Крсте Петков Мисирков
- Мисирков не бил само реформатор на јазикот и правописот. Тој бил првиот македонски интелектуалец што успеал да ги преточи националните чувства во јасно формулирана програма, да ги систематизира македонските политички и културни интереси и да им даде теоретска основа
Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) неделава се одржуваат третите „Мисиркови денови“, посветени на 100-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, еден од најзначајните македонски интелектуалци и автор на капиталното дело „За македонцките работи“. Одбележувањето на овој јубилеј е можност повторно да се отвори прашањето за историското значење на човекот што прв систематски, јасно и аргументирано го образложи македонството како посебна национална идеја.
Филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и
правопис, политички деец…
Крсте Петков Мисирков во македонската национална меморија останува запаметен како филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, публицист, собирач и истражувач на македонското народно творештво. Тој бил основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и во Софија, како и раководител на Тајниот македонско-одрински кружок во Санкт Петербург.
Но неговото најголемо историско значење не лежи само во јазичната реформа. Мисирков останува првиот Македонец што објавил целосна национална и политичка програма заснована врз посебноста на македонскиот народ, неговите интереси, култура и иднина. Објавувањето на „За македонцките работи“ во декември 1903 година претставува пресвртница во развојот на македонската национална мисла. Книгата се појавува непосредно по неуспехот на Илинденското востание, во време кога Македонија станува поле на судир на балканските национализми, а македонското население е изложено на силни политички, црковни и образовни пропаганди.
Иако пред него постоеле дејци што настојувале да ги афирмираат особеностите на македонскиот говор и култура, Мисирков бил првиот што ги преточил тие стремежи во заокружена национална програма. Поради тоа денес голем број истражувачи го сметаат за татко на македонистиката и за идеолог на модерната македонска национална мисла.
Во „За македонцките работи“ тој отворено предупредува дека соседните држави ги користат националните определби како средство за политичко потчинување на Македонија: „Имињата: Бугарин, Србин, Грк во Македонија се средство на малите држави за да нѐ заробат нас. Ако и ние ја сакаме нашата татковина и самите себеси, тогаш и ние треба да ги претпочитаме нашите месни македонски интереси пред општобугарските, општосрпските и општогрчките“. Во продолжение тој ја формулира суштината на својата национална програма: „Ние треба да создадеме таква положба – да нема во Македонија ни бугарски, ни српски ни грчки интереси, зашто таму нема Бугари, Срби и Грци, ами има само Македонци од словенско потекло и некои други македонски народности“.
Мисирков ја нагласува потребата од македонска национална посебност, културна автономија и сопствен литературен јазик
Овие ставови претставуваат едно од најјасните сведоштва за неговото сфаќање на македонството како самостојна национална категорија, различна од политичките проекти на соседните држави. Постои широка согласност меѓу историчарите дека кон крајот на 19 и почетокот на 20 век многу македонски револуционери и интелектуалци тактизирале во однос на националното прашање, приспособувајќи ги своите ставови кон сложените политички околности. Мисирков, пак, беше меѓу ретките што јавно и недвосмислено проговорија за потребата од македонска национална посебност, културна автономија и сопствен литературен јазик.
Неговите ставови биле поддржани и од дел од тогашните македонски дејци. Свештеникот Јурдан Ангелов подоцна сведочи дека по Илинденското востание во македонските кругови во Софија созреала идејата покрај политичката борба да се отвори и културен фронт за афирмација на македонскиот јазик и национален идентитет. Според неговите сеќавања, токму Мисирков бил меѓу главните застапници на таквата концепција.
Поради своите ставови, Мисирков бил изложен на напади, критики и на осуди, особено од бугарските националистички кругови. Неговите идеи биле оспорувани како опасни и штетни, а обидите за кодификација на македонскиот јазик биле прогласувани за „лудории“. Но и покрај жестоките реакции, тој никогаш не се откажал од своите убедувања. Тоа најдобро се гледа во неговите подоцнежни текстови. Во статијата „Македонскиот и бугарскиот национален идеал“, објавена во 1914 година, тој пишува: „Нека си мечтае Бугарија за своето проширување. Македонците тоа не ги интересира. На Македонците им е потребно повторно обединување и независност. На Македонците им треба не голема Бугарија, туку обединета и слободна Македонија“.
Во истиот текст, Мисирков изразува силна вера во историската издржливост на македонскиот народ и неговата култура: „Македонија е земја со древна словенска култура и никој нема да успее да ја искорени оваа древна словенска култура и на пустината да ги утврди своите интереси“.
Уште подиректен е во 1925 година во текстот „Самоопределување на Македонците“, каде што правото на национална самосвест го поставува како темел за секоја идна соработка меѓу балканските народи: „Дајте ни да си имаме свои, македонски национални чувства и да создаваме македонска култура, како што сме го правеле тоа со векови“. Во една од неговите најпознати реченици, која и денес претставува кредо на македонската национална афирмација, Мисирков нагласува: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов“. Тој дополнува и дека: „Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште“.
Преточување на националните чувства во јасно формулирана програма
Токму во овие зборови се содржи суштината на неговото дело. Мисирков не бил само реформатор на јазикот и правописот. Тој бил првиот македонски интелектуалец што успеал да ги преточи националните чувства во јасно формулирана програма, да ги систематизира македонските политички и културни интереси и да им даде теоретска основа.
Сто години по неговата смрт, делото на Крсте Петков Мисирков останува предмет на научни истражувања, историски дебати и политички толкувања. Но една работа е неоспорна: ако „За македонцките работи“ е манифестот на современата македонска национална идеја, тогаш Крсте Петков Мисирков е нејзиниот најјасен и најгласен толкувач. Она што многумина Македонци го чувствувале, тој прв го изложил систематски, аргументирано и без задршка, оставајќи сведоштво што и повеќе од еден век подоцна останува темел на македонската национална мисла.
































