„Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани, а без информиран народ демократијата ризикува да се претвори во празна форма, лишена од сопствената суштина“, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на отворањето на 20. Југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026, што денеска се одржува во Скопје.
Обраќајќи се пред учесниците на форумот, организиран под мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“, претседателката нагласи дека новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора да ја преиспитува секоја форма на моќ.
Таа истакна дека посветеноста на вистината и етичките принципи е потребна повеќе од кога било, потсетувајќи дека низ генерациите новинари ги бранеле своите професионални принципи и покрај тоа што поради тоа губеле работни места, завршувале во затвор и се соочувале со бројни тешкотии.
– Новинарството бара посветеност на вистината и чувство за јавниот интерес, за res publica. За мене, политиката отсекогаш била дијалог, никогаш монолог. Несогласувањето и комуникацијата се во нејзината суштина – рече Силјановска-Давкова.
Според неа, демократијата е облик на политичка комуникација меѓу власта и народот, а во современите општества разбирањето на политиката во голема мера се формира преку медиумите – телевизијата, весниците, радиото, интернетот и социјалните мрежи.
Претседателката посочи дека масовните медиуми не се само канали за пренесување информации, туку и важен дел од политичкиот процес, бидејќи влијаат врз распределбата на моќта во општеството. Новинарите, како што рече, не се само известувачи за настаните, туку и активни учесници во обликувањето на јавниот простор.
Таа оцени дека слободниот печат е една од клучните одлики на демократијата, бидејќи преку поттикнување јавна дебата, политичко учество и контрола на власта придонесува за функционирањето на демократските институции.
Медиумите имаат и образовна улога, бидејќи овозможуваат политичка дебата и создаваат јавен форум во кој академската заедница, деловните лидери, синдикатите, различните интересни групи и граѓаните можат да ги изразат своите ставови.
Осврнувајќи се на медиумите како контролор на власта, Сиљановска-Давкова нагласи дека оваа улога може ефикасно да се остварува само доколку новинарите се вистински независни и не се под доминација на владата, за да можат да ги преиспитуваат нејзините активности и да ги разоткриваат злоупотребите на моќта.
Истовремено, таа предупреди дека медиумската содржина не секогаш им нуди на граѓаните широк и избалансиран опсег на политички гледишта, туку може да биде оптоварена со политички пристрасности. Масовните медиуми, според неа, не подлежат секогаш на целосна јавна одговорност и понекогаш претставуваат пример за „моќ без одговорност“.
Претседателката укажа и на симбиотската врска што често постои меѓу медиумските професионалци и политичката елита, нагласувајќи дека владите и медиумите не се секогаш спротивставени страни. Медиумите, како што рече, во минатото биле контролирани директно или индиректно и користени како пропагандна машинерија, додека поволното претставување на информациите и политиките, познато како спин, станало една од главните преокупации на многу современи влади.
Силјановска-Давкова праша дали може да постои вистински јавен живот без информирани граѓани и дали демократијата може да биде повеќе од формална процедура ако граѓаните немаат пристап до проверени информации и не можат да ги разликуваат фактите од конструираните содржини, аргументите од пропагандата и вистината од привидот.
– Токму тука лежи суштината на новинарството, во неговата незаменлива улога да овозможи јавниот простор да биде достапен за знаење, критика и преиспитување на предрасудите – рече таа.
Говорејќи за влијанието на дигиталните технологии, претседателката посочи дека тие го трансформирале начинот на кој луѓето го доживуваат светот, но демократската потреба останала иста – граѓаните да знаат, да разбираат и самостојно да формираат мислење.
Таа нагласи дека новинарството не е само хроника на настаните, туку и сведоштво за правото на јавноста да биде добро информирана. Информирањето, според неа, подразбира и избор за тоа што ќе биде претставено како важно, кому ќе му биде дадена можност да зборува и кои настани ќе бидат ставени во преден план, а кои ќе останат на маргините.
Осврнувајќи се на новите предизвици, Сиљановска-Давкова предупреди дека во ерата на видеократијата и демократијата на спектаклот сликите сè повеќе ги заменуваат објаснувањата, а алгоритмите стануваат посредници меѓу настаните и граѓаните. Вештачката интелигенција, според неа, отвора извонредни можности, но истовремено покренува прашања за автентичноста, авторството и веродостојноста на информациите.
Повикувајќи се на истражувањето на Институтот „Ројтерс“ за 2026 година, таа посочи дека социјалните мрежи и видеоплатформите за првпат станале најкористениот глобален извор на вести, додека довербата во вестите изнесува 37 проценти.
– Зарем тоа не е еден од големите парадокси на нашето време – информациите никогаш не биле подостапни, а довербата во нив можеби никогаш не била толку кревка? – праша претседателката.
Таа се осврна и на безбедноста и условите за работа на новинарите, посочувајќи дека зад секоја информација стои човекот што ја создава. Новинарите известуваат од места на несреќи, пожари, вооружени конфликти и човечки трагедии, често изложени на непредвидливи ризици.
Повикувајќи се на податоците на Меѓународната федерација на новинари, Силјановска-Давкова информираше дека во 2025 година биле убиени 128 новинари и медиумски работници, меѓу кои девет смртни случаи биле класифицирани како несреќни случаи.
Таа додаде дека статистиката не може целосно да ги прикаже невидливите последици од професијата, како психолошкиот товар од постојаната изложеност на трауматични настани, стресот, исцрпеноста, проблемите со вработувањето и постојаниот притисок од роковите.
– Не смееме толку да го романтизираме новинарскиот повик што ќе ги занемариме условите во кои се врши оваа професија. Слободата на медиумите подразбира и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност за вас, новинарите – порача претседателката.
Таа истакна дека одговорното новинарство не се препознава само според способноста да ги разоткрива грешките на другите, туку и според подготвеноста критички да се преиспитува самото себе. Брзината, како што рече, може да биде технолошка предност, но точноста останува професионална обврска. Критичкото новинарство не смее да се поистоветува со пристрасноста, ниту слободата на изразување да се сфати како ослободување од одговорноста за објавеното и кажаното.
На крајот од обраќањето, Силјановска-Давкова порача дека на новинарството денес му се потребни храброст, знаење, независност, самокритичност, слобода и професионални стандарди.
– Можеби најважното прашање не е само какви медиуми сакаме, туку и какво општество сакаме да бидеме. Општество во кое информацијата е инструмент за манипулација или општество во кое таа е предуслов за слободно расудување? Општество во кое гласноста го заменува аргументот или општество во кое вистината има предност пред сензацијата? – истакна претседателката.
Таа заклучи дека новинарите се набљудувачи, сведоци и толкувачи на времето во кое живееме, но и чувари на јавната меморија, предупредувајќи дека општеството што нема да ја зачува вистината за сопственото време ризикува да ја загуби способноста да ја обликува својата иднина.
































