АНАЛИЗА: ВАРШАВА ГО МЕНУВА КУРСОТ ИЛИ НЕ САКА ВЕЌЕ ДА ОДИ ПРЕДАЛЕКУ НАДВОР ОД ГРАНИЦИТЕ НА СОПСТВЕНИОТ ИНТЕРЕС?
- Одбивањето да финансира нова американска воена помош за Украина, предупредувањата до Москва за недопустливост за прекројување на европската безбедносна архитектура и руското барање за враќање на НАТО кон позициите од 1997 година ја ставаат Полска во необична политичка положба. Варшава не сака повеќе автоматски да ги следи очекувањата ниту на Киев ниту на Брисел, но не е подготвена ниту да го прифати рускиот предлог за Европа
Полска, земјата што со децении ја гради својата безбедносна доктрина врз основа на координацијата со либералните елити на Брисел во чија основа се „милитаристички концепт и ширење и наметнување страв од руското геополитичко враќање на истокот на Европа“, деновиве испраќа пораки што на прв поглед изгледа дека се противречни.
Полска нема да учествува со финансиски средства во иницијативата ПУРЛ
Имено, од една страна, Варшава одбива да издвојува дополнителни средства за американско вооружување на Украина преку механизмот ПУРЛ (купување американско оружје од САД за Украина), а од друга, остро предупредува дека „никаква нова европска безбедносна архитектура не може да биде договорена над главите на европските држави“.
– Во оваа дипломатска комбинација се крие многу повеќе од обична буџетска пресметка или несогласување околу темпото на помошта за Киев. Станува збор за обидот на Полска да ја редефинира сопствената позиција во момент кога војната во Украина сè повеќе се претвора во преговори за идниот поредок на европскиот континент. Премиерот Доналд Туск, по неформалниот самит на европските лидери во Даблин, соопшти дека Полска засега нема да учествува со финансиски средства во иницијативата ПУРЛ, преку која европските сојузници купуваат американско оружје и муниција за украинската армија. Образложението засега е финансиско. Имено, да потсетиме дека Полска веќе издвојува повеќе од 4 отсто од својот БДП за одбраната, има високи буџетски расходи и забрзано ја модернизира сопствената армија. Според Туск, Варшава досега дала значителна помош за Украина, но не може бесконечно да презема нови финансиски обврски на сметка на сопствената безбедност. Токму тука започнува полската стратегија на балансирање. Односно, помошта за Украина останува, но не по секоја цена и не на штета на полските национални приоритети – вели наш соговорник, дипломат од кариера.
Две спротивставени пораки на Варшава: солидарност со Киев, но пред сè – безбедност за Полска
Одлуката на Туск сигурно не се доживува со воодушевување во Киев. Украина се соочува со недостиг од финансиски средства за ПУРЛ, а европските придонеси се особено важни во пресрет на зимата и новиот бран руски напади врз енергетската инфраструктура.
– Би било погрешно веднаш оваа одлука да се толкува како полско свртување против Украина. Варшава и понатаму останува едно од најважните логистички упоришта за западната воена помош, продолжува со хуманитарната и енергетската поддршка, а најави и дополнителни осум милиони злоти за набавка на генератори за украинските потреби. Полската калкулација, според мене, е поинаква. Имено, државата што се наоѓа на источниот раб на НАТО не сака сопствената одбранбена способност да ѝ зависи од неизвесноста на американската политика, европските буџетски компромиси или од продолжувањето на војната во Украина. Во оваа смисла, Варшава прави разлика меѓу поддршката на украинската државност и обврската да го финансира секој нов механизам за воена помош. Тоа е разлика што сè повеќе ќе ја определува европската политика кон Киев. Но полската позиција станува уште позначајна кога ќе се постави во контекст на руската дипломатска иницијатива од Абу Даби – вели нашиот соговорник дипломат, во врска со новите индикации на планот на надворешната политика на Полска, особено во однос на Украина.
За потсетување, според извештаите за рускиот нонпејпер, доставен во рамките на разговорите на 10 ноември, Москва повторно ги актуализирала барањата за преуредување, односно враќање во претходната состојба на европската безбедносна архитектура. Суштината на руската позиција е НАТО да се врати кон воената конфигурација од 1997 година, односно да се ограничат или да се повлечат воените капацитети и активности на НАТО во државите што ѝ пристапиле по таа година. Во практична смисла, тоа би значело и ограничување на безбедносната положба на Полска, балтичките држави и на другите источноевропски членки на НАТО. Со други зборови, Москва бара интегрален приод на прашањето за Украина, и да стане дел од многу поширока спогодба за распределбата на влијанието и военото присуство во Европа. Руската дипломатска формулација за „неделива безбедност“ така добива сосема конкретна содржина, односно да има ограничување на стратешките можности на Алијансата во која членуваат и нејзините соседи. А засега, за Полска, тоа е неприфатлива основа за преговори – анализира дипломатот.
Варшава не сака ниту руска ниту европска политичка капа
Варшава предупреди дека Полска нема да прифати нова безбедносна архитектура предложена од Вашингтон или од Москва. Премиерот на Полска, Доналд Туск, во јавноста изјави дека не прифаќа нова безбедносна европска архитектура без учество на европските влади. На самитот на Европската политичка заедница во Даблин, тој порача дека „никој нема право да воспоставува нови безбедносни правила над главите на Полјаците и Европејците“. Особено е чувствителен фактот што Полска не била поканета непосредно да учествува во американско-руско-украинските разговори.
– За земја што е членка на НАТО од 1999 година, која се граничи со Украина и Белорусија и која претставува едно од клучните упоришта на источниот фронт на Алијансата, ваквото исклучување е сериозен дипломатски сигнал. Тука се открива и вистинската противречност во полската позиција. Варшава не сака да биде дисциплиниран следбеник на секоја иницијатива на Брисел и на Европската комисија, особено кога станува збор за распределбата на финансиските и безбедносните обврски. Но истовремено не сака ниту да стане објект на големата геополитичка трговија меѓу Путин и Трамп. Затоа полското оддалечување од автоматската европска солидарност не треба да се меша со напуштање на западниот безбедносен систем. Напротив, Варшава бара поголемо влијание во неговото обликување. Не е случајно што европските лидери неодамна договорија Полска да биде дел од петорката европски држави – заедно со Франција, Германија, Италија и Велика Британија – што ќе ја претставуваат Европа во идните разговори за Украина и европската безбедност, покрај институциите на ЕУ и НАТО. Тоа е важна промена во дипломатската тежина на Варшава. Полска веќе не е само источна граница на Европа туку претендира да биде еден од централните учесници во дефинирањето на нејзината иднина – вели нашиот брифер, искусен дипломат од кариера, додавајќи дека Варшава засега се обидува да го избегне и едното и другото. Не се откажува од Украина, не го напушта НАТО и не ја прифаќа руската понуда за враќање на старите геополитички граници. Но јасно става до знаење дека во новата европска игра нема повеќе да биде само сојузник што ги исполнува туѓите очекувања. Полска сака да биде фактор што одлучува. А токму во тоа лежи нејзиното најголемо двоумење – како да ја зачува западната безбедносна припадност, а притоа да ја извојува сопствената геополитичка самостојност – завршува со анализата за новите ветришта од Варшава, во врска со прашањето за Украина, нашиот соговорник, дипломат со големо искуство во меѓународните односи и дипломатија. Р.С.
































